Породување
Фази на породувањето
Секоја бременост секако дека завршува со породување. Породувањето се одвива во 3 фази.
Прва фаза на породувањето
Пред да започне породувањето, телото на жената веќе трпи низа промени како подготовка за породувањето. Поради тоа не е секогаш лесно да се каже кога породувањето всушност почнува.
Кога бебето е спремно да се роди, се случува промена во хормонскиот статус на мајката. Како резултат на промената на хормоните, цервиксот - односно вратот на матката почнува да се истенчува, скратува и омекнува. Тоа придонесува да падне чепот од мукус кој ја запечатуваше Вашата матка во текот на брменоста.
Чепот може да падне неколку часа, но и неколку дена пред самото породување. Понекогаш тој може да падне дури и неколку недели пред породувањето. Некогаш се забележува неговото паѓање, а понекогаш едноставно постепено се топи и жената може да примети само зголемен вагинален секрет.
За време на породувањето се ослободуваат хормони кои ги предизвикуваат и контракциите на матката. При контракциите мускулите на матката се стегаат и опуштаат. Како резултат на тоа вратот на матката се скратува, а грлото почнува да се отвара.
Контракциите со текот на времето стануваат се посилни и почести. На почетокот може да се јавуваат на секои 30 мин, а понатаму времето помеѓу две контракции ќе се скрати на 2-3 минути.
Кога ќе се јави контракцијата, тоа можеби ќе го почувствувате како притисок кој се шири во Вашиот стомак, болки во грбот, колковите и долниот дел од стомакот.
Како што се приближува раѓањето, контракциите стануваат се посилни и поболни.
Вистинските контракции се разликуваат од лажните (т.н. Брекстон-Хиксонови контракции, кои се всушност вежба на телото за породувањето) по тоа што вистинските контракции стануваат се почести и посилни, се јавуваат на одредени временски интервали и времето помеѓу две контракции постепено се скратува, не запираат дури и ако ја промените положбата на Вашето тело.
Лажните (Брекстон-Хиксонови контракции) се јавуваат без временски редослед и најчесто ако ја промените положбата: н.пр. ако се придвижите или легнете, целосно може да исчезнат.
За да утврдите за какви контракции станува збор, мерете го времето помеѓу две контракции. Ако се јавуваат на одреден временски интервал или тој се скратува, се работи за породилни болки.
Ако не сте сигури подобро да отидете во болница за да се осигурате, па макар и да се работело за лажни болки и да бидете вратени дома. Секогаш е подобро да изберете да бидете на сигурно.
Друга работа што се случува за преме на породувањето е пукањето на водењакот. Водењакот е водената обвивка, која го држеше Вашето бебе. Како што се отвара вратот на матката, доаѓа до негово пукање. При пукањето, течноста може да истече наеднаш или пак да истекува постепено. Кога ќе се случи пукањето на водењакот, веднаш јавете се кај Вашиот лекар.
Првата фаза од породувањето продолжува се додека вратот на матката не се отвори целосно, односно околу 10 см. Доколку ова не Ви е прва бременост, траењето на оваа фаза од породувањето веројатно ќе биде пократка во однос на првата бременост. Просечното траење на првата фаза од породувањето е од 12-19 часа.
Втора фаза на породувањето
Втората фаза е фаза кога всушност бебето ќе се роди. Оваа фаза обично трае 1-2 часа.
Како што главата на бебето се спушта пониско, веројатно ќе чувствувате силен нагон да притискате надолу. Во притискањето ќе Ви помогнат и контракциите.
За време на контракциите мајката притиска надолу, а во паузите се одмора. Контракциите во оваа фаза може да бидат поретки, но затоа се подолги. Вашето тело синхронизирано ќе дејствува само од себе, за да се изврши чинот на породувањето. Како што Вие ќе пристискате, Вашето бебе ќе се спушта се пониско, се додека да дојде до излезот на вагината.
Често пати се случува лекарот да направи мал рез, за да го прошири вагиналниот отвор, оваа интервенција се вика епизотомија.
Најчесто прво ќе излезе главата, па рамениците и остатокот од телото на бебето. Со тоа завршува втората фаза од породувањето.
Понекогаш ако бебето е свртено наопаку, лекарот може пред породувањето да се обиде да го сврти во положба со главата надолу.
Трета фаза на породувањето
Во третата фаза плацентата преку која бебето се хранеше, се исфрла надвор од телото на мајката. Оваа е најкратката фаза и обично се случува 5-30 мин после раѓањето на бебето.
Потоа доколку била извршена епизиотомија, лекарот ја шие раната и спремни сте да го прифатите Вашето бебе.
Кога бебето ќе се роди, не личи на бебињата од рекламите. Можеби на него ќе може да се видат траги од белата сиреста материја (верникс), која го штитеше од течноста во утробата, или ќе има остатоци од влакна по телото, можеби ќе има црвени белези ит.н. Сепак за Вас тоа ќе биде најубавото бебе на светот.