Перинеална масажа

Со цел да ја избегнат потребата од епизотомија или раскинување на перинеалниот дел (делот помеѓу вагината и анусот) за време на породувањето, многу жени во последните 4-6 седмици од бременоста практикуваат така наречена перинеална масажа.

Што е тоа перинеална масажа

Перинеалната масажа се прави со цел перинеумот да се направи поеластичен за време на породувањето. Често пати непосредно пред породувањето, за да не дојде до спонтано раскинување, лекарот прави рез на делот помеѓу вагината и аналниот отвор (епизотомија). Перинеалната масажа се практикува со цел да се избегнат сечењето и раскинувањето.

Колку ткивото околу перинеумот ќе биде поподготвено за растегнувањето при породувањето, толку се помали шансите дека ќе дојде до раскинување или потреба од епизотомија.

Според една студија во која биле вклучени 2434 жени, се утврдило дека со практикување на оваа масажа се намалил % на извршени епизотомии. Воедно драстично бил намален бројот на жени, кои се жалеле на болка во делот на перинеумот, 3 месеци по породувањето.

Користа од перинеална масажа

Го стимулира дотокот на крв во перинеумот и помага во побрзото заздравување после породувањето.

И помага на жената да се подготви за чувството на притисок и растегање, кои се случуваат за време на породувањето. Тоа ке и помогне да биде поопуштена.

Според сведочењето на некои бабици, кожата на перинеумот кај жените кои ја практикувле масажата, подобро се растегала подобро околу главата на бебето. Исто така овие жени имале поголема контрола при излегувањето на главата на бебето, биле подготвени за она што го чувствувале, не се плашеле и не го забрзувале породувањето.

Кога не треба да се практикува перинеална масажа

Перинеалната масажа треба да се избегнува ако жената има актвиен херпес, кандида или било каква вагинална инфекција. Во таков случај инфекцијата би можела да се прошири и да дојде до влошување на состојбата.

Исто така многу важно е масажата да се прави правилно. Треба да се избегнува делот околу мочниот отвор за да не дојде до инфекции на мочните патишта.

Како се прави перинеална масажа

Со перинеална масажа се започнува 4-6 седмици пред породувањето. Постојат повеќе видови на перинеална масажа, тука ќе објасниме еден од нив. Потребно е масажата да се практикува секој ден до породувањето.

  • Добро измијте ги рацете, ноктите нека ви бидат потсечени.
  • Најдете удобно место и седнете или легнете на грбот во удобна позиција. Некои жени преферираат да лежат на страна и да ја ставаат раката од зад грбот.
  • Користете сончогледово или маслиново растително масло, без додадени мириси. Намачкајте ги со него палците, работ на отворот на вагината и околината.
  • Ставете го едниот или двата палца околу 2-4 см во вагината. Притискајте надолу и странично во исто време. Нежно, но цврсто продолжете да растегнувате надолу, се додека не почувствувате слабо печење или боцкање.
  • Задржете го притисокот така околу 2 минути, додека местото малку не отрпне и веќе толку не го чувствувате печењето или боцкањето.
  • Продолжете да притискате со палците. Полека и нежно масирајте ја долната половина на вагината, со движења напред – назад. Правете го ова по 3-4 минути. Запомнете треба да го избегнувате делот околу отворот за мокрење. Започнете со блага масажа, а притисокот зголемете го кога местото нема да биде толку осетливо.
  • Додека масирате, нежно растегнувајте го долниот дел од вагината нанадвор со палците во вид на куки. Ова помага да се растегне кожата, како што ќе се растегне кога ќе излегува главата на бебето.
  • Ако не можете сами да ја правите масажата, можете да го замолите вашиот сопруг.

После една седмица практикување на перинеалната масажа, би требало да приметите дека местото станува поеластично и повеќе се растегнува.

Немојте да претерувате со притисокот, затоа што се работи за нежен дел и би можело да дојде до повреда или отекување. Исто така повторно ќе нагласиме дека треба да се избегнува делот околу отворот за мокрење, за да не дојде до инфекција на уринарните патишта,

Во едно испитување во 1999 г. учествувале жени, на кои им било кажано да ја практикуваат перинеалната масажа по 10 минути дневно, почнувајки од 34-35 тата седмица од бременоста.

Резултатите покажале дека кај жените кои ја практикувале масажата, а се работело за прво вагинално породување имало 9.2% повеќе породувања без никакво оштетување на перинеумот во споредба со жените кои не ја практикувале оваа масажа.

Додека кај жените кои претходно имале вагинален породување, оваа разлика била 2.5%.

Заклучоците од студијата биле дека перинеалната масажа помага да се намали шансата да дојде до повреда на перинеумот кај жени при прво вагинално породување, но не и кај жените кои веќе претходно имале вагинално породување.

Бавното, контролирано породување е многу важно за да не дојде до оштетување на перинеумот. Затоа треба да ги слушате инструкциите на бебицата или лекарот, кои ќе ви кажуваат кога да давате напон, а кога да се опуштите, но перинеалната масажа ќе ви даде поголема контрола врз породувањето.

Епи но

Епи но е апарат дизајниран од акушери, кој помага да се намали шансата за потреба од епизотомија. Се состои од балон, кој се става во влезот на вагината и полека се пумпа, до точка на растегање и удобност. Потоа се опуштаат мускулите на вагината и се остава балонот полека да излезе. Тоа ја припрема мајката за чувството кое ќе го има кога ќе се раѓа бебето. Со секојдневна употреба ткивото ке станува се поеластично и балонот ќе можете да го пумпате повеќе.

Епи но се употребува од 36-тата седмица на бременоста. Може да се употребува во комбинација со перинеалната масажа.