Аутизам
Што е аутизам
Аутизмот е комплексна состојба при која пречките типично се појавуваат во првите 3 години од животот. Аутизмот ја нарушува способноста на детето да комуницира со околината и другите луѓе. Спаѓа во така наречени "спектрални нарушувања", односно различно се манифестира кај различни луѓе. Личностите со аутизам пројавуваат социјални, комуникациски, моторни и сензорни проблеми кои влијаат врз нивното однесување. Ако станува збор за високо функционален аутизам говорот и интелигенцијата можат да бидат неоштетени, кај други пак можат да се јават сериозни ментални проблеми, неможност или проблеми со говорот. Луѓето со аутизам често изгледаат затворено во себе и исклучено. Физичкиот изглед воопшто не се разликува од другите луѓе.
Статистиките покажуваат дека во САД на 110 деца едно се раѓа со аутизам, кај машките бебиња пак на 70 едно има аутизам. Од многу голема важност е навременото откривање, за да се зголеми успешноста на терапијата.
Симптоми и знаци на аутизам
Причините за појавата на аутизам се сеуште непознати. Кај децата со аутизам можат да се јават следните симптоми:
- Не гугаат до една година.
- Не гестикулираат до една година.
- Не кажуваат ниту еден збор до 16 месеци.
- Не кажуваат фрази од 2 збора до 24 месеци.
- Не сакаат да бидат прегрнувани, имаат потешкотии со зближувањето со родителите и другите луѓе. Понекогаш и кон родителите може да се однесуваат како кон непознатите.
- Живеат во свој свет и не се заинтересирани за игра и интеракција.
- Сакаат самотија, не се заинтересирани за околината и другите луѓе.
- Кај децата болни од аутизам може да има изразено поврзување со предмети.
- Бараат шаблони, создаваат свои ритуали и одбиваат промени.
- Имаат тенденција да ги поредуваат предметите по некој ред.
- Можат да повторуваат фрази и зборови наместо да употребуваат нормален јазик.
- Повторувачки гестикулации, на пример детето може да мафта со раката, да ја врти главата, да врти страни од некоја книга и сл.
- Имаат потешкотија при искажувањето на своите потреби, покажуваат со гестикулација наместо со зборови.
- Не можат или тешко можат да воспоставаат контакт со очи.
- Се смеат или плачат и се вознемирени без навидум никаква причина.
- Немаат страв од реална опасност.
- Не реагираат на говор, иако тестовите покажуваат дека нема оштетување на слухот.
- Не реагираат на стандардните методи на поучување.
- Забележливо голема или мала чувствителност на болка.
- Забележливо голема или премала физичка активност.
- Недостаток на спонтана игра.
Аутизмот е состојба која не се повлекува сама од себе, но раната дијагноза и терапија можат да донесат значително подобрување и да дадат добар исход. Со соодветна подршка луѓето кои боледуваат од аутизам можат да имаат исполнет и здрав живот.