Петта седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од бременоста?

Мајката:

Искрени честитки. Веројатно веќе добивте позитивен резултат на Вашиот тест за бременост и сте свесни дека во Вашата утроба веќе се случува чудото на животот. Можеби сте најсреќната жена на светот, можеби се уште сте збунети, сето тоа е нормално во овој период.

Многу од симптомите што ги чувствувавте претходната седмица, продолжуваат и понатаму. Ова е време кога почнувваат и типичните симптоми за бременост:

Умор и поспаност, како резултат на промените, на кои телото се обидува да се приспособи.

Утрински мачнини, кои всушност можат да бидат и вечерни или пак понекогаш и целодневни мачнини.

Болка, зголемување, осетливост на градите и појава на видливи вени на нив.

Главоболки, како резултат на промените во хормоналната рамнотежа.

Зачестено мокрење, зголемено излачување на плунка, метален вкус во устата, осетливи непца ит.н.

Заппомнете дека симптомите се индивидуални. Се разликуваат не само кај секоја жена, туку и кај различни бремености кај една иста жена. Некои жени не чувствуваат никакви симптоми, кај некои пак се многу силно изразени. Ова нека не ве загрижува. Сепак ако одеднаш ги изгубите вашите труднички симптоми би било добро да се јавите кај Вашиот лекар.

[color=#800080]Совет:[/color] Одмарајте, можеби во Вашата рутина ќе треба да одвоите време и за попладневна дремка. Не се оптоварувајте со грижи и стравови за Вашата бременост. Наместо да се грижите, обидете се да обезбедите што поудобен дом за Вашето бебе во наредните девет месеци.

Значи: внимавајте на исхраната, внесувајте што повеќе свежо овошје и зеленчук (задолжително добро измиени), исфрлете секакви штетни навики. Ако пушите, сега е време да престанете. Целосно исфрлете го алкохолот. Дури и кога се работи за мала количина, дејството на алкохолот бебето го чувствува многукратно посилно од Вас.

Ако досега не сте почнале да земате таблети со фолна киселина, сега е крајно време и за тоа. Фолната киселина игра многу важна улога во спречувањето на појавата на вродени дефекти на неуралната туба кај бебето, а таа се формира во првите 28 дена од зачнувањето.

Ако се уште не сте го направиле тоа до сега, сега е момент и кога треба да изберете лекар, за кој сметате дека најуспешно ќе ја контролира Вашата бременост.

Бебето:

Во овој стадиум на бременоста, забрзано се формираат срцето и циркулаторниот систем. Срцето на Вашето бебе веќе почнува да чука, иако е се уште рано за да се слушне на ехо. Просечната големината на бебето во оваа недела се движи од 1.5-2.5 мм. Во повекето случаи може (но не мора) да се забележи гестационата кеса при ултразвучен преглед со трансвагинална сонда.

Таткото:

Можеби едвам чекате на сите да разгласите за бременоста на Вашата сопруга или пак се чувствувате збунето. Сето тоа е нормално, дури и кога бременоста била планирана и очекувана. Обидете се да ги споделите Вашите чувства со Вашата сопруга, ова е нова ситуација и за двајцата. Не пропуштајте да ја искорисите оваа прилика за да ја продлабочите Вашата врска. Сега има уште нешто помеѓу Вас, кое ќе ве поврзува цел живот.