Моларна бременост
Што е моларна бременост
Кај моларната бременост наместо нормална плацента, се развива маса од цисти со форма на грозд. Кај оваквата бременост може воопшто да не постои ембрион или пак може да постои ембрион, со тешки оштетувања и никогаш не резултира со живо бебе.
Моларната бременост настанува заради грешка во процесот на оплодување. На нејзината појава не може да се влијае и не е ничија вина. Постојат 2 типа на моларна бременост:
Комплетна моларана бременост или комплетна мола. Оваа бременост се случува кога генетскиот материјал во јајце клетката е деактивиран или го нема. Нема хромозоми од мајката, тоа се надокнадува со 2 хромозомски гарнитури од таткото. Бидејки нема генетски материјал од мајката не се формира ембрион, туку само деформирани клетки од плацента, која ја исполнува матката.
Делумна моларана бременост или делумна мола. Кај оваа бременост доаѓа до оплодување на јајце клетката со 2 сперматозоида и наместо нормалните 46 хромозоми, има 69. Освен ненормално плацентално ткиво, може да биде делумно присутно и нормално ткиво од плацента, како и тешко оштетен ембрион. Во многу ретки случаи може да настане близначка бременост, и може да има еден нормален близнак, но и тој многу брзо бива загушен од абнормалното ткиво на плацентата.
Симптоми на моларна бременост
Молараната бременост најчесто започнува со истите симптоми како и секоја нормална бременост. Сепак има некои карактеристични симптоми:
- Околу десеттата седмица обично се јавува темно кафено крварење.
- Силно гадење и повраќање.
- Интезивен раст на матката, а понекогаш матката може да остане помала од тоа што би требало.
- Зголемени вредноси на хормонот hCG, во споредба со нормалната бременост.
- Висок притисок или ран развој на прееклампсија.
- Проблеми со тироидната жлезда и типични симптоми за тоа: изнемоштеност, жештина, забрзано чукање на срцето, потење ит.н.
Ризични групи за моларна бременост
Моларната бременост се јавува многу ретко и точните причини за нејзината појава не се знаат. Малку поголем ризик има кај:
- Жени постари од 40 години.
- Ако претходно веќе имало една моларана бременост. Во овој случај шансите да се јави повторно се 1-2%.
- После спонтан абортус.
- После вонматерична бременост.
- Некои испитувања покажуваат дека се јавува почесто кај жени, кои во исхраната немаат доволно каротен (форма на А витамин).
Третман на моларна бременост
Моларната бременост е трауматично искуство за двата родители. Не само што е загуба на бременоста, туку може го загрози здравјето на жената и да премине во канцерогена состојба.
За да се заштити жената, моларното ткиво мора целосно да се отстрани од телото на жената. Кај повеќето жени по отстранувањето на ткивото, ќе нема последици. Сепак кај 20% од целосната и кај 2-5% од делумата мола, ткивото продолжува да егзистира и може да премине во канцер.
Моларната бременост најчесто завршува рано со спонтан абортус и ткивото е исфрлено од матката на жената, не оставајки последици по нејзиното здравје.
Понекогаш ако не дојде до спонатано исфрлање на бременоста, и се забележи молата на ултразвук, се прави киретажа за да се отстрани целото ткиво. Кај најголем број од случаите по киретажата ќе нема потреба од дополнителни интервенции.
После киретажата задолжително редовно се следи нивото на hCG хормонот во крвта. Овој хормон се лачи од плацентата и кога нема бременост неговото ниво е нула или е многу мало (помалку од 5 единици).
Понекогаш ако останат клетки од молата и продолжат да растат, преминуваат во канцер. Во таков случај нивото на hCG ќе продолжи да расте. Во тој случај ако има потреба се повторува киретажата или се дава хемотерапија, за да се спречи понатамошниот раст на клетките во матката или нивното проширување во другите органи, односно треба да се спречи метастазирање на канцерот .
Ако нивото на hCG падне на нула, се смета дека нема потреба од дополнителни интервенции. Хормонот продолжува да се следи во период од 6 месеци до една година за да се осигура дека не останала никаква трага од молата.
Се препорачува жената да не се обидува со нова бременост во текот на една година, за да може да се потврди дека молата е целосно отстранета. Потребно е hCG да биде нула во продолжение од 6 последователни месеци за да се заклучи дека болеста е санирана. Ова продолжено следење се прави затоа што понекогаш може после пад на хормонот, да дојде до повторно активирање.
По истекот на една година, жената може повторно да забремени