Овулација: што е овулација и кога се случува овулацијата
Што е овулација
Овулацијата е процес во кој зрелата јајце клетка се ослободува од јајникот и е спремна за оплодување. Овулацијата всушност е време од менструалниот циклус кога жената е плодна. Овулацијата се случува само еднаш во месецот, односно еднаш во текот на еден месечен циклус на жената.
Секој месец почнуваат да зреат повеќе фоликули, во кои се наоѓа по една јајце клетка. Еден од тие фоликули станува водечки, додека другите престануваат да растат и се ресорбираат. Кога ќе достигне одредена големина и зрелост, од водечкиот фоликул се ослободува јајце клетката и тоа всушност е моментот на овулацијата. Потоа јајце клетката патува низ јајцеводите кон матката, а оплодувањето со сперматозоидот се случува во јајцеводите.
Моментот на овулација, фатен на камера при лапароскопска операција
Некои факти за овулацијата:
- Јајце клетката е способна за оплодување само 12-24 часа по овулацијата.
- Секој месец вообичаено созрева само по една јајце клетка. Понекогаш се случува да созреат 2 или повеќе и во таков случај може да дојде до повеќекратна бременост.
- Секоја жена се раѓа со милиони јајце клетки, кои чекаат да созреат за време на репродуктивниот период на жената.
- Стресот може да има негативно влијане врз овулацијата.
- Понекогаш овулацијата може да изостане дури и ако менструалниот циклус е уреден.
- Обично секоја жена има по 1-2 ановулаторни (без овулација) циклуси годишно.
- Некои жени овулацијата ја чувствуваат како блага болка во едниот јајник.
- Понекогаш за време на овулацијата може да се јави благо крварење.
- Ако јајце клетката не се оплоди, таа се ресорбира во матката.
- Ако се оплоди јајце клетката, имплантацијата (внездувањето) во матката се случува најчесто после 6-10 дена.
- Оплодената јајце клетка патува низ јајцеводите 2-4 дена и потоа уште 3-4 дена (во просек), бара погодно место во матката за да се вгнезди.
Како се случува овулацијата
Месечниот циклус на жената се рачуна од првиот ден на нејзината менструација, па се до првиот ден на наредната менструација. Просечнната должината на траење на циклусот е 28-32 дена, но некои жени можат да имаат пократок или подолг циклус. Овулацијата кај повеќето жени се случува од 12-21 ден од циклусот, но тоа не е правило. Кај некои жени може да се случи и порано или покасно, зависно од дожината на нивниот циклус. Исто така треба да се напомне дека овулацијата не мора да се случува во истиот ден секој месечен циклус. Сепак она што е најконстантно е дека најчесто до овулација доаѓа околу 2 недели пред добивањето на следната менструација.
Месечниот циклус на жената е поделен во 2 фази:
Фоликуларна фаза од овулаторниот циклус
Првата фаза од месечниот циклус е наречена фоликуларна фаза, затоа што во неа се случува развојот на фоликулите, од кои покасно ќе е ослободи зрелата јајце клетка. Оваа фаза започнува од првиот ден на менструацијата и трае се до овулацијата. Нејзината должина може да биде различна и може да се менува од месец во месец. Врз нејзиното траење можат да влијаат и надворешните фактори, како стресот. Кај жените со пократок циклус е фоликуларната фаза е пократка, а кај жените со подолг циклус е подолга. Во фоликуларната фаза доминантен хормон е естрогенот. Естрогенот пак предизвикува да се задебели ендометриумот на матката за да може да го прифати бебето.
Лутеална фаза од овулаторниот циклус
Втората фаза од менструалниот циклус е наречена лутеална или фаза на жолтото тело. Кога доминантниот фоликул ќе прсне и ќе се ослободи јајце клетката, тој се претвара во т.н. жолто или лутеално тело (Corpus Luteum), кое лачи прогестерон. Прогестеронот е доминантен хормон во втората фаза од цилкусот и ја подготвува матката за прифаќање на ембрионот. Траењето на лутеалната фаза обично е константно за една жена. Започнува од денот после овулацијата и завршува со доаѓањето на следната менструација. Нејзиното траење најчесто е од 12-16 дена. Ако трае 10 или помалку дена се работи за т.н. дефект на лутеалната фаза. Дефектот на лутеалната фаза може да предизвика неплодност, затоа што ембрионот нема доволно време да се вгнезди во матката, пред почетокот на следната менструација. Доколку кај жената постои оваков дефект, многу успешно се третира со витамин Б6, во количина од 50мг дневно.
Хормонални промени во текот на еден месечен циклус
Кога започнува менструацијата нивото на естроген е ниско. Хипоталмусот праќа сигнал до хипофизата да почне да се излачува т.н. фоликуло стимулирачки хормон (FSH). FSH од своја страна предизвикува неколку фоликули да почнат да растат и јајце клетките во нив да почнат да зреат. Еден од овие фоликули ќе стане доминантен, а другите ќе пропаднат. Како што растат фоликулите, така почнува да се зголемува нивото на хормонот естроген. Вискоките нивоа на естроген пак му сигнализираат на хипоталамусот дека има зрела јајце клетка. Тогаш нагло се покачува нивото на лутеинизирачкиот хормон (LH) и предизвикува во рок од 24-36 часа да дојде до прскање на фоликулот и ослободување на јајце клетката.
Откако фоликулот ќе прсне и јајце клетката ќе се ослободи, фоликулот се претвора во жолто тело и почнува да лачи прогестерон. Максималните вредности на прогестеронот се достигнуваат отприлика после една недела и потоа неговото лачење почнува да опаѓа. Ако не дојде до забременување, на крајот на лутеалната фаза жолтото тело пропаѓа. Тогаш почнува следната менструација. Ако дојде до бременост жолотото тело продолжува со лачење на прогестерон и ја спречува менструацијата.