Инсеминација

Што е инсеминација

 

Инсеминацијата е третман на неплодност, при што се зема сперма од мажот и се става во гениталниот тракт на жената. На тој начин се скратува патот кој треба да го поминат сперматозоидите за да ја оплодат јајце клетката. Инсеминацијата денес е нашироко распространета техника во лекувањето на неплодноста. Стандардна процедура во лекувањето на неплодноста е пред да се оди со ивитро оплодување да се направи обид со неколку инсеминации.

Стапката на успешност на инсеминацијата е 15-20% во еден циклус, но зависи и од староста на жената. Кај жени постари од 35 г. стапката е пониска, а кај жени над 40 г. е значително ниска.

Во Зависност од тоа каде се става спермата, постојат неколку вида на инсеминација:

Интраутерина инсеминација или IUI. Ова е најчестиот вид на иснеминација, при што спермата со посебен катетар се вметнува директно во матката на жената.

Интрацервикална инсеминација ICI. Кај оваа инсеминација спермата се става во вратот на матката. Помалку е застапена од интраутерината инсеминација затоа што има помала стапка на успех.

Интратубарна инсеминација IТI. Кај овој тип на инсеминација спермата се става директно во јајцеводите. Се користи многу ретко затоа што е понепријатна за жената и има поголеми шанси да дојде до инфекција или други компликации.

 

Кога се препорачува инсеминација

 

Инсеминацијата се препорачува кај:

  • Жени кај кои не е доволно добар квалитетот на цервикалната слуз.
  • Случаи на необјаснета неплодност.
  • Жени со блага или средно раширена ендометриоза.
  • Случаи со благо нарушување на плодноста кај мажот.

Кај овулаторни нарушувања, инсеминацијата во комбинација со хормонална стимулација со Кломифен или гонадотропини, има нешто поголем успех отколку темпираните односи.

Кога се прави кај жени со нормална овулаторна функција, доколку не дојде до успех после најмногу 3-4 инсеминации, се препорачува да се оди со ин витро.

Кај жени кои без стимулација немаат овулација, може да се направат до 5-6 обиди со инсеминација. Потоа во случај на неуспех се препорачува ин витро.

 

Кога не се препорачува инсеминација

 

Инсеминација не се препорачува во случај на:

  • Непроодни или оштетени јајцеводи. Се препорачува претходно да се направи ХСГ снимање.
  • Тешка ендометриоза.
  • Намалена резерва на јајниците.
  • Тежок случај на машка неплодност. Во тој случај се препорачува ICSI ин витро метода.

 

Тек на постапката на инсеминација

 

Инсеминацијата е релативно едноставна постапка.

Доколку жената има нормална функција на јајниците, инсеминацијата може да се прави без хормонална стимулација.Сепак шансите за успех се поголеми кога има повеќе фоликули. Од таа причина најчесто и кај жени кои имаат нормална овулација, се стимулира созревање на повеќе јајце клетки.

Стимулацијата се прави со Кломифен или инекции со гонадотропини.

Кај жени кои немаат редовна овулација, задолжително се дава хормонална стимулација.

Потоа жената се следи на ултразвук и кога лекарот ќе оцени дека фоликулите се доволно созреани, прима инекција со hCG хормон (најчсето Прегнил или Овидрел) за да се предизвика прскање на фоликулите. Овулацијата се случува околку 36 часа по примањето на инекцијата. За тоа време се закажува и инсеминацијата.

На деност на инсеминацијата сопругот дава примерок од спермата и потоа таа лабораториски се обработува. Спермата се промива, се центрифугира за да се отстранат мртвите и абнормалните сперматозоиди, се отстранат другите примеси и сперматозоидите се ставаат во медиум вој има и антибиотици. Антибиотиците се употребуваат да се спречи евентуална инфекција кај жената.

Всушност со обработката на спермата, се концентрираат поквалитетните сперматозоиди. Доколку мажот има намалена плодност, но има повеќе од 5 000 000 сперматозоиди во обработената сперма, се смета дека бројката е доволна за успех. Иако со инсеминацијата се потпомогнува оплодувањето, затоа што се скратува патот кој сперматозоидите треба да го поминат за да ја оплодат јајце клетката, сепак мора да ги има во доволен број и да бидат доволно подвижни за да стасаат до неа. Доколку има помалку од 5 000 000 здрави сперматозоиди, се смета дека инсеминацијата нема да има успех и се оди со ICSI ин витро постапка.

Така обработената сперма со посебен катетар се вметнува директно во матката на жената. Потоа жената се остава да полежи 10-20 минути и си оди дома.

 

Можни комликации кај инсеминацијата

 

Кога инсеминацијата се прави со обработена сперма, компликациите се многу ретки. Најчестата неугодност се грчеви во стомакот, иако кај повеќето жени ги нема.

Во многу ретки случаи може да дојде до инфекција, која се третира со антибиотици.

Ако се прави инсеминација со необработена сперма, можните компликации се многу поголеми. Може да дојде и до анафилактички шок и смрт на жената, а шансите за инфекција се многу поголеми, како и болките во стомакот.