Постпородилна инфекција
Породувањето ја остава жената подложна на разни инфекции. Се проценува дека инфекции се случуваат после околу 8% од породувањата. Подложноста на инфекции доаѓа од таму што има отворена рана во матката (каде што била прикачена плацентата), возможни се распукнатини на цервиксот или перинеумот (делот помеѓу вагината и анусот), епизотомија, доколку бил направен царски рез тогаш има присуство на рана.
Но пост-породилни инфекции можат да се јават и на бешиката или бубрезите, доколку имало потреба да биде наместен катетар или инфекција на градите - маститис.
Поголем ризик од пост-породилна инфекција сепак има кај жени кои се породиле со царски рез или кај оние кај кои дошло до предвремено пукање на водењакот. Исто така до инфекција може да дојде, доколку дел од плацентата остане во матката или пак се случило напукнување на грлото на матката.
Симптоми на пост-породилна инфекција
- Болка во долниот дел од стомакот.
- Висока температура. Доколку се појави 2 дена едно по друго во првите 10 дена по породувањето, се смета дека се работи за пост-породилна треска.
- Црвенило, оток, жештина или зголемена болка во пределот на раната (без разлика дали се работи за рана од царски рез или епизотомија) или пак изгледа како раната да ќе се рашири.
- Потешкотии при мокрењето, болно мокрење, заматена или крвава урина, чувство дека морате да мокрите, а не можете или пак испуштате само мало количество на урина, се знаци дека се работи за инфекција на уринарниот тракт.
- Болка, тврдост, жестина и црвенило на едната града, придружено со висока температура, болка во мускулите, изнемоштеност, главоболка, се знаци на маститис - воспаление на градата.
Што можете вие да направите
- Внимавајте на можните симптоми на инфекција. Доколку забележите нивно присуство, веднаш јавете се кај вашиот лекар.
- Внимавајте на хигиената. Никогаш не го допирајте преинеалниот дел со неизмиени раце. После вршење нужда секогаш бришете се од напред, кон назад – на тој начин ќе спречите да се пренесат бактериите од цревата во вагината.
- Никако немојте да користите тампони.
- Одмарајте колку можете повеќе, иако тоа е прилично тешко кога сте мајка на новороденче.
- Пијте многу течности.
Дали инфекциите се опасни
Инфекциите доколку соодветно не се третираат, можат да бидат опасни. Инфекција на матката може да доведе до згрутчување на крвта. Инфекција на бубрезите, може да предизвика проблеми со бубрезите. Доколку инфекцијата се прошири низ крвниот систем, може да дојде до сепса, односно труење на организмот. Во секој случај инфекциите го отежнуваат пост-породилниот период и ја трошат силата на мајката, која би ја вложила во поврзување со своето бебе. Затоа е многу важно, при првите знаци на било каква инфекција, веднаш да појдете на лекар, за да примите блговремена терапија пред да дојде до несакани компликации.
Терапијата ќе се состои од антибиотици. По неколку дена од почетокот на терапијата, веројатно ќе дојде до подобрување, сепак примете ја до крај, за да бидете сигурни дека инфекцијата е целосно излечена и дека нема да се обнови. Доколку нема подобрување, известете го лекарот, можеби ќе треба да го смените антибиотикот или пак има некоја друга причина за инфекцијата.
Пијте многу течности за да избегнете дехидратација и за да му овозможите на телото полесно да се избори со инфекцијата.