Триесет и седма седмица од бременоста
Што се случува во оваа недела од бременоста?
Мајката:
Како што се приближува денот на породувањето, вагиналниот исцедок може да стане уште пообилен. Тоа може да се случи и затоа што пред почетокот на породувањето почнува да се раствара мукозниот чеп. Мукозниот чеп всушност е тој, кој што ја чуваше матката запечатена и ја штитеше од инфекции за време на целата бременост.
Ако вашето бебе се роди кон крајот на неделава, тоа нема да се смета за предвремено раѓање.
Многу жени во последните неколку недели од бременоста се чувствуваат полни со енергија и почнуваат со интезивно чистење и уредување на домот. Тоа е начин да се подготви местото за доаѓањето на бебето.
Од друга страна веројатно ви е тешко да се движите и спиете. Киселините, подуеноста, проблемите со варењето на храната остануваат до крај.
Понекогаш лекарот може да советува да се индуцира породувањето пред време. Тоа може да го направи во случај ако:
- Нешто го загрозува развојот на вашето бебе н.пр. заради недоволно примање хранливи материи преку плацентата.
- Некои состојби во бременоста, кои го загрозуваат вашето здравје нпр. труднички дијабетис или преклампсија. Кога вашето здравје е загрозено, тоа се одразува и на вашето бебе. На пример при преeклампсијата, ако се повиши крвниот притисок кај мајката, тоа автоматски предизвикува да нема доволно доток на крв за бебето.
- Ако се надноси бебето.
- Ако породувањето е почнато, но не напредува како што треба,
Совет: Иако се чувствувате полни со енергија, дозволете му на телото да го добие потребниот одмор. Искористете го ова кратко време што Ви останува за да се опуштите и колку можете повеќе да уживате во него. Колку и да ви изгледа неверојатно, еден ден ќе ви недостасуваат тие клоцања што ги чувствувате во вашето тело.
Бебето:
Вашето бебе сега е целосно развиено. Сите системи и органи функционират совршено.
Од оваа недела неговиот раст и качување на тежината нагло ќе опадне. Бебето до крајот на бременоста, само ќе вежба за животот надвор. Заради тоа што вежбањето на дишењето го прави со течност, наместо со воздух, можеби често ќе го чувствувате неговото икање.
Неговите коски се уште не се целосно отврднати. Тоа ќе го олесни чинот на раѓањето. Целосното стврднување на коските ќе се случи дури по породувањето.
Просечната должина на бебето сега е околу 48.5 см, а просечната тежина околу 2850 грама.
Таткото:
Помогнете и на мајката во средувањето на куќата и подготовките за доаѓањето на бебето. Ако се уште не сте го монтирале автоседиштето за бебето, направете го тоа сега. Бидете подготвени, бебето може да стаса во секој моментет.
Бебе во 37-та седмица на бременост