Улогата на исхраната врз забременувањето и плодноста

забременување и влијание на исхраната

 

Колку влијае исхраната врз забременувањето

Исхраната може да влијае врз плодноста и кај мажите и кај жените, а со тоа и врз зачнвуањето и забременувањето. Тоа не значи дека треба да се преоптоварите со она што го јадете, но сепак штом се обидувате да забремените,  добро е да почнете да внимавате на она што го внесувате во себе. Еве неколку практични совети, кои ќе ви помогнат ако сакате да забремените и да постигнете оптимално здравје во бременоста:

Обидете се да ја постигнете Вашата нормална тежина

 

Покажано е дека преголемата или премалата телесна тежина можат негативно да влијаат на процесот на зачнувањето.

Доколку патите од преголема телесна тежина, препорачливо е да ги намалите маснотиите што ги внесувате, но во исто време е добро да почнете да се занимавате со некоја физичка активност. Вежбањето не само што ќе Ви помогне да ја намалите телесната тежина, туку позитивно влијае и врз хорманалниот баланс во организмот. Никако немојте да се подложувате на ригорозни диети, затоа што само ќе го постигнете спротивниот ефект од очекуваното.

Исто така докажано е дека кај жени со претерано мала телесна тежина може да се јави пореметување на хормоналната рамнотежа, а со тоа и на плодноста, што ќе доведе до тешкотии со забременувањето .

Хранете се здраво

 

Ова значи да имате разновидна исхрана и да избегнувате храна која е пребогата со маснотии и шеќери. Препорачливо е доколку сакате да забремените, неколку месеци пред тоа да почнете здраво да се храните. На тој начин Вашиот организам ќе биде подобро подготвен за бременоста, а во исто време бебето ќе има подобар почеток. Се препорачува во исхраната да вклучите:

  • Многу овошје и зеленчук;
  • Протеини: месо, пилешко, мешункасти растенија (грав, леќа, боранија, грашок и др);
  • Се препорачува барем два пати неделно да имате риба на трпезата. Внимавајте тоа да не биде ајкула, сабјарка или премногу туна, затоа што овие риби се богати со жива;
  • Млеко, сирење, јогурт и сл. Овие производи се богати со калциум;
  • Храна богата со железо: црвено месо, лиснат зеленчук, житарки и др;
  • Сокови или овошје богато со Ц витамин. Ц витаминот помеѓу другото му помага на Вашиот организам да може полесно да го абсорбира железото од храната.

Фолати

Фолнатите се многу важен витамин од Б групата, поточно витамин Б9, кој има не само огромно влијание врз здравата бременост, туку и ги намалува шансите за: срцев удар, мозочен удар, рак, дијабетис ит.н.

Фолнатите учествуваат во многу процеси во организмот: во создавањето на крвните клетки, метаболизмот на нервните клетки, во делбата и диференцирањето на клетките ит.н. Во бременоста потебата од фолнати значително се зголемува.

Недостатокот на фолати во почетокот на бременоста се смета дека е еден од главните фактори за настанок на дефектите на неуралната туба кај бебето, како што се Spina Bifida, Anencephalus и сл. Испитувањата покажале дека со земање на фолати се намалуваат шансите за појава на дефект на неуралната туба кај бебето за 70%. Воедно се намалуваат и шансите за спонтан абортус.

Фолнатите во нивната природна форма се наоѓаат во: леќа, спанаќ, марула и друг листест зелечнук, броколи, авокадо,  портокали итн.

Исфрлете го алкохолот

Ако се обидувате да останете бремени алкохолот или исфрлете го целосно или пијте го умерено и само повремено, заради неговото штетно влијание врз плодот. Бидејки не знаете кога ќе останете бремени, подобро е да се биде на сигурната страна, одколку да дозволите да му наштети на бебето.

Престанете со пушењето

престанете со пушењето

За штетноста на цигарите во бременоста, не треба ниту да спомнеме. Постојат многу докази дека цигарите штетно се одразуваат врз здравјето на бебето во утробата, предизвикувајки различни пореметувања: раѓање со помала телесна тежина, предвремено породување, појава на астма кај бебето, респираторни инфекции, алергии, зголемен ризиик од леукемија итн.

Исто е докажано дека ги намалуваат и шансите за забременување. На жените кои пушат во просек им требаат по 2 месеца подолго за да забременат, во однос на жените кои не пушат.

За да обезбедите оптимална средина за развојот на Вашето бебе и за да има време да се исфрли никотинот од Вашето тело, доколку пушите, добро е престанете со пушењето уште пред да забремените. Можеби Ви изгледа како голема жртва, но имајте впредвид дека тоа го правите за здравјето на Вашето дете.

Намалете го кофеинот

Иако засега не е докажано дека кофеинот ги намалува шансите за зачнување, сепак е докажано дека неговото земање над 200 милиграми/дневно ја зголемува можноста за спонтан абортус и за раѓање на бебето со премала телесна тежина. Во Вашата подготовка за бременоста, можете да се обидете да го намалите количеството на кофеин кое го внесувате секојдневно.

Само за илустрација: 200 mg кофеин има во:

  • 2 шољи кафе;
  • 100 гр млечно чоколадо;
  • 4 шољи чај;

Избегнувајте премногу А витамин и риба богата со жива

А витаминот е потребен во бременоста, но големи количини можат да му наштетат на бебето. Тоа значи да избегнувате: црн дроб, рибино масло од црн дроб и сл. Во риба богата со жива спаѓаат: ајкула, сабјарка и др. големи морски риби. Исто така јадете умерено туна, затоа што и во неа има значителни количества жива.