Постпородилна - постнатална депресија
Постнаталната депресија (ПНД) се смета дека се јаува кај околу 10-15% од новите мајки.
Не се работи за хир на мајката, туку за сериозна состојба.
Кај многу мајки по породувањето може да се јави: плачливост, тага, напнатост, загриженост, умор и сл. За ова се смета дека се заслужни големите промени кај хормоните, кои настануваат по породувањето. Обично после ден-два ситуацијата се нормализира.
Постанаталната депресија не е исто со овие промени на расположението. Тоа е многу посериозна состојба. За разлика од другите мајки, чии чувства се стабилизираат и почнуваат да уживаат во радоста на мајчинството, мајките кои страдаат од постпородилна депресија стануваат се потажни и позагрижени.
Најчесто ПНД започнува во првиот месец по породувањето, но кај некои жени може да се јави и после неколку недели, па и месеци после породувањето. Овие жени во почетокот уживале и се радувале грижејки се за своите бебиња, но постепено почнале да стануваат се подепресивни.
Времетраењето на постпородилната депресија варира од неколку недели до неколку месеци, а понекогаш и подолго.
Симптоми на пост-породилна депресија
Подолу ќе ги наброиме најчестите симптоми на постпородилна депресија. Не значи дека боледувате од депресија ако повремено чувствувате некој или неколку од овие симптоми. Сепак мајчинството е тешка работа, која бара физички, психички и емотивни напори. Тоа понекогаш може да биде навистина исцрпувачко.
Сепак ако ги имате повеќето од наведените симптоми и се постојано присутни, побарајте стручна помош.
Симптоми на постпородилна депресија се:
- Се чувствувате тажно во поголем дел од денот, особено навечер или наутро.
- Животот Ви изгледа безсмислен и на ништо не се радувате.
- Чувствувате вина и се осудувате сами себе.
- Рздразливост.
- Плачливост.
- Неможност да уживате во самите себе.
- Чувство на исцрпеност
- Несоница
- Ја имате изгубено смислата за хумор.
- Не можете да се справите со обврските, чувствувате дека Ви недостасува време за да постигнете се што е потребно.
- Постојано сте загрижени за Вашето бебе. Постојано се плашите дека ќе му се случи нешто лошо и постојано барате од лекарот да Ве убедува дека се е во ред.
- Загрижени сте за сопственото здравје. Можеби се плашите дека имате некоја болест.
- Неможност да се сконцентрирате на било што.
- Бебето го чувствувате како туѓо.
- Губење на сексуалата желба.
- Проблеми со губење на помнењето.
- Тешкотии при доносувањето на одлуки.
- Губење на апетитот или прејадување.
Ризични групи за постпородилна депресија
Лекарите се уште не можат да утврдат зошто некои жени страдаат од ПНД, а други не. Сепак има некои фактори кои значат зголемен ризик. Ризикот е зголемен во случај:
- Ако претходно сте страдале од депресија.
- Ако сте биле депресивни во текот на бременоста.
- Ако сте имале тежок пораѓај.
- Ако сте ја загубиле Вашата мајка, додека сте биле дете.
- Ако немате партнер кој Ве поддржува или блиски од семејството.
- Ако Вашето бебе е предвремено родено.
- Ако имате финансиски или други поголеми тешкотии.
Како можете да си помогнете сами на себе си
- Препознајте го проблемот. Многу важно е да препознаете дека се работи за ПНД. Многу полесно е кога знаете со што се борите. За многу луѓе е утешно тоа што знаат дека многу други минуваат низ истото. Не сте сами, а ова е само минлива состојба.
- Пазете на својата исхрана. Ако го имате изгубено апетитот обидете се да јадете помали, но почести оброци. Запомнете дека појадокот е најважниот оброк, немојте да го прескокнувате. Јадете доста јаглени хидрати. Ако чоколадото може да Ве развесели, изедете една штангла. Сепак внимавајте сите оброци во текот на денот да не Ви се претворат во јадење слатки. Обратете внимание да јадете доволно овошје и зеленчук. Балансиранта исхрана е важна за правилното функционирање на организмот.
- Одмарајте.
- Обидете се колку можете повеќе да се одмарате и да се опуштите. Слушајте музика која Ве опушта, прочитајте некоја книга, напијте се топол пијалок, едноставно направете го тоа што најдобро ќе Ви помогне да се опуштите.
- Не се осудувајте самите себе си.
- Треба да разберете дека сте болни и дека Ви е потребно време за да се опоравите. Не сте такви затоа што нешто сте згрешиле или затоа што сте слаби. Депресијата е болест, како и другите болести. Не сте Вие виновни за тоа што Ви се случува. Не бидете строги кон самите себе си, дајте си време, големите одлуки не мора да се донесат веднаш. По некое време ќе се чувствувате подобро.
- Разговарајте за проблемот.
- Можеби ќе сакате да разговарате со лекар. Во секој случај многу може да помогне и разговор со блиска личност, која поминала низ истото или пак некој со кого можете да ги споделите своите чувства.
Како можат да помогнат ближните и семејството кога мајката е во пост-породилна депресија
Важно е да разберете дека мајката е болна.
Разговарајте со лекар, за подобро да Ви помогне да ја сфатите природата на оваа болст. Кога ќе разберете дека се работи за болест и кога ќе научите како можете да помогнете, ќе се чувствувате подобро.
Запомнете дека оваа состојба на мајката е привремена. Со текот на времето ќе се чувствува подобро.
- Разговарајте со неа и укажете и на можноста да побара лекарска помош.
- Придружувајте ја на посетите кај лекарот.
- Не и велете да се прибере самата себе си. Ако можеше, таа ќе го направеше тоа
- Помогнете и околу домашните обврски, како и обврските околу бебето.
- Ако се плаши, бидете со неа.
- Охрабрувајте ја и потсетувајте ја дека ќе и биде подобро.
- Ако се работи за Вашата жена, обратете и внимание како на жена, не само како на мајка на Вашето бебе. Најдете некој да го причува бебето и одвојте време за да го поминете заедно со неа.
- Веројатно и Вас Ви е тешко да ја гледате во таква состојба. Сепак обидете се да ја разберете и да не се чувствувате огорчено или отфрлено. Неа навистина и е потребна целата Ваша поддршка.
Ризик од пост-натална депресија со следното бебе
Во случај кога мајката претходно страдала од депресија, ризикот од ПНД е поголем. Постои веројатност да ја доживеете и со следното бебе, но тоа воопшто не е правило. Многу жени кои страдале од ПНД, следното маајчинство го поминале сосема нормално.
Дури и повторно да се појави ПНД и при следното бебе, веќе ќе бидете запознаени со симптомите, па ќе можете благовремено да реагирате и ќе знаете што да очекувате.
Како да се избегне пост-породилна депресија
На ова прашање не може да се одговори со сигурност. Сепак голема улога има начинот на кој ќе ја поминете бремненоста.
Од многу големо значење може да биде тоа дали во текот на бременоста сте опкружени со поддршка и дали породувањето го дочекувате спремно и опуштено.