Како да им поставите ограничувања на малите деца

Веројатно како и секој родител на мало дете зборот НЕ е многу често на вашата уста: не го удирај брат ти, не го ставај тоа во уста, тоа не е играчка, не оди таму, не трчај ... и така во недоглед. Сепак имајте во предвид дека зборот НЕ се враќа како бумеранг, колку повеќе вашето дете ќе го слуша, толку повеќе и ќе го изговара. Judy Arnall, автор на книгата "Discipline Without Distress" дава неколку совети како да го избегнете зборот не, без да ја напуштите дисциплината.

Користете позитивни наредби

Иако зборот НЕ вам ви изгледа директен, вашиот тодлер може да не го разбира. Малите деца не разбираат дека тоа значи да "не се прави нешто". За нив тоа е апстрактен концепт. Наместо тоа, кажете му на детето што сакате да направи. Нпр. речете му: ајде да одиме полека, наместо да му речете: не трчај или речете: да зборуваме тивко, наместо: не викај итн.

Обезбедете ја собата за игра

Направете катче за игра на детето, кое ќе биде безбедно и каде ќе има простор за да истражува. Така ќе се поштедите и себе си и него од многу фрустрација и кажување НЕ. За неколку години вашето дете ќе знае зошто нешто не смее да се фаќа, но додека да ја развие таа вештина подобро тие нешта да му бидат надвор од дофат.

Пренасочете го вниманието на детето

Кога детето ќе се фокусира на нешто што сметате дека не треба да го прави, насочете го неговото внимание на нешто друго. Ако сакате да го тргнете детето од нешто покажете му нешто друго што за него ќе биде уште повозбудливо и вниманието спонтано ќе му биде одвлечено од несаканиот објект.

Употребете допир

Бидејки малите деца сеуште учат да го користат јазикот, многу често физичкиот допир може да биде покорисна комуникација од зборовите. Уште подобро, користете контакт очи во очи придружен со допир за да му го свртите вниманието и за да го задржите неговиот фокус. Нпр. спуштете се на негово ниво и ставете ги вашите раце на неговите рамења за да може право да гледа во вас. Така шансите да ве разбере и слушне ќе бидат многу поголеми.

Штедете го зборот НЕ за посериозни ситуации, како удирање или гризање, тогаш вашето НЕ ќе има поголемо влијание. Што кога детето ќе каже НЕ? Колку можете почитувајте го неговото НЕ. Кажувањето НЕ е неопходна вештина во животот и не сакате да ја згаснете кај вашето дете. Ќе има ситуации кога ќе сакате да каже НЕ јасно и гласно и притоа да биде слушнато.