Прееклампсија

Што е прееклампсија

Прееклампсијата е состојба, која се јавува исклучително во текот на бременоста. Вообичаено се јавува после дваесетата седмица од бременоста. Прееклампсијата се одликува со висок крвен притисок и зголемено количество на протеини во урината. Освен овие, карактеристични симптоми за прееклампсијата се следните :

  • Нагло отекување на рацете, нозете и лицето.
  • Нагло покачување на килажата, заради задржувањето на течности во организмот.
  • Болки во стомакот. При прееклампсијата обично болките се јавуваат во горниот дел од стомакот, под ребрата.
  • Тешки главоболки.
  • Намалено количество на урина или изостанување на мокрењето.
  • Гадење и повраќање.

Ако ги приметите овие симптоми, под итно заминете во болница. Тоа ќе го спречи преминот на прееклампсијата во еклампсија и можните компликации. Имајте впредвид дека отекувањето не значи дека се работи за прееклампсијата. Извесно отекување е нормално кај секоја бременост. Исто така и високиот крвен притисок во бременоста, не значи дека страдате од прееклампсија, иако тоа е знак дека треба редовно да ја следите состојбата. Кај прееклампсијата е карактеристично тоа што високиот притисок е пропратен со зголемено количество на протеини во урината.

Еклампсијата пак е тежок облик во кој може да премине прееклампсијата. Еклампсијата кај мајката може да предизвика: грчеви како кај епилептичните напади, мозочен удар, оштетување на мозокот, па дури и смрт. Само кај една од 100 жени со прееклампсија, доаѓа до развој на еклампсија. Значи шансите се многу мали, но сепак треба да се превземат соодветни мерки за да се избегне тоа.

Ризични групи за прееклампсија

Прекламсијата се јавува кај околу 7% од бремените жени. Постојат некои ризични групи, кои имаат поголеми шанси развивање на прееклампсија. Доколку спаѓате во една од нив, наместо да се грижите, многу важно е да ги следите нејзините знаци и доколку се јави, благовремено да се интервенира. Групи со поголем ризик се следните:

  • Ако се работи за прва бременост или прва бременост од различен партнер. Шансите да се јави прееклампсија во втората бременост со ист партнер, доколку не сте ја имале во првата се многу мали.
  • Ако во првата бременост сте имале прееклампсија. Тоа не значи дека мора да се јави и во втората, но имате поголеми шанси за да ја добиете повторно.
  • Доколку во семејството некој имал прееклампсија, особено ако се работи за Ваша сестра или мајка.
  • Ако носите близнаци , тројка или повеќе бебиња.
  • Ако претходно сте имале висок крвен притисок.
  • Ако претходно сте имале дијабетис.
  • Ако претходно сте имале проблеми со бубрезите.
  • Ако имате анти-фосфолипоидни антитела.
  • Ако страдате од претерана угоеност.
  • Ако имате над 40 години.

Можни компликации кај прееклампсијата

а) Компликации од прееклампсија кај мајката

  • Еклампсија.
  • Проблеми со бубрезите, црниот џигер и белите дробови.
  • Проблеми со згрутчувањето на крвта.
  • Мозочен удар, односно крварење во мозокот.
  • Хемолиза, односно распаѓање на крвните клетки.
  • Тешко крварење од плацентата.

б) Компликации од прееклампсија кај бебето

При еклампсијата дотокот на крв преку плацентатата е намален. Како резултат на тоа бебето не прима доволно крв. Тоа може да предизвика:

  • Успорување на неговиот раст и раѓање со помала телесна тежина.
  • Бебето покасно може да има проблеми со учењето, видот, слухот, може да доведе до епилепсија ит.н.
  • Има зголемена опасност од предвремено породување.

Сепак нема потреба од паника. Ризикот за развој на сите овие компликации се намалува со благовремено дијагностицирање и третирање на болеста.

Што ја предизвикува прееклампсијата

Точната причина не се знае. Се смета дека оваа болест е поврзана со плацентатата.

Според некои претпоставки се работи за недоволно развивање на крвните садови во плацентата. Тоа предизвикува бебето да не може да прими доволно кислород и хранливи материи.

Бидејки шансите за појава на прееклампсија се поголеми ако во семејството веќе имало такви случаи, се смета дека можеби се работи за генетска предизспозиција.

Третман на прееклампсија

Еднинствен вистински лек за прееклампсијата е да се роди бебето. Откако ќе се роди бебето, излегува и плацентата. Со тоа причината за болеста веќе ја нема.

Доколку се работи за случај на блага прееклампсија, со не превисок крвен притисок (до 140 / 90), мало количество протеини во урината и не многу изразени други симптоми, прееклампсијата се третира доста успешно и со медикаменти. Тука спаѓаат: магнезиум, инфузии, антихипертензици и сл.

Доколку се работи за потежок случај на прееклампсија, често пати се врши хоспитализирање на мајката и постојано следење на состојбата. Се превземаат мерки за одржување на бременоста до крај. Сепак понекогаш има потреба да се изврши предвремено породување.

Дали ќе се изврши предвремено породување, ќе зависи од повеќе фактори:

  • Колкави се ризиците за мајката од продолжување на бременоста.
  • Колкави се ризиците за бебето, ако се одржи бременоста. Се смета дека колку повеќе се приближи терминот за породување, толку е подобро за бебето. Сепак во ретки случаи на потешка прееклампсија, продолжувањето на бременоста, може негативно да се одрази врз бебето (во случај да не прима доволно кислород или хранливи материи).
  • Колкави се шансите на бебето да преживее надвор.

Лекарот може да Ви предложи предвремено породување, доколку смета дека ризикот од продолжување на бременоста е поголем, отколку ризикот од предвременото породување. Сепак запомнете дека од најголема важност е навременото дијагностицирање и третирање на болеста.