Постпородилно крварење

Дали е нормално пост-породилното крварење

Да, постпородилното крварење се јавува кај сите жени, без разлика дали се породиле вагинално или со царски рез. Кога плацентата се одвојува од матката, останува отворена рана, односто остануваат отворени крвните садови кои ја хранеле плацентата, па од таму и крварењето.

Вашето тело во бременоста доби околу 50% повеќе крв, така да е добро приготвено за овие губитоци на крв.

По раѓањето на бебето се исфрла и плацентата. Потоа матката почнува со интезивни контракции за да се намали нејзината површина, а со тоа и да се намали површината која крвари. На тој начин се намалува крварењето.

Во превите денови по породувањето исцедокот е со светло црвена боја и може да содржи парчиња згрудена крв, особено ако подолго време сте лежеле. Крварењето во првите денови е отприлика како обилна менструација, а понекогаш и пообилно. Ако се е во ред количството на крв треба да се намалува од ден на ден. После првите 3-4 дена, течноста станува поводликава и добива розова боја. Постепено количината на исцедокот се намалува и бојата се менува од розова во белузлаво – жолтеникава.

Должината на траењето на ова крварење е различна кај различни жени, најчесто трае неколку седмици.

Може да се случи црвената боја откако веќе исчезнала, повторно да се појави за време на доење или поинтезивно вежбање и сл., но количината на исцедокот значително се намалува после 10-14 дена и веќе ја има белузлаво - жолтата боја.

На што да внимавате

  • Користете исклучиво влошки. Во никој случај немојте да употребувате тампони во првите 6 седмици по породувањето.
  • Мокрете често, дури и кога не ви се мокри. Во првите денови по породувањето чувствителноста на бешиката може да се намали и да не чувствувате потреба за мокрење и кога е полна. Полната бешика пак притиска на матката и ги отежнува нејзините контракции, а со тоа се зголемува и продолжува крварењето.
  • Одмарајте. Понекогаш заради преоптовареност откако веќе сопрело црвеното крварење, може повторно да се појави. Ако тоа се случи, дозволете си повеќе одмор. Ако и покрај тоа црвеното крварење продолжува, консултирајте се со вашиот лекар.

Тешко крварење

Иако е нормално да има крварење после породувањето, кај 2% од жените доаѓа до тешки крварења или хеморагија. Најчесто овие крварења се јавуваат после долги породувања, породување кај повеќекратна бременост или ако има некоја инфекција на матката.

Тешките пост-породилни крварења се третата причина за смртност кај родилките.

Најчеста причина за овакви крварења е тоа што по исфрлањето на плацентата, матката не може добро да се контрахира или пак дошло до раскинување на цервиксот или матката.

Ако матката не може да се контрахира добро, на жената може да и биде даден хормон окситоцин за да се помогнат контракциите. При доењето телото самото испушта дополнителни количини на окситоцин, што помага во намалување на крварењето. Заради таа причина и кога го доите бебето, може да почувствувате посилни контракции или болка во матката. Ако има големо губење на крв, се дава трансфузија.

Ако крварењето започнало по 1-2 седмици после породувањето, тоа може да е знак дека во матката останало парче од плацентата. Во таков случај можеби ќе биде потребна хируршка интервенција.

Доколку приметувате дека имате тешки крварења, откако веќе сте отпуштени од болница, веднаш јавете се кај вашиот лекар.

Кога да побарате лекарска помош заради крварењето

  • Ако крварењето наместо да се намалува, уште повеќе се зголемува.
  • Ако бојата е светло црвена и после 4 дена по породувањето.
  • Ако имате тешко крварење (ако една влошка се натопува во рок од 1 или 2 часа).
  • Ако исцедокот има непријатен мирис.