Тест за бременост

Доколку се сомневате дека сте бремени, а се уште е рано за да може гинекологот да Ви го потврди тоа, можете да направите тест за бременост.
На кој принцип работат тестовите за бременост
Штом ембрионот ќе се всади во матката, веднаш почнува со лачење на т.н. хуман хорион гонадотропин хормон или hCG. Овој хормон му сигнализира на телото да ја спречи менструацијата, за да не биде исфрлено бебето. Неговите вредности рапидно се зголемуваат и тестовите за бременост всушност работат на тој принцип што го детектираат неговото присутство.
Постојат 2 типа тестови за бременост:
- Домашни тестови за бременост со кои се испитува hCG преку урина.
- Лабораториски тестови за бременост со кои се испитува hCG преку крвта.
Домашен тест за бременост
Домашните тестови за бременост се лесно достапни, ефтини се и можат да се набават во секоја аптека. Тестирањето е многу едноставно, а резултатот се добива за неколку минути. Се препорачува да се направат со првата утринска урина, затоа што тогаш hCG хормонот е најконцентриран. Можат да бидат во вид на лентa, чиј врв се потопува во урината или пак во вид на плочка, на која се капнува урина.
Кога можете да направите тест за бременост
За домашните тестови за бременост се пепорачува да почекате барем еден ден од доцнењето на Вашата менструација. Ова значи дека се поминати отприлика 2 недели после зачнувањето.
Повеќето тестови за бременост се осетливи на 50 единици од hCG хормонот, но има и некои поскапи и поосетливи тестови, кои реагираат и на концентрација од 20 единици. Нив би можеле да ги направите и порано, а сепак да покажат точен резултат.
Внимавајте, ако тестот за бременост го направите премногу рано може да добиете лажен негативен резултат. Доколку тестот е негативен, а Вашиот циклус касни, препорачливо е да го повторите по 2-3 дена.
Лабораториското испитување на hCG преку крвта може да се направи 7-12 дена после зачнувањето. Сепак ако се направи премногу рано, исто така може да даде лажен негативен резултат.
Колку се точни домашните тестови за бременост
Домашните тестови за бременост во денешно време се со 99% точност. Сепак како што кажавме, ако тестот за бременост е направен премногу рано може да добиете лажен негативен резултат.
Лажен позитивен резултат е возможен, но исклучително редок. Ако добиете позитивен тест на бремност, тогаш веројатно навистина сте бремени.
Обично лажен позитивен резултат може да се случи само во случај кога жената прима некои специфични лекарства. На пример ако сте примиле инекција Прегнил за прскање на фоликулите, не треба да се тестирате пред да поминат 14 дена, заради тоа што самата инекција го содржи овој хормон. Доколку се тестирате пред истекот на 14 дена, тестот ќе го детектира присуството на hCG, останато од инекцијата и може да даде лажен позитивен резултат.
Тест за бременост преку крвта
Предноста на тестирањето преку крвта се состои во следното:
- Дава порани резултати во споредба со домашните тестови преку урина. Точни резултати можат да се добијат 7-12 дена по зачнувањето.
- Концентрацијата на hCG се мери квaнтитативно. Тоа може да му даде на лекарот корисни информации доколку се работи за следење на евентуални проблеми во текот на бременоста.
Негативна страна на лабораториските тестотви за бременсот:
- Поскапи се во споредба со домашните тестови преку урина.
- Мора да се направат во лабораторија.
- За резултатите треба да се почека подолго, во споредба со домашните тестови, кај кои резултатите се добиваат за неколку минути.