Третмани на неплодноста

Постојат голем број различни третмани на неплодноста. Каков третман ќе биде превземен зависи од причината за неплодноста.

 

Третман на проблеми со овулацијата

 

Кломифен

Прв обид за предизвикување на овулација најчесто се прави со Кломифен. Кломифенот е хормонален препарат кој ги стимулира јајниците за да созреваат повеќе јајце клетки.

Најчесто е прв избор на лекарите затоа што е ефтин и добро се поднесува.

Иако може да има некои нусефекти, шансите за нив се помали отколку при употребата на други хормонални препарати. Исто така кломифенот има помали шанси да предизвика синдром на хиперстимулација на јајниците во споредба со гонадотропините. Чести споредни појави се: отеченост, подуеност на стомакот, болка во стомакот, зголемување на јајниците, акни и сл.

Кломифенот се употребува на тој начин што се зема од 3-7 ден од циклусот или пак од 5-9. Задолжително постапката се следи на ултразвук за да препознае евентуалната опасност од синдром на хиперстимулација на јајниците, појава на цисти и сл. Често пати предизвикува создавање на повеќе фоликули и ја зголемува можноста за повеќеплодна бременост.

Кломифенот предизвикува овулација кај голем број жени, но сепак кај некои не. Доколку не се успее да се предизвика овулација, во следниот циклус дозата се зголемува.

Кога се работи за синдром на полицистични јајници, во комбинација со кломифенот може да се даде и метформин.

 

Гонадотропини

Кај жени кај кои не е можно да се предизвика овулација со Кломифен, се преминува кон инекции со гонадотропини. Овие инекции се многу ефикасни и предизвикуваат овулација кај околу 90% од жените. Содржат фоликуло стимулирачки хормон ФСХ. Шансите да дојде до повеќеплодна бременост се уште поголеми од тие со употребата на кломифен. Исто така поголема е и опасноста од синдром на хиперстимулација на јајниците.

Се почнува со ставањето на инекциите од почетокот на циклусот до 8-14 ден. Состојбата редовно се следи на ултразвук и се прати дали треба да се зголеми или намали дозата. Кога ќе се примети дека фоликулите се доволно созреани, се прекинува со гонадотропините и се дава инекција со хормонот hCG за да се предизвика прскање на фоликулите и ослободување на јајце клетките. Овулацијата се случува обично после 36 часа од инекцијата со hCG. Може да се оди со темпирани односи во тоа време или пак да се направи инсеминација.

Доколку жената не забремени после неколку циклуси со инсеминација, се препорачува да се оди со ИВФ.

 

Третман на непроодни јајцеводи

 

Во случај на непроодни јајцеводи има 2 алтернативи.

Доколку јајцеводите не се многу оштетени и не се со многу прираслици, можно е успешно да се примени лапароскопска операција.

Во случај на поголемо оштетување, операцијата нема да има успех. Во таков случај се препорачува директно одење со ИВФ.

Во случај кога жената се ближи до 35-та година, се препорачува да не се губи време со операција и да се оди дректно со ИВФ.

 

Третман на ендометриоза

 

Во случаи кога се работи за блага или средно распространета ендометриоза, може да се обиде да се отстрани ткивото со лапароскопска операција.

Ако операцијата не е успешна или пак се работи за поголема зафатеност, се применува ИВФ. Успешноста на ИВФ постапката во случај на ендометриоза е нешто помала.

 

Третман на идиопатска - необјаснета неплодност

 

Понекогаш не е можно да се најде причината зошто жената не забременува, па со тоа потешко е да се даде и соодветна терапија. Во случај на идиопатска неплодност се користат истите средства како и кај неплодноста заради проблеми со овулацијата.

Прво се обидува со Кломифен за да се придизвика создавање на поголем број фоликули и со тоа да се зголемат шансите за зачнување. Често пати Кломифенот се комбинира со инсеминација.

Ако нема упех се даваат инекции гонадотропини во комбинација со инсеминација.

Ако инсеминациите не се успешни, како последна алтернатива останува ИВФ.

 

Третман на машка неплодност

 

Третманот ќе зависи од причината која ја предизвикува неплодноста кај мажот.

На пример доколку се работи за хормонално пореметување се даваат хормони, ако се работи за варикочела се прави хируршка интервенција, ако неплодноста е последица на некоја инфекција се даваат антибиотици ит.н

Во секој случај се променува начинот на живот (исфрлање на алкохолот, цигарите, носењето тесен долен веш ит.н.)

Во случај да не помогнат другите средства, се прави ICSI техника на вонтелесно оплодување. Од класичното ИВФ се разликува по тоа што наместо да се чека спрматозоидите сами да ја ополодат јајце клетката, со посебна игла се зема 1 сперматозоид и се внесува во неа.