Предвремено породување

Што е предвремено породување

Најголемиот број бремености траат 38-42 седмици, иако како термин за породување се зема 40-тата седмица.Како предвремено породување се смета она кое се случило пред 37-та седмица од гестациската бременост. Предвременото породување со себе си носи разни компликации, зависно од тоа во кој стадиум на бременоста се случило. Често пати доведува до проблеми во понатамошниот раст и развој на детето или смрт на бебето. Последиците се толку поголеми колку што порано ќе се случи. Доколку дојде до предвремено породување после 34 седмица, шансите за долготрајни последици се многу помали.

Предвременото породување е компликација, врз која често пати може да се влијае со правилно и редовно контролирање на бременоста. Понекогаш може да се избегне само со мирување или мирување и соодветни лекарства.

Постојат ризични групи кај кои предвременото породување е почесто и треба внимателно да се следат.

Сепак половина од жените кај кои се случува предвремено породување не спаѓаат во овие групи.

Затоа е многу важно секоја бремена жена да ги познава знаците на предвремено породување. Колку побрзо ќе се реагира, има поголеми шанси да се намалат можните компликации. Понекогаш ако породувањето е неизбежно, од голема помош е да се одложи за само 24 часа и жената да прими лекарства, кои ќе го забрзаат зреењето на белите дробови на бебето. На тој начин можно е да се избегнат многу поголеми оштетувања, па и смрт на бебето. Научете да ги следите знаците и доколку сметате дека е можно да се работи за предвремено породување, веднаш јавете се кај Вашиот лекар. Можеби се работи за лажна тревога, но сепак е многу посигурно.

За ризични групи се сметаат:

  • Жени кои претходно веќе имале предвремено породување.
  • Жени бремени со близнаци, тројки ит.н.
  • Жени кај кои има некаков проблем со матката или цервиксот на матката.

Сепак иако спаѓате во некоја од овие групи не значи дека задолжително предвремено ќе се породите. Само ќе биде потребна поголема внимателност и редовно следење на бременоста.

Причини заради кои може да дојде до предвремено породување

Ова е многу комплексно прашање и сите можни причини не е можно да се утврдат. Сепак може да се направат некои паралели. Според некои испитувања за предвремено породување може да придонесат и следните фактори:

  • Пушење, пиење алкохол или употреба на дроги.
  • Напорна работа, со долги периоди на стоење на нозе.
  • Стрес. Изложеноста на стрес ги зголемува шансите за предвремено породување. Според некои теории тоа е затоа што хормоните, кои телото ги ослободува при изложеност на стрес го провоцираат породувањето.
  • Физичко или психичко домашно насилство.

Исто така и некои заболувања кај мајката може да доведат до предвремено породување:

  • Вагинални инфекции како: вагинална бактериоза, Хламидија или Трихомонас. Бактериите може да ги ослабат околуплодовите обвивки и да предизвикаат нивно прерано пукање или инфекција на плодовата вода.
  • Инфекција на мочните патишта.
  • Заболување на бубрезите.
  • Висок крвен притисок.
  • Дијабетес.
  • Тромбофилија.
  • Премала телесна тежина пред бременоста.
  • Недоволно качување на тежина во бременоста.
  • Преголема телесна тежина.

Некои состојби на плацентата и матката носат значителен ризик:

  • Плацента превиа . Тоа е пемногу ниска поставеност на плацентата. Понекогаш може целосно или делумно да го покрива отворот низ кој треба да помине бебето. Често пати доведува до предвремено породување.
  • Одлепена плацента . Во овакви случаи плацентата се одвојува од матката премногу рано и доаѓа до предвремено породување.
  • Преголема матка, ова често се јавува во случај на повеќеплодна бременост.
  • Некомпетентен цервикс . Во овој случај цервиксот се отвара премногу рано и доаѓа до породување.

Други фактори може да бидат:

  • Бременост со ИВФ.
  • Растојание помеѓу две бремености помало од 9 месеци.
  • Дефект кај бебето
  • Ако жената е постара од 35 години ит.н.

Знаци на предвремено породување

Доколку почувствувате некој од следниве знаци, задолжително јавете се кај Вашиот лекар. Можеби ќе Ви биде советувано да испиете 2-3 чаши вода и да легнете на левата страна, тоа понекогаш може да ја смири ситуацијата. Понекогаш може да се јават сите знаци на предвремено породување заедно, но некогаш може да бидат присутни само некои, а породувањето да почне. Внимавајте на следните знаци:

  • Контракции, имате чувство дека стомакот се стега како тупаница во редовни временски интервали нп.р. на секои десетина минути.
  • Ако видите некаква промена во вагиналниот исцедок. Нп.р ако се јави пообилно излевање на водликава или слузава течност, било какви траги од крв и сл.
  • Ако чувствувате притисок во долниот дел од стомакот. Чувството може да биде како бебето да притиска надолу.
  • Грчеви, слични на менструалните.
  • Болки во стомакот, кои може но не мора да бидат придружени со пролив.
  • Болки во долниот дел од грбот.

На никого немојте да му дозволувате да Ве убедува дека овие работи се нормални во бременоста. Се работи за животот на Вашето бебе. Можеби е лажен аларм, но подобро да бидете на сигурно. Понекогаш лекарствата може да помогнат да се спречи или одложи предвременото породување. Некогаш само 24 часа може да направат голема разлика во шансите за преживување на бебето.

Што можете вие да направите за да го спречите предвремното породување

Понекогаш предвременото породување не може да се спречи, но можете да обратите внимание на следните работи:

  • Редовно одете на пренаталните контроли и известете го Вашиот лекар за што Ви е сомнително.
  • Грижете се за себе: внимавајте на исхраната, одмарајте, избегнувајте стрес и сл.
  • Научете ги знаците на предвремено породување. Запомнете дека колку побрзо ќе се реагира, толку е помал ризикот за Вашето бебе.