Тврдоглавост и упорност кај децата

Сите сме виделе тврдоглаво дете. Тоа и самото не знае што сака. Бара играчка, потоа ја фрла на земја... дај ми друга, не ја сакам оваа, дај ми ја онаа, земи ме во раце, пушти ме доле... , сето ова детето го бара со плачлив глас.

Ваквото однесување на детето се јавува и постои се додека не се отстранат причините за нивното појавување. Ваквото раздразливо однесување нема да се појави доколку родителот обрнува внимание на здравјето на детето, на хигиената, играта, спиењето итн., со што ќе создадат услови за правилен развој на детето.

Но, постојат и други причини поради кои детето може да биде раздразливо и нервозно.

 


Внимавајте на вашето однесување пред децата


Доколку родителите многу често се караат и прераскажуваат разни непријатни случки пред децата, кај детето се јавува раздразливост.

 


Разгалување на детето


Понатаму, во многу семејства е вообичаено да се разгалуваат децата. Разгалувањето е една од причините за тврдоглавост кај децата. Разгаленото дете станува неспособно, плачливо, намуртено и мрзеливо. Тоа чувствува дека е центар на вниманието, дека сите се околу него, во секоја работа има помош од другите, доколку му се случи и најмала незгода сите трчаат да му помогнат, го тешат, му ги бришат солзите итн.

На тој начин детето станува тиранин во куќата, па доколку не му се исполни некоја желба, тоа ќе почне хистерично да плаче и да ги навредува родителите. Доколку повеќе му се угодува на детето и му се исполнуваат неговите желби, тоа станува се повеќе тврдоглаво, а со тоа го загорчува и животот на целото семејство.

Разгаленото дете  е себично и ладно, неговата волја е слаба, но умее да наредува.  Треба да внимаваме бидејќи „првите детски солзи се нивна молба, а потоа се претвораат во наредби“. Ваквата неразумна љубов на родителите е една од причините за тврдоглавост кај децата.

Со правилен однос на родителите спрема децата,  оваквото однесување може да се спречи. Родителот не смее да покаже слабост спрема детето, бидејќи доколку тоа го осети, детето секогаш таа слабост ќе ја користи и родителот ќе му стане негов роб .

Детето не треба да го разгалиме, бидејќи разгалувањето нема никаква врска со нежноста и родителската љубов.

 


Немојте да ја потценувате личноста на детето


Честопати тврдоглавоста се јавува поради некоја неправда која што детето ја претрпело од страна на родителите. Тоа најчесто се случува тогаш кога родителот применува физичка казна, го повредува и го понижува детето.

Често пати се случува детето да раскажува некој настан од училиште , а родителот да го прекине недозволувајки да го раскаже. Се случува да поставува прашања, а да не добие одговор. Така тоа добива за себе слика дека не е вредно како возрасните, возрасните не обрнуваат внимание на него, а тоа нешто ја потценува неговата личност.

Детето најмногу трпи кога родителите спрема него се однесуваат грубо и го нарекуваат неспособно. Поради тоа детето станува незадоволно, навредливо и се повлекува во себе.

Многу родители не размислуваат за  причините за тврдоглавоста на детето и ги бараат на друга страна. Честопати може да се слушне како мајката вели „моево дете е многу тврдоглаво, цело е на татко му“ , или обратно. Тоа би значело дека детето се родило тврдоглаво на таткото, мајката, бабата итн. Но,како што детето не се раѓа паметно или глупаво, исто така не се раѓа ниту тврдоглаво.Тврдоглавоста не се наследува, иако некој наоѓа сличности со мајката или таткото. Тоа не значи дека ја наследило, туку тоа е поради тоа што детето растело покрај родител кој што му дава таков пример за копирање.

Родителот треба да внимава на своето држење и однесување спрема детето. Тој треба да ја освои неговата доверба, а тоа ќе го постигне само доколку води сметка за неговата личност и ја цени неговата личност. На тој начин ќе се спречи една од причините за неговата можна тврдоглавост.


Преодни години


Родителот треба внимателно да ги следи промените кај неговото дете во преодните години, помеѓу 12-15 или 16 година. На оваа возраст често се јавува тврдоглавост.

Родителите често не ги разбираат промените низ кои мине нивното дете и не водат сметка за чувствителноста на детето. Тие и понатамо се однесуваат спрема него како спрема дете, а тоа врз него влијае многу лошо. На таа возраст детето сака да личи во се на возрасните, па поради тоа ги копира во се. Голема грешка е доколку родителот ја нагласува слабоста на детето пред неговите врсници, ако ја потценува неговата личност. Затоа е потребно да се следат сите промени кај детето и родителот да го промени начинот на однесување спрема него.

   
Кај детето се јавува потреба за близок пријател на кого ќе може да му ги каже сите свои потреби. Поради тоа и родителот треба да му се доближи на детето на овој начин (близок пријател). Доколку родителот успее во ова, тоа ќе биде голем успех. Тогаш кај детето се јавува решителност, чувство за должност кон заедницата и во тој период се формираат и се зацврстуваат карактерните црти кај детето.

Доколку родителот се однесува спрема детето како спрема рамноправен член во семејството, тоа ќе ве цени, ќе ја прими вашата критика и вашиот совет. Доколку родителот не постапува на овој начин, во тој случај ќе ја разниша неговата самодоверба, нарекувајќи го неспособен, а со тоа ќе ја поттикне неговата тврдоглавост.

 


Разлика помеѓу упорноста и тврдоглавоста


Родителот треба да ја проучува тврдоглавоста кај детето, бидејќи често и упорноста наликува на тврдоглавост. Упорноста, истрајноста во одредена работа е позитивна црта која треба да се развива и таа нема никаква врска со тврдоглавоста.
    
Упорното дете често превзема одредени задачи каде што ја применува неговата сила. Во такви случаи родителот не треба да го спречува неговото дете во самостојноста, туку треба да му обрне внимание на тежината на задачата. Тоа е потребно од причина што детето на тој начин си ги одмерува силите, а за да не ја изгуби вољата за работа, доколку не успее во тоа што го работи.

 

 


Дип. Психолог

Слаѓана Анѓелкоска