Неплодност кај мажите и спермограм

 

Испитување на неплодноста кај мажите

Основни испитувања за да се утврди дали станува за неплодност кај мажите се:

  • Спермограм. Со спермограмот се прави анализа на бројноста, концентрацијата, морфологијата, подвижноста на сперматозоидите, ликвефакцијата ит.н.
  • Спермокултура. Со правење на спермокултура се дознава дали има присуство на патогени микро организми во ејакулатот.

Доколку спермограмот укаже на проблеми со плодноста, понатаму се продолжува со испитувањата за да се утврди причината за проблемот. Дополнително се прават:

  • Мануелно испитување на тестисите. Со овој преглед урологот може да утврди многу работи. Може да види дали се работи за варикочела (проширени вени во тестисите).
    Доколку тестисите се помали и меки, а бројноста на сперматозоидите е мала, најчесто укажува на проблем во создавањето на сперматозоидите.
    Ако пак тесисите се со нормален изглед, а бројноста на сперматозоидите е мала, тоа укажува дека веројатно постои некоја физичка блокада.
    При прегледот лекарот проверува и дали има некои абнормалности на простатата.
  • Ултразвучно испитување на тестисите. Може да се забележат проширени вени, кои не може да се утврдат при мануелниот преглед.
  • Испитување на хормоните.
  • Генетско испитување. Се прави во случај кога со другите испитувања не се пронашла причината за проблемот. Понекогаш причината за неплодноста може да биде од генетска природа. Таков е Клинефертеровиот синдром. Кај овој синдром наместо 2 полови хромозоми (X,Y) има три (X,X,Y). Тоа го оневозможува создавањето на сперматозоиди.

 

Подготовка на мажот за испитување спермограм

За да се направи спермограм потребно е мажот да даде примерок од ејакулатот. Се препорачува воздржување од сексуални односи 3-4 дена пред испитувањето, но апстиненцијата да не биде подолга од 5 дена. Неколкудневното воздржување пред испитувањето ќе овозможи поголем број на сперматозоиди во ејакулатот. Доколку апстиненцијата е подолга од 5 дена, во ејакулатот ќе бидат присутни повеќе мртви сперматозоиди.

Испитувањето мора да се направи во рок од еден саат откако ќе биде земен ејакулатот, а за тоа време не смее да се дозволи ејакулатот да се олади.

Ејакулатот се добива со мастурбација и директно се става во чист сад. Не смее да се употребува кондом, затоа што кондомите најчесто се премачкани со спермицидни средства и резултатот од испитувањето би бил погрешен.

Треба да се внимава да се стави целиот ејакулат, затоа што концентрацијата на сперматозоидите не е иста на почетокот и крајот. Почетните капки вообичаено се поконцентрирани. Исто така тоа ќе овозможи точно утврдување на неговиот волумен.

Доколку заради грешка се испушти дел од ејакулатот, ќе биде потребно испитувањето да се направи друг ден.

Доколку резултатот укажува на неплодност, испитувањето се повторува барем уште 2 пати, за да потврди дека навистина станува збор за неплодност. Понекогаш и кај плодните мажи заради разни причини може да се добие слаб спермограм. Токму заради тоа се прават неколку испитувања во рок од неколку месеци.

 

Нормални вредности на спермограмот

  • Волуменот треба да биде поголем од 2 мл. Нормалните вредности за волуменот се од 2-6 мл.
  • Нормалната вредност на pH е од 7.2 до 8. Ејакулатот е со базична pH вредност за да ги заштити сперматозоидите од киселата средина во вагината на жената.
  • Концентрацијата на сперматозоидите треба да биде поголема од 20 000 000 во 1 мл. Иако овие вредности по препорака на СЗО во последно време се покачени на 40 000 000, сепак и кај мажи со помалку од 20 000 000 милиони сперматозоиди во 1 мл ејакулат може да дојде до природно зачнување. Врз ова секако влијае дали се добри другите фактори, односно морфологијата, подвижноста и сл. Мажите со концентрација на сперматозоидите од 10-20 000 000 се смета дека се со намалена плодност, а оние со помалку од 5 000 000 се сметаат за неплодни.
  • Подвижноста на сперматозоидите треба да биде поголема од 50%.
  • Виталитетот исто така треба да биде поголем од 50%.
  • Морфологијата: треба да има над 60% сперматозоиди со нормална градба.
  • Ликвефакција треба да настапи за 10-30 минути. Кога спермата ќе се најде на собна температура се згустува. Времето на ликвефакцијата е времето што поминува додека спермата повторно не дојде во течна состојба. Ако времето е продолжено може да ја намали плодноста.
  • Прусуството на леукоците треба да биде помало од 1 000 000. Зголемениот број на леукоцити укажуваат на некоја инфекција.

 

Поставување на дијагноза врз основа на спермограмот

Asthenozoospermia

Kaj астенозооспермијата има помалку од 50% подвижни сперматозоиди. Во случај на слаба подвижност најчесто се работи за некоја инфекција и се прават бактериолошки испитувања. Понекогаш причина може да биде и варикочела.

Варикочелата се смета дека е причина за неплодноста кај околку 40% од неплодните мажи. Кај ова заболување вените кои ја враќаат крвта од тестисите се проширени. Се претпоставува дека заради проблемот со циркулацијата, во тестисте се покачува температурата и со тоа го спречува нормалното создавање и созревање на сперматозоидите. Најчесто се јавува на левиот тестис. Се лекува со мал хируршки зафат. Околу половина од мажите во рок од една година успеваат да зачнат дете. Сепак кај еден дел од мажите варикочелата потворно се враќа.

Oligoospermia

Кај олигоспермијата концентрацијата на сперматозоиди во ејакулатот е помала од 20 000 000 во 1 мл. Ова е само ориентациона вредност. До бременост може да дојде и со концентрација помала од 10 000 000. Многу поважен е вкупниот број на сперматозоиди во ејакулатот и нивната подвижност и способност да ја оплодат јајце клетката. Ако вкупниот броја на сперматозоиди е поголем, можно е природно зачнување.

Ако концентрацијата е помеѓу 5 и 20 000 000 задолжително треба како причина да се исклучи варикочела. Во случај да се работи за варикочела се прави хируршка интервенција.

Исто за појава на олигоспермија може да придонесе неспуштен тестис или крипторхизам. Во таков случај со хируршка интервенција се спуштаат тестисите. Сепак се смета дека зачувувањето на функцијата на тестисот е можна доколку операцијата се изврши до втората година од животот.

Кај крипторхизмот може да не биде спуштен само едниот или двата тестиса. Ако се работи за само еден неспуштен тестис, а мажот е постар од 30 години, се препорачува отстранување на неспуштениот тестис. Оваа препорака иде од претпоставката дека неговата функција е неповратно оштетена. Оштетеноста на функцијата на тестисот е можно да се прогнозира преку испитување на фоликуло-стимулирачкиот хормон. Кај крипторхизмот овој хормон е често пати повишен и тоа може да биде индикација за степенот на оштетеноста на тестисот. Проценката може да помогне во изборот на операцијата.

Доколку се работи за помала концентрација од 5 000 000 сперматозоиди на 1 мл ејакулат, се прават хормонални и генетски испитувања.

Azoospermia

Во случај на Азооспермија во ејакулатот воопшто не е присутни сперматозоиди.

Задолжително се прават хормонални испитувања, а по потреба и генетски. Отсуството на сперматозоиди може да се должи на непостоење на сперматогенеза, но може да се работи и за постоење на сперматогенеза и некоја блокада.

Доколку се работи за блокада, можна опција е нејзино хируршко отстранување. Сепак често пати оваквите хируршки зафати не се многу успешни. Друга алтернатива е посебна метода на ИВФ, при која со пункција се земаат сперматозоиди директно од тестисите на мажот и вонтелесно се оплодува јајце клетката на жената.

Teratozoospermia

Има помалку од 15% сперматозоиди со нормален облик.

Necrozoospermia

Во ејакулатот нема живи сперматозоиди.

Polyzoospermia

Кај полизооспермијата се работи за превисока концентрација на сперматозоиди, над 250 000 000 во 1 мл. Многу од овие сперматозоидите се со неправилна градба или неподвижни. Но и во случај кога се здрави сперматозоидите, спротивно на очекувањата, плодноста е намалена. Често пати успешно забременување се постигнува со инсеминација на жената, со преработена сперма.

Hypospermia

Волуменот на ејакулатот е помал од 2 мл. Ако волуменот е премногу мал сперматозоидите нема да можат да стасаат до грлото на матката.

Hyperspermia

Волуменот на ејакулатот е поголем од 6 мл. Спротивно на очекувањата и ова може да предизвика неплодност.

Aspermia

Во случај на аспермија воопшто нема ејакулат.

 

Фактори кои можат да доведат до неплодност кај мажите

Некои веќе ги спомнавме:

  • Варикочела
  • Болести: болест на бубрезите, цистична фиброза, висока треска, инфекции, сексуално преносливи болести ит.н.
  • Вродени нарушувања, нп.р. крипторхизам (неспуштени тестиси) или некое генетско нарушување.
  • Повреда во пределот на теситсите. Може да дојде до повреда на крвните садови, а со тоа се спречува доводот на кислород и нормалната сперматогенеза. Во случај на повреда можна е потреба од итен хируршки зафат.
  • Тумур на хипоталамусот, хипофизата или тестисите.
  • Хемотерапија.
  • Изложеност на зрачење или отровни супстанции.

 

Како до подобрување на спермограмот

Доколку ви била препишана терапија земајте ја редовно.

Има и некои многу едноставни работи кои можете да ги смените во начинот на живеење, а можат многу да придонесат за подобрување на состојбата:

  • Престанете со пиење алкохол. Алкохолот влијае многу штетно врз создавањето на сперматозоидите.
  • Престанете со пушењето. Дејството на никотинот е исто така многу токсично.
  • Престанете со носење на тесен веш и почнете да носите боксерки. На тој начин температурата во тестисите ќе се намали, а тоа многу влијае врз плодноста.
  • Немојте да се туширате со жешка вода.
  • Редовно вежбајте.
  • Воведете здрава, балансирана исхрана богата со цинк, селен, Ц витамин и Е витамин. Консултирајте се со Вашиот лекар за дополнително земање на овие елемени.

Кај мажи кои се придржуваат на овие препораки, за само 3 месеци може да има големо подобрување. Секако тоа многу зависи од причината за неплодноста.