Дебелината носи зголемен ризик од спонтан абортус кај жените кои прават ин витро
Студија спроведена од англиски научници јасно покажала дека жените кои имаат покачена телесна тежина и се подложуваат на ин витро третмани имаат значително поголем ризик од спонтан абортус од оние со нормален индекс на телесна маса.
Студијата била презентирана на годишната конференција на Европското Здружение за Човечка Репродукција и Ембриологија. Во неа учествувале 318 жени кај кои бременоста била постигната со ембриотрансфер на една бластоциста - на петтиот ден од оплодувањето. Во едната група имало 185 жени со нормален индекс на телесна маса (18,5-24,9), а во другата група имало 133 жени со индекс на телесна маса поголем од нормалниот (над 25), 19 од нив биле со индекс над 30 - што спаѓа во дебелина.
Вкупно 26% од бременостите се завршиле со спонтан абортус (загуба на бременоста во првите 20 седмици). Кај жените со нормален индекс на телесна маса имало 22% спонтани абортуси, а кај жените со покачен индекс имало 33% на абортуси, што е значителна разлика од 50% повеќе спонтани абортуси во групата со покачена тежина.
Дебелината придонесува и за голем број на други компликации во бременоста како: висок притисок, прееклампсија, гестациски дијабетес, прерано породување итн. Исто така поголема е шансата бебињата на дебелите мајки и самите да бидат дебели.
Досега имаше студии кои покажуваа дека и кај жените кои зачнуваат по природен пат ризикот од спонтан абортус е поголем доколку имаат телесна тежина над нормалата, но имаше конфликтни толкувања кај студиите со жени кои правеле ин витро заради тоа што биле опфатени жени кај кои биле внесени и повеќе ембриони. Оваа студија заради хомогеноста на учесничките (кај сите била внесена по една бластоцисата, на ист стадиум на развој) е посебно важна заради покажувањето на јасни резултати.
Dr. Tarek El-Toukhy - водач на студијата вели дека и досега на жените им се советуваше пред обидот за бременост да ја доведат тежината во нормала, но сега испитувањето јасно покажа дека жените кои сакаат да прават ин витро треба да го послушаат овој совет за да ги зголемат своите шанси за успешна бременост.