Техника на прогресивно опуштање

Опуштеноста е една од најсуштинските вештини потребни за природно породување. Опуштеноста за време на породувањето ќе направи тоа да биде помалку болно и пократко, затоа што голем дел од болката при породувањето доаѓа од згрченоста на мускулите. Обидете се да бидете опуштени барем помеѓу две контракции. За да можете да бидете поопуштени се препорачува во бременоста да почнете да вежбате како да се опуштите.

Вештината на опуштање е потребна затоа што при породувањето ќе чувствувате работи кои ќе ве деконцентрираат. Само за пример, обидете се да се опуштите и да држите коцка мраз во дланката, веројатно дека нема да можете да ја одржите опуштеноста подолно од неколку минути. Затоа е потребна вежба.

Техниката на прогресивно опуштање е изумена во дваесеттите години од минатиот век од страна на лекарот Edmund Jacobson. Тој бил интернист, психијатар и психолог и ја развил техниката со цел да им помогне на неговите пациенти. Се покажала како успешна и се користи и ден денес во цел свет. Техниката на прогресивно опуштање може да помогне за контрола на стресот, страв, несоница, загриженост, тензиска главоболка, висок крвен притисок итн.

Она што е важно е дека може да биде од голема помош кај природното породување. Со вежбање ќе научите да ја препознавате и да станувате свесни за затегнатотоста или опуштеноста на мускулите во вашето тело. Свесноста за затегнатоста на некој мускул ќе ви помогне да се фокусирате на неговото опуштање.

Пред да започнете да вежбате да се опуштате, еве некои совети:

  • Најдете тивко место на кое нема да бидете вознемирувани.
  • Носете удобна, широка облека.
  • Подобро е да вежбате пред, отколку по оброкот.
  • Одбререте време во кое нема да заспиете.
  • Откако ќе ја завршите вежбата, полека станете за да избегнете да ви се замати во главата.

Техниката на прогресивно опуштање се состои во тоа да го насочите вашето внимание во една по една мускулна група и да ги опуштате. Почнете на пример со тоа што ќе го почувствувате вашето десно стопало, почуствувајте ја напнатоста и опуштете го целосно, почувствувајте ја неговата тежина. Потоа поминете на потколеницата и повторете го истото и породолжете со другите делови од вашето тело. Се додека не бидете потполно опуштени. Можеби на почетокот нема да бидете многу успешни, но по една недела веројатни ќе имате добри резултати.

Опуштањето можете да го вежбате по следниот редослед:

  1. Десното стопало
  2. Десното стопало со подколеницата
  3. Целата десна нога
  4. По истиот редослед повторете со левата нога
  5. Десната подлактица и дланката
  6. Целата десна рака
  7. По истиот редослед повторете со левата рака
  8. Стомакот
  9. Градите
  10. Вратот и рамењата
  11. Лицето

Откако ќе ја усовршите техниката на релаксација (најверојатно ќе ви биде потребна една недела вежбање по два пати дневно), можете да поминете на скратената форма, опуштајте ги:
 

  • Нозете
  • Стомакот и градите
  • Вратот, рамењата и рацете
  • Лицето

Други работи кои можат да ви помогнат за опуштање при породувањето е слушањето на музика која ве опушта и визуелизацијата.

Позитивната визуелизација е многу силен алат. Жените кои се уверени во способноста на нивното тело за успешно породување, навистина најчесто го поминуваат полесно. Наместо да се плашите и да мислите на болката, мислете на тоа како наскоро ќе го држите вашето бебе во раце.