Петнаесетта седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од бременоста?

Мајката:

За да може матката непречено да се шири, останатите органи се повлекуваат. Можеби веќе нема да можете да јадете поголеми оброци, туку ќе треба да јадете помалку, но почесто.

Во овој период е честа појавата на: киселини, проблеми со варењето на храната и подуеност. Задржувањето на течности е исто така честа појава, а тоа значи дека е можно кај вас да се јавува отеченост.

Заради огромните промени во вашиот организам можна е и појава на расеаност, како и неспретност при движењето. Не се вознемирувајте, тоа е нормално во бременоста.

Доколку оваа недела почуствувате многу нежни движења, како крилја од пеперутка, тоа е вашето бебе. Но повеќето мајки нема да ги почувствуваат движењата оволку рано.

Совет: Заради тоа што се променува центарот на рамнотежа, заедно со другите промени на вашето тело, препорачливо е да ги замените високите потпетици со чевли со ниска потпетица. Не се обидувајте да се стегате во старата облека. Тесната облека заменете ја со покомотна.

Докторите препорачуваат во текот на бременоста да се спие на лева страна, за да може бебето да има непречен дотек на крв. Доколку стомакот веќе ви прави проблеми при спиењето, обидете се да си направите поудобна положба, со разместување перници околу вас.

За да ги намалите отоците обидете се да внесувате помалку сол и да пиете повеќе течности.

Од следната недела вашето бебе ќе почне да расте побрзо од било кога до сега, па потрудете се да го снабдите со доволно хранливи материи.

Распрашајте се за тоа што навистина ќе ви биде потребно за доаѓањето на бебето, затоа што маркетинг агенциите ве гледаат како голема потенцијална жртва. Поголемиот дел од работите што се нудат за бебињата се совршено непотребни. Тоа ќе ви заштеди многу пари.

Бебето:

Вашето бебе сега има многу тенка и прозирна кожа. Кога би можеле да го видите, би ги приметиле крвните садови низ неа.

Коските стануваат се поцврсти и поцврсти.

Неговото тело е покриено со многу нежни влакненца, а тоа ќе биде така се до 26-та недела.

Оваа недела се појавуваат и неговите веѓи и трепки на очните капаци. Иако очните капаци се сеуште затворени, вашето бебе веќе може да ја чувствува светлината.

Заради голтањето на плодовата вода која го опкружува, можно е бебето поинтензивно да ика. Икањето на бебето понекогаш ќе можете да го почувствувате. Белите дробови постојано се развиваат, во нив веќе се пројавуваат движења, кои понатаму ќе му помагаат при дишењето.

Просечната должина на бебето во оваа седмица е околу 12 см, а тежи околу 65 грама.

Таткото:

Држете ја мајката што почесто во прегратка. Испитувањата покажуваат дека колку повеќе е прегрнувана мајката, толку таа повеќе ќе го прегрнува бебето. Ако таа копа по вашите алишта, не се вознемирувајте, не сте единствен татко на кој му се случува тоа.

 

bremenost nedela 15

Бебе во 15-та седмица на бременост