Неплодност, причини за неплодност, испитувања и третмани на неплодноста

Што е неплодност

За еден пар се вели дека е неплоден ако после една година редовни, незаштитени сексуални односи не дошло до бременост. Тоа е примарна неплодност. Постои и секундарна неплодност.

Понекогаш доаѓа до бременост, но бременоста не може да се одржи до крај. Во тој случај станува збор за секундарна неплодност.

Зачнувањето е многу сложен процес. За да биде успешно зачнувањето, потребно е:

  • Да се создаде здрава сперма кај мажот.
  • Да созрее и да биде ослободена здрава јајце клетка во јајниците на жената.
  • Јајце клетката треба да биде вовлечена во јајцеводот и да го продолжи патот кон матката.
  • Сперматозоидот треба да го пробие патот до јајце клетката и да ја оплоди.
  • Оплодената јајце клетка треба да пристигне во матката.
  • Оплодената јајце клетка треба да се вгнезди во матката.

Доколку дојде до грешка во само еден дел од процесот, оплодувањето ќе изостане.

Доколку се обидувате да забремените, а тоа не се случило веднаш, нека не Ве фаќа паника. Шансите за успешно забременување во еден циклус, кај совршено здрав пар се околу 20%. Доколку до бременост не дошло и после една година обидување, препорачливо е да почнете со испитувања.

Причини за неплодност

Погрешна е предрасудата дека за брачната неплодност, причината мора да биде кај жената.

Кај една третина од неплодните брачни парови, причината се наоѓа кај жената.

За другата третина, причината е наплодност кај мажот.

Кај една третина од неплодните парови, причината е комбинирана или пак непозната.

Испитување и причина за неплодност кај мажи

Основни испитувања кај мажот се спермограм и спермокултура.

Со спермограмот се утврдува бројот, морфологијата и подвижноста на сперматозоидите во ејакулатот. Доколку има проблем најчесто се работи за:

  • Astenozoospermia – Бројот на подвижни сперматозоиди е помал од 50%.
  • Oligospermia – концентрацијата на сперматозоиди е помала од 20 милиони во еден милилитар.
  • Аzoospermia – отсуство на сперматозоиди во ејакулатот.
  • Teratozoospermia – во ејакулатот има помалку од 15% сперматозоиди со нормална морфологија.
  • Nekrozoospermia – нема живи сперматозоиди во ејакулатот.

Доколку спермограмот покаже некаков проблем, се продолжува со испитувањата за да се утврди потеклото на проблемот и се дава соодветна терапија. Се прави физички или ултразвучен преглед за да се утврди дали станува збор за вариколчела, се прават испитувања на хормоните во крвта и.т.н.

Со спермокултурата се испитува дали има некои патогени микроорганизми во спермата. Доколку ги има, проблемот се решава со антибиотици.

Фактори кои може да влијаат за појава на неплодност кај мажите:

  • Консумирање на алкохол
  • Пушење.
  • Употреба на дроги.
  • Зрачење.
  • Физичка повреда во пределот на тестисите.
  • Здравствени проблеми нпр. болест на бубрезите, хормонално пореметување, варикочела ит.н.

Испитување на неплодност кај жени

Кај жената испитувањата се покомплексни и покомплицирани. Затоа секогаш прво се прави спермограм кај мажот, за да се исклучи како причина машката неплодност. На тој начин жениата може се поштеди од мноштво непотребни неугодности.

Испитувања кај жената се:

  • Гинеколошки и ултразвучен преглед. Се утврдува градбата на репродуктивните органи. Исто така со помош на ултразвук може да се следи дали има овулација.
  • ПАП тест. Покажува дали има промени на грлото на матката.
  • Микробиолошки брисеви. Се утврдува дали има некоја инфекција на гениталниот тракт.
  • Испитување на хормоните преку крвта. Се испитуваат хомоните на 3-от, 13-от и 21-от ден од циклусот. Преку резултатите од ова испитување може да се види дали имало овулација и дали причината за неплодноста е од хормонална природа.
  • ХСГ или хистеро-салпинго-графија. Кај ова испитување со посебен катетар се вбризгува контрастен раствор преку грлото на матката во јајцеводите на жената и се прави рентгенска снимка. Доколку јајцеводите се проодни, контрастот ќе се разлее во малата карлица. Ако јајцеводите се блокирани, течноста нема да може да помине низ нив. Оваа метода може да има и терапевтско дејство. Доколку се работи за мало затнување, понекогаш со вбризгувањето на растворот можно е да се отстрани пречката. Сепак како метода понекогаш дава непрецизни или погрешни резлтати.
  • Лапароскопија. Преку мал рез се воведуваат микрохируршки инструменсти во утробата на жената и со помош на мала камера на екран може визуелно да се утврди состојбата на органите. Ова е 100% сигурна дијагностичка метода. Доколку има потреба, при истата операција може да се направи и интервенција.
  • Имунолошки испитувања.

Причини за неплодност кај жените

  • Главна причина за неплодност кај жените е проблем со овулацијата. Ова често е поврзано со постоењето на синдромот на полицистични јајници (PCOS). Се третира доста успешно со хормонални лекарства.
  • Непроодни јајцеводи. До непроодност на јајцеводите може да дојде после инфекција со Хламидија, Гонореја и сл. Исто така јајцеводите може да се запушат и заради ендометриоза или непозната причина. Третманот е лапароскопска операција или ИВФ.
  • Ендометриоза. Настанува кога ендометриумот – внатрешниот слој од матката почнува да се шири и надвор од неа. Може да се прошири низ целата мала карлица, па дури и надвор од неа. Не мора да значи дека жената со ендометриоза задолжително ќе се соочи со неплодност, но 30-40% од жените со ендометриоза го имаат тој проблем. Ендометриозата може да се одстрани со лапароскопска операција.
  • Миоми – тумори на матката. Миомите не се канцерогени, но понекогаш зависно од местото на кое се наоѓаат може да доведат до неплодност. Се одстрануваат со хируршки зафат.
  • Вродени дефекти на матката. Овие проблеми исто така се решаваат со хируршки зафат.
  • Имунолошки причини. Понекогаш имунолошкиот систем на жената може да ги напаѓа сперматозоидите или пак ембрионот. Се третира со медикаменти и ИВФ.
  • Возраста кај жената. После 35-тата година кај жената плодноста почнува забрзано да опаѓа.
  • Идиопатска неплодност. За околу 10-20% од неплодноста причината не може да се утврди. Кај овакви случаи обично се применува исеминација или ИВФ.