Одлепување на плацентата

Што е одлепување или одвојување на плацентата

Плацентата или постелката е многу важен дел и учествува во хранењето на бебето, доводот на кислород, преку неа се прочистува крвта на бебето, го штити од разни инфекции ит.н. Плацентата излегува од утробата на мајката, неколку минути после раѓањето на бебето.

Одвојувањето на плацентата е сериозно пореметување, кое се јаува ретко, во 1% од бременостите. Кај оваа појава доаѓа до прерано одвојување (лупење) на плацeнтата од ѕидот на матката. Одлепувањето може да биде делумно или целосно.

Доколку се работи за случај кога одлепувањето е мало и не напредува, последиците не мора да бидат тешки. Доколку пак се работи за потежок случај, може да биде попречено хранењето и дишењето на бебето.

Најчесто се јавува во третото тромесечие, но понекогаш може да се јави после 20-тата седмица.

Одлепувањето на плацентата е причина за околу 10% од прераните породувања (пред 37 седмица). Од другите компликации што може да ги предизвика се: бебето да се роди со премногу мала килажа и понекогаш крварењето може да го доведе во опасност животот и на мајката и на бебето. Околу 15% од оваквите случаи завршуваат со смрт на бебето.

Доколку Ви биде поставена оваква дијагноза, имајте впредвид дека врз состојбата може да се влијае доста успешно, а врз успешноста на третманите многу голема улога има благовременото реагирање.

Причини за одвојување на плацентата

Следните работи може да го зголемат ризикот од појава на одлепување на плацентата:

  • Прееклампсија или висок притисок.
  • Пушење.
  • Употреба на дроги.
  • Удар во пределот на стомакот, на пример при сообраќајка или пад.
  • Прерано пукање на плодовите мембрани.
  • Премногу мала количина на плодова вода или дехидратација.
  • Бременост со близнаци, тројки ит.н.
  • Некои заболувања кои вклучуваат проблеми со згрутчување на крвта.
  • Возраст над 35 години.
  • Инфекција на матката.
  • Миоми на матката, особено ако плацентата е прикачена на делот каде што се наоќа миомот.
  • Ако во претходната бременост, веќе сте имале одлепена плацента.

Симптоми на одлепување на плацентата

Кај одлепена плацента најчесто се јавуваат следните симптоми:

  • Вагинално крварење. Ова е најкарактеристичниот симптом. Иако кај 20% од случаите крварењето може да изостане.
  • Осетливост на матката.
  • Болка во стомакот.
  • Контракции на матката.
  • Пореметување на ритамот на чукањето на срцето.

Доколку приметите било какво крварење или сметате дека нешто не е во ред, веднаш јавете се кај Вашиот лекар. Колку порано ќе се констатира дијагнозата, толку поголеми се шансите за успешен третман.

Крварењето може да биде со различен интензитет, од благо крварење па се до големи изливи. Понекогаш не се јавува крварење затоа што крвта се собира меѓу плацентата и ѕидот на матката и не истекува надвор.

Не секое крварење значи дека се работи за одлепување на плацентата. Крварење се јавува и кога се работи за плацента превиа, а понекогаш крварењето може да се јави заради некој полип на грлото на матката и сл.

Ако имате RH- крвна група, при првото крварење во второто или третото тромесечие, треба да примите инекција со RH имуноглобулини.

Третман на одвоена плацента

Третманот ќе зависи од тоа две работи: од тежината на случајот и од староста на бременоста.

Доколку се работи за благ случај, кога мајката е при крај на бременоста, лекарот може да препорача да се изврши породување со провокација или со царски рез.

Доколку се работи за благ случај, но во порана бременост, веројатно ќе Ви биде препорачано да лежите и ќе бидете под постојана лекарска контрола, за ако е можно бременоста да се продолжи колку е можно повеќе.

Доколку лекарот процени дека постои опасност бебето да се роди помеѓу 24 и 34-тата седмица од бременоста, на пациентката може да и се дадат кортикострероиди, за да се забрза зреењето на белите дробови кај бебето. Вообичаено се стреми кон тоа бременоста да се продолжи колку е можно повеќе, за да се избегнат можните компликации кај бебето, заради предвременото породување.

Кај тешки случаи на одлепување на плацентата, кога бебето е во опасност или мајката има тешко крварење, најбезбедна варијанта е веднаш да се изврши породување.

Како да го намалите ризикот за одлепување на плацентата

Врз некои работи не можете да влијаете, но врз некои можете. Она што можете да го направите е следното:

  • Држете го крвниот притисок под контрола. Доколку ви се препишани медикаменти против висок крвен притисок, земајте ги според препишаното упатство.
  • Доколку пуштите, престанете со пушењето.
  • Чувајте се од повреди, при возење врзувајте го појасот. Бидете внимателни во текот на целата бременост.
  • Доколку имате некое нарушување поврзано со згрутчувањето на крвта, разгварајте со Вашиот лекар за можните лекарства кои треба да ги примате во бременоста.