Мајките кои не ги дојат своите деца имаат значително поголем ризик од дијабетес тип 2
Студија на Универзитетот во Питсбург покажа дека мајките кои не ги дојат бебињата имаат значително поголеми шанси за развој на дијабетес тип 2 покасно во животот.
Др. Eleanor Bimla Schwarz - професорка на Универзитетот вели дека нашироко е познато дека исхраната и вежбањето влијаат врз намалување на ризикот за дијабетес тип 2, но многу луѓе не знаат дека и доењето може драстично да ги намали шансите за негова појава, преку намалување на мастите на стомакот кај мајката.
Во студијата биле вклучени 2333 жени на возраст помеѓу 40 и 70 години. 56% од мајките изјавиле дека ги доеле своите деца барем 1 месец. Од оние мајки кои не ги доеле децата, 27% добиле дијабетес тип 2, бројката е речиси 2 пати поголема од онаа кај жените кои ги доеле децата или не родиле. Оние мајки кои ги доеле сите свои деца немале воопшто зголемен ризик за развој на болеста, во споредба со жените кои не родиле.
Др. Schwarz вели дека ова е уште една причина за да се охрабрат мајките да ги дојат своите деца, барем во првиот месец од нивниот живот. Лекарите кои ги советуват жените за ризикот од дијабетес тип 2 треба да ја земат во предвид и нивната историја на бременост и доење.