Намалување на килажата после породувањето
Многу жени по породувањето се разочарани, тежината не е многу намалена. Всушност не е ништо чудно, ако сеуште изгледате како да сте бремени.
Тоа е нормално, затоа што процесот на враќање на телото во претходната форма, иако е започнат со породувањето, се одвива бавно. На вашата матка и e потребно околу 4 седмици за да се врати на нормална големина. Исто се случува и со колковите и другите органи.
Ако не сте изгубиле значителна тежина по породувањето, погледнете го вашето лице, зглобови, дланки и проверете дали се отечени. Понекогаш тежината од бебето, плодовата вода и плацентата се заменува со задржување на течности во ткивото на мајката. Ако ви се случило ова немојте да се загрижувате, за 2-3 седмици вишокот на течност ќе се исфрли, а вашата тежина ќе се намали.
Вашата желба што поскоро да се вратите во форма е совршено нормална, но дајте си време и не бидете толку критични кон вашето тело.
Доколку бременоста сте ја започнале со нормална килажа и сте качиле 12-15 кила, тогаш доколку внимавате на исхраната, би требало за неколку месеци да ја повратите старата килажа.
Ако пак пред бременоста сте имале покачена килажа или сте качиле повеќе килажа од она што ви го препорачал лекарот, можеби ќе ви треба и една година.
Многу жени гледајки пример од холивудските ѕвезди, како брзо се враќаат во форма, го очекуваат тоа и од себе си. Но немојте да се залажувате, начинот на кој ја изгубиле килажата не мора да е здрав. Многу од нив почнуваат со вежбање, пред да биде телото доволно силно и се придржуваат на ригорозни диети. Ригорозните диети и ригорозното вежбање по породувањето, може да се одразат многу негативно врз здравјето на жената.
Наместо тоа, бидете трпеливи со вашето тело. Сега е време на прилагодување кон животот со бебето, зближување со него и уживање во мајчинството.
ЗАПОМНЕТЕ: Ви беа потребни 9 месеци за да ја добиете килажата, дајте си себе си барем толку време за да ја изгубите.
Немојте да држите диета
На телото му е потребно околу 6 месеци за целосно да се опорави од бременоста и породувањето. Ова е време на негово закрепнување.
Наместо диета, имајте здрава, разновидна и балансирана исхрана. Повеќето жени на овој начин природно ќе ја доведат тежината на нормала.
Доколку се оптоварувате со тоа што смеете и што не смеете да јадете, можете да си додадете уште повеќе стрес, а тоа може да се манифестира со спротивен ефект. Наместо да се сконцентрирате на тоа како да ослабете, сконцентрирајте се на тоа да имате сила за да се грижите за бебето.
Особено не се препорачуваат диети, додека го доите бебето. Она што вие го јадете, бебето го прима преку млекото.
Препорачана храна
- Јадете многу риба. Рибата е богата со омега 3 масни киселини, кои се добри за развојот на нервниот систем и мозокот на бебето. Сепак немојте да претерувате со туна или други големи риби, затоа што може да содржат големи количества на олово.
- Млекото и јогуртот се богати со калциум, а тоа ќе ви помогне да ги зајкнете коските.
- Јадете пилешко, телешко и друго немасно месо.
- Јадете салати, како и многу овошје и зеленчук.
- Обидете се грицките да ги замените со здрави грицки: суво грозје, пченка, лешници и сл.
Доење
Доењето може да ви помогне да ја загубите килажата. Според некои студии, доењето овозможува побрзо враќање на предходната килажа, затоа што дневните потреби се зголемуваат за 500 калории.
Она што е сигурно е тоа дека доењето е добро за вашето бебе. Не само за неговиот напредок, туки и за неговиот имунолошки систем.
Доколку не примате доволно калории, тоа може да се одрази со намалување на количеството на млеко.
Пијте многу вода
Нашироко се препорачува да се пие по 10 чаши вода дневно. Дали е тоа за вас потребното количество, може да каже вашето тело.
Некои лекари препорачуваат да ја следите бојата на вашата урина и зачестеноста на мокрењето. Ако вашето тело прима доволно течност, бојата треба да биде релативно бистра и да мокрите на секои 3-4 часа.
Вежбање
Внимавањето на исхраната е важно, но многу важно е и вежбањето.
Вежбањето ќе ви помогне да потрошите повеќе калории, но во исто време може да ви помогне да се ослободите и од стресот.
Немојте да почнувате со вежби, додека не почувствувае дека вашето тело е спремно.
Кога ќе започнете да вежбате, нека бидат тоа полесни вежби. Потешките вежби оставете ги за понатаму. Оставете ги за време кога вашата менструација целосно ќе се нормализира и кога ќе чувствувате дека сте спремни. Воопшто не е препорачливо да започнете со тешки вежби барем во првите 3 месеци по породувањето.
Ригорозното вежбање после породувањето, може да се одрази штетно врз вашето здравје. Дури и најспремните мајки, може да имаат потешкотии со враќањето на старата форма.
Не се спремате за олимпијада. За почеток е доволно да почнете со шетање. Постепено ќе се врати вашата стара сила и форма.
Наспијте се
Можеби ова изгледа новозможно кога имате бебе, но сонот е важен. Некои испитувања покажале дека мајките кои спиеле 5 или помалку часа, подолго го задржувале вишокот на килограми.
Кога телото е уморно, произведува хормони кои може да ја покачат килажата.
Кога сте уморни нема да мислите толку на вашата правилна исхрана, ниту на вежбањето. Обидете се да го искористувате времето кога бебето спие за и самите да се наспиете.