Контрацепција и видови на контрацепција
Контрацепцијата претставува превземање на мерки за заштита од непланирана бременост. Постојат разни методи, ќе ги споменеме најраспространетите. Пред да изберете кој метод е најповолен за вас, претходно добро проучете ги позитивните и негативните страни на секој еден од нив.
Кондом
Кондомите претставуваат механичка бариера, ја спречуваат бременоста, како и некои полово преносливи болести, со тоа што го спречуваат навлегувањето на спермата во вагината на жената. Ефикасноста на машкиот кондом се движи од 85-98%. При тоа мора да се нагласи дека за кондомите да бидат ефикасни, мора правилно да се употребуваат. Кај просечен пар кој користи кондом има 15% веројатност да дојде до бременост во првата година од користењето. Кај парови кои ги користат правилно и конзистентно, шансите да дојде до бременост во првата година се 2%. За да се зголеми ефикасноста на кондомите, некои од нив се премачкани со спермицидни материи (хемиски супстанции кои ги убиваат сперматозоидите).
Правилна употреба на кондомите:
- Кондомите треба да се чуваат на собна темпратура. Ако се подолго изложени на топлина или пак на сончева светлина може да дојде до нивно полесно кинење или пукање.
- Бидете внимателни да не го скинете кондомот со ноктите или некој друг остар објект.
- Кондомот се става кога пенисот е во полна ерекција, пред да дојде до контакт со жената.
- Може безбедно да се користат лубриканти на база на вода, но лубрикантите на база на масло ќе го ослабат латексот од кој е направен кондомот, па затоа не смеат да се употребуваат.
- Треба да се запазува дозволениот рок на употреба на кондомите. Иако оние со поминат рок можеби ќе изгледаат во ред, сепак има веројатност дека материјалот е ослабен.
- Пенисот треба да се извади од вагината веднаш по ејаклуцијата и при вадењето да се држи горниот дел од кондомот, за да се избегне негово слизнување.
- Никогаш не смее да се употреби еден кондом два пати.
- Кондомите ги има во разни големини, треба да одберете таков со соодветна големина.
- Пред да го ставите кондомот притиснете го на врвот и осигурајте се дека нема да има воздушен џеб. Тоа би можело да доведе до пукање на кондомот за време на сексуалниот однос. Ставете го на врвот на пенисот и одвиткјте го по неговата должина.
- Доколку по ставањето на кондомот се изгуби ерекцијата, треба да земете нов кондом, наместо да продолжите со стариот.
Позитивни страни:
- Кога се употребува правилно нуди голема сигурност во спречување на несакана бременост и некои полово преносливи болести.
- Не влијае во иднина врз плодноста на партнерите.
- Кондомите се релативно ефтин начин на контрацепција.
- Лесно може да се набават.
- Употребата на кондоми е добар начин на контрацепција и кога се користи во комбинација со некој друг метод.
Негативни страни:
- Треба да се внимава правилно да се стави.
- Може да дојде до кинење на кондомот.
- Мал број на луѓе се алергични на латекс.
- Некои мажи не можат да ја одржат ерекцијата со кондом.
Спермициди
Спермицидите се супстанции кои ги убаиваат сперматозоидите кога ќе дојдат во допир со нив. Вообичаено се користат за да ја зголемат ефикасноста на контрацептивните бариерни средства како: кондоми, дијафрагми и сл. Најчеста активна материја која се користи како спермицид е ноноксинол-9, за кој се покажа дека во извесна мера ја зголемува можноста за заразување со СИДА заради што прави ситни оштетувања на ѕидот на вагината. Кога се користат во комбинација со бариерни средства (кондом, дијафрагма и сл.) спермицидите нудат голема заштита од несакана бременост. Кога се користат пак само спермицидни креми (без бариерни средства) ефикасноста е помала и се движи од 79-94%. Некои спермициди почнуваат со дејство веднаш по апликацијата, а за други е потребно да помине 5-15 минути додека да почнат да дејствуваат.
Позитивни страни:
- Висока ефикасност кога се употребуваат во комбинација со бариерни средства за контрацепција.
- Лесни се за употреба, со апликатор се внесуваат длабоко во вагината.
Нудат извесна заштита против некои полово преносливи болести.
Негативни страни:
- Кога се користат сами, нудат ограничена ефикасност.
Дијафрагма
Дијафрагмата е гумено средство, кое се става на цервиксот - отворот на матката. Работи на тој принцип што го спречува навлегувањето на сперматозоидите во матката. Големината на дијаграгмата треба да ја одреди вашиот лекар. На секои 1-2 години треба да се прави лекарска контрола за да се провери дали се уште одговара нејзината големина. Контроли треба да се прават и во случај на значително зголемување или намалување на тежината, како и во случај во меѓувреме да дошло до бременост. Кога се употребува правилно успешноста на дијафрагмата како контрацептивно средство е 86-94%.
Позитивни страни:
- Може да се стави до 6 часа пред односот, но спермицидот треба да се става на секои 2 часа.
- Жената има контрола врз носењето на дијафрагмата.
- Кога се користи идеално има 94% успешност во избегнување на несакана бременост.
- Бидејки не се вклучени хормони, нема несакани последици во смисла на нивно нарушување.
- Не влијае врз плодноста во иднина.
- Не мора по ејакулацијата веднаш да се прекинува контактот.
- Може да се употребува и од жени кои дојат, кога цервиксот ќе се врати во првобитниот облик.
Негативни страни:
- Ги зголемува шансите за уринарна или габична инфекција.
- Некои жени имаат потешкотии при нејзиното ставање или пак не сакаат да се допираат на интимните делови.
- Не смее да се извади барем 6 часа после односот.
- Ако се остави премногу долго (над 48 часа) може да дојде до сериозен, така наречен синдром на токсичен шок.
- Мора гинеколог да ви ја препише соодветната големина и потоа можеби ќе треба да набавите нова ако се промени големината на цервиксот.
Пилули
Стандардните пилули за контрацепција се состојат од комбинација на 2 хормона: естроген и прогестоген и нудат контрацепција на тој начин што ја спречуваат овулацијата (созревањето на јајце клетка кај жената) и го истанчуваат ендометриумот во матката. Околу 8% на жени остануваат бремени во првата година од користењето на овој вид на контрацепција, најчесто тоа се должи на нивната неправилна употреба. Кога пилулите се земаат правилно и редовно (секојдневно) шансите за бременост се минимални (само 3 на 1000 жени).
- Позитивни страни:
- Ја намалуваат можноста да дојде до рак на јајниците или ендометриумот на матката и цисти на јајниците.
- Ги намалуваат менструалните болки и грчеви.
- Често пати акните се повлекуваат, и се јавува намалена влакнавост на лицето.
- Често пати се намалува менструалното крварење.
Негативни страни:
- Морате да се сетите да ја земете пилулата секојдневно. Ако пропуштите само еден ден, можно е да дојде до бременост.
- Може да имате гадење или спотинг (слабо крварење помеѓу два циклуса), особено во првите неколку циклуса од почетокот на оваквата контрацепција.
- Кај некои жени може да се јават главоболки, депресија, промени во расположението, несвестица или намалено сексуално уживање.
- Во првата седмица од почетокот на земањето на пилулите потребно е да користите и друг метод на контрацепција.
- Многу ретко можат да се јават сериозни нарушувања како згрутчување на крвта.
- Можат да доведат до зголемување на еден вид на карцином на грлото на матката - аденокарцином на цервиксот.
- Не се препорачуваат за жени кои многу пушат. Комбинацијата од цигари и пилули може значително да го зголеми ризикот од стварање на згрутчувања во крвта, а со тоа и значително да се зголеми ризикот од срцев или мозочен удар.
- Ретко може да се случи по престанокот на земањето на пилулите да не добиете менструација 1-3 месеци.
Мини пилула
Мини пилулата се разликува од вообичаената пилула за контрацепција по тоа што наместо 2 содржи само еден хормон - прогестоген (сличен на прогестеронот, кој е природен женски хормон). Работи на тој принцип што го задебелува цервикалниот мукус и со тоа го отежнува движењето на спрематозоидите, го променува ендометрумот и го спречува всадувањето на ембринотот во матката. Кај некои жени земањето на мини пилулата ја спречува и овулацијата, но многу жени продолжуваат да овулираат и покрај нивното земање. Нивната ефиксност во спречување на бременост е нешто помала од онаа на стандардните пилули.
Позитивни страни:
- Имаат помалку несакани ефекти од нормалните пилули.
- Ги користат и жени кои заради опсаност од срцев или мозочен удар не смеат да користат стандардни пилули.
- Можат да ги користат и жени кои се страствени пушачи.
- Некои лекари ги препорачуваат како контрацепција и за жени кои дојат, затоа што не го намалуваат снабдувањето со млеко. Но за ова постојат контроверзи затоа што сепак во телото на бебето доаѓаат стероди, за кои не е природно да бидат дел од неговата исхрана.
Негативни страни:
- Мора да се земаат во исто време секој ден. Ако закасните со земањето на пилулата повеќе од 3 часа, постои опасност од бременост. Во таков случај почнете да користите дополнителна контрацепција, на пример кондом.
- Менструалниот циклус може да стане нередовен.
- Ако останете бремени и покрај земањето на мини пилулата, има можност да се случи вонматерична бременост. Затоа ако вашата менструација касни или чувствувате болки во стомакот, задолжително јавете кај вашиот лекар. Вонматеричната бременост може да биде опасна по живот.
- Може да се појават дамки на кожата.
- Чусвствителност на градите.
- Има мала можност да се јават цисти на јајниците, затоа не е препорачливо користења на мини пилулата кај жени кои веќе имаат циста на јајниците.
- Често пати се јавува зголемен апетит, а со тоа и зголемување на тежината. Зголеминиот апетит најчесто ќе престане со престанок на користењето на овој начин на контрацепција. Затоа не се препорачува за жени кои веќе имаат значително зголемена тежина.
- Кај некои жени се јавуваат главоболки, мачнина и депресија.
Спирала
Спиралата е мал предмет во форма на буквата Т и се става директно во матката. Има висока ефикасност во спречување на несакана бременост, според некои податоци нејзината ефикасност се движи од 96-98%. Постојат 2 вида на спирали: бакарна и така наречената Мирена. На крајот од спиралата е прикачена врвка која излегува од цервиксот на матката. После секој менструален циклус жената треба да проверува дали врвката се наоѓа на место.
Двата вида на спирали се ефикасни затоа што го попречуваат навлегувањето на сперматозоидите, а и ако дојде до оплодување оневозможуваат да дојде до прифаќање на ембрионот во матката.
Бакарната сипрала дејствува на тој начин што бакарот е токсичен за сперматозоидите и што преку промена на ендометриумот (слојот од клетки во кој би требало да се фати ембрионот) бакарот оневозможува да дојде до имплантација - всадување на ембрионот.
Мирената пак со тоа што испушта хормон - левоногестрел (форма на прогестерон) ја задебелува цервикалната слуз и тоа го отежнува навлегувањето на сперматозоидите. Во исто време ако се случи да се оплоди јајце клетката, ембрионот нема да може да се всади во матката.
Спиралата мора да биде поставена од лекар. Претходно е потребно да бидат направени низа испитувања, затоа што спиралата не одговара за секоја жена. Исто така се знае дека спиралата е поефикасна кај жени кои имаат веќе родено барем едно дете. При ставањето на спиралата жената може да чувствува грчеви во стомакот, најпогодно време за нејзино местење е времето на менструалниот циклус, затоа што тогаш грлото на матката е помеко и менструалната крв служи како подмачкувач. Кај некои жени првите циклуси по ставањето на спиралата се со потешки крварења, пропратени со грчеви и болки во стомакот.
Откако спиралата ќе биде наместена потребно е жената да оди на лекарски контроли за да се провери дали спиралата се уште стои на место. Исто така и жената треба да прави преглед после секој циклус: потребно е да го стави прстот длабоко во вагината и да провери дали врвката која треба да излегува од цервиксот на матката е на свое место, не смее да биде подолга или пократка (тоа би значело дека спиралата се изместила), ниту пак да ја нема. Исто така за време на менструацијата треба да се проверуваат влошките или тампоните да не се исфрлила спиралата заедно со менструалната крв. НИКОГАШ немојте да ја влечете врквката, тоа ќе ја измести или извади спиралата.
Знаци дека нешто не е во ред со спиралата:
- Доцнење на менструацијата.
- Болки во стомакот.
- Зголемена температура или треска.
- Зголемен вагинален исцедок.
- Неосбјаснето крварење, тешки или премноги оскудни менструации.
Ако забележите некој од овие знаци веднаш посетете го вашиот лекар.
Не смеете да употребувате спирала ако имате:
- Сексуално пренослива инфекција, како хламидија или гонореја или сте ја имале во последните неколку години.
- Ненормален наод на ПАП тестот.
- Ненормално крварење или пак сериозна анемија.
- Рак на цервиксот или матката.
- Миоми на матката.
Позитивни страни:
- Висока ефикасност во спречување на бременоста.
- Жените кои не смеат да користат хормони, можат да користат бакарна спирала.
- Мирената може да го намали менструалното крварење, а 20% од жените го губат целосно менструалниот циклус.
Негативни страни:
- Зголемен ризик од инфекција во првите 4 месеци.
- Спиралата може да биде исфрлена или изместена без жената да го знае тоа.
- Бакарната спирала може да го зголеми менструалното губење на крвта и менструалните грчеви.
- Многу ретко може да се случи да дојде до пробушување на матката.
- Бидејки оплодувањето на јајце клетката е сепак возможно, оневозможувањето на имплантацијата на ембрионот е неприфатливо за паровите кои се убедени дека животот започнува во моментот на зачнувањето.
Вазектомија
Вазектомија или машка стерилизација е операција при која се подврзуваат семеводите кај мажот. На тој начин се оневозможува патот на сперматозоидите надвор од тестисите. Оваа операција е трајна, па треба да се направи само во случај кога мажот е сигурен дека не сака да има повеќе деца.
Позитивни страни:
- Се работи за мал оперативен зафат, безбеден е и многу ефикасен во спречувањето на бременост.
- Не влијае на уживањето на мажот за време на сексуалните односи.
Негативни страни:
- Потребен е оперативен зафат, некои мажи се плашат од него.
- Неколку дена по операцијата мажот може да чувствува слаба болка или нелагодност.
- Зафатот има голема ефикасност, но сепак не е 100% сигурен.
- Извесно време по вазектомијата ќе треба да употребувате кондом, додека целосно не се прочистат патиштата од сепрматозоидите. За да се дознае дали вазектомијата е успешна после 20-30 ејаклуции ќе треба да се направи спермограм. Ако во спермата нема сперматозоди кои се движат во 2 последователни испитувања, значи дека можете да престанете со употребата на кондом. На секои 1-3 години може да правите проверка за да се осигурате дека вазектомијата е се уште ефикасна.
- Многу мал број на мажи имаат хронична болка после операцијата.
- Отстранувањето на ефектот од вазектомијата е скапо, комплицирано и не може да се гарантира дека ќе биде успешно.
Избегнување на плодните денови - природна контрацепција
Овој вид на контрацепција е поефикасен кај жени кои имаат редовни менструални циклуси, ако жената има циклус кој не може да се предвиди, методата ќе нема ефикасност. Природната контрацепција се базира врз неколку факти поврзани со оплодувањето:
- Овулацијата, односно ослободувањето на зрелата и способна за оплодување јајце клетка се случува вообичаено 14 дена пред жената да добие менструација. Јајце клетката е способна за оплодување 24 часа од случувањето на овулацијата.
- Кај жени со циклус од 28 дена, овулацијата најверојатно ќе биде на 14-иот ден од почетокот на менструацијата (28 дена минус 14), кај жени со 32-дневен циклус - овулацијата најверојатно ќе биде на 18-тиот ден (32 дена минус 14) итн. Постојат и калкулатори кои можат да приближно да го израчунаат денот на овулацијата, базирано на календарската метода - КАЛКУЛАТОР ЗА ПЛОДНИ ДЕНОВИ.
- Во време на плодните денови жената најчесто има слузав вагинален исцедок, тоа е еден од знаците по кои ќе може да ги увиди нејзините плодни денови.
- Сперматозоидите се способни да преживаеат во утробата на жената до 5 дена (а понекогаш и до 7), значи за да се избегне бременост треба да се избегнуваат сексуални односи 1 недела пред претпоставениот ден на овулацијата. Со сексуални односи парот може да продолжи 2 дена по овулацијата. Или пак во плодните денови да користи кондоми.
- На следниот линк ќе можете да прочитате повеќе за следењето на знаците на овулацијата: ЗНАЦИТЕ НА ОВУЛАЦИЈА. Еве нешто повеќе околу самиот механизам на ОВУЛАЦИЈАТА.
Нејзината ефикасност варира:
- Вообичаената ефиксаност се движи од 77-88%.
- При совршено придржување за методата, ефикасноста изнесува околу 95-98%.
- Истата метода може да ја користат и парови кои сакаат да зачнат, само наместо да ги избегнуваат сексуалните односи во дадениот период, тие ќе внимаваат тогаш да бидат сексуално активни.
Позитивни страни:
- Не се користат хормонални средства.
- Нема никакви несакани нуспојави.
- Не влијае на плодноста на партнерите во иднина.
- Не се потребни никакви финансиски издатоци.
Негативни страни:
- Методата бара дисциплина и соработка од двата партнера.
- Жената треба да има редовен циклус, за да може да се предвиди овулацијата.
- Жената треба да биде свесна за промените во нејзиното тело за време на овулацијата и плодните денови.
Апстиненција
На крајот ќе ја спомнеме и апстиненцијата, единствениот 100% сигурен метод за заштита од полово преносливи болести и несакана бременост.
ВАЖНО: Aбортусот не е контрацепција. Абортусот е прекин на веќе започната бременост и прекинат живот на едно бебенце. Последиците кои ги остава се навистина тешки. На следниот линк можете да прочитате за неговите Последици врз здравјето на жената.