Нередовен менструален циклус

Што е нередовен менструален циклус

 

За нередовни менструални циклуси се сметаат оние каде што должината на траењето на циклусот варира од месец во месец, за повеќе од неколку дена или пак има големо варирање во јачината на крварењето.

Школски менструалниот циклус трае 28 дена, но во пракса тоа е реткост. Огромен број на жени имаат циклус со траење од 23-35 дена и тоа е нормална појава. Не се загрижувајте ако имате 1-2 нередовни циклуси, тоа е сосема нормално. Ако вашиот циклус трае помалку од 21 ден можно е да има проблем со плодноста.

Ако нередовните циклуси продолжат во текот на неколку месеци, препорачливо е да посетите лекар.

 

Причини за нередовен менструален циклус

 

Може да има многу причини, а коренот е пореметување во работата на хормоните. Главни причини за нередовна менструација се:

  • Стресот има огромно влијаните врз хормоналната рамнотежа во телото, па со самото тоа и на менструалниот циклус.
  • Лошата исхрана може да го поремети менструалниот циклус на жената. Наглото губење или качување на килажа може да доведе до запирање на циклусот или нередовни циклуси. Познато е дека во случај на анорексија или булимија, жените најчесто ја губат менструацијата.
  • Многу напорни физички вежби. Познато е дека кај спортистките може да дојде до изостанување на менструалниот циклус.
  • Менопауза - како што жената се приближува до менопаузата, почнуваат и промени и изостанување на циклусот.
  • Контрацепциските хормонални препарати исто можат да го нарушат циклусот, додека телото не се прилагоди на новата хормонална ситуација.
  • Синдром на полицистични јајници - ПЦОС ит.н.

 

Влијание на нередовните цилуси врз плодноста на жената

 

Повеќето жени со нередовни циклуси нема да имаат проблем со зачнувањето, но нередовните циклуси можат да бидат причина за неплодност.

Нередовната менструација може да укажуваа на проблем со овулацијата или на отсуство на овулацијата. Врз плодноста на жената имаат влијаните многу фактори, но доколку не дојде до овулација, односно ако не дојде до ослободување на зрела јајце клетка, оплодувањето е невозможно.

На неплодност заради проблем со овулацијата отпаѓаат околу 30-40% од вкупните случаи на женска неплодност.

Сепак нередовните циклуси не мора да значи дека укажуваат на отсуство на овулација. Иако циклусите се поретки, жената може да има овулација, но поретко наместо секој месец.

Поретката овулација може да претсавува проблем при зачнувањето, но во таков случај може многу да помогне следењето на знаците на плодност (особено следењето на цервикалната слуз), за да се одредат плодните денови во тој циклус.

Честа причина за нередовен менструален циклус и отсуство на овулација е синдромот на полицистични јајници - ПЦОС.

Отсуството на овулација се нарекува ановулација.

 

Третмани за подобрување на плодноста

 

Со цел кај жените со нередовен менструален циклус да се предизвикаат почести циклуси и со самото тоа и почеста овулација, многу често се користи Кломифен цитрат. Кломифенот е првиот избор и за третман на ановулација - односно отстуство на овулација кај жената.

Кломифенот ги стимулира јајниците да почнат да созреваат повеќе јајце клетки. Кај повеќето жени кломифенот дава резулат. Се почнува со земање на доза од 50 или 100 мг дневно од третиот до седмиот или од петтиот до деветтиот ден на циклусот. Ако овулацијата со оваа доза изостане, во наредниот циклус дозата се зголемува на 150 или 200мг, ако нема успех и после третиот циклус со Кломифен, се преминува на друг начин на стимулација.

Кломифенот често предизвикува да дојде до намалување или влошување на квалитетот на плодната слуз од грлото на матката. Тоа го отежнува движењето на сперматозоидите и може да ги намали шансите за оплодување. Затоа многу често употребата на Кломифен се комбинира со инсеминација. Обработената сперма се става директно во матката на жената. На тој начин се премостува пречката заради отсуството на погодна плодна слуз.

Кај оние жени кај кои предизвикувањето на овулација не е успешно со Кломифен, се прави стимулација со хормонални инекции, на пример Гонал-Ф. Кај околу 90% од жените, на овој начин успешно се постигнува овулација.

Кај хормонално стимулираните циклуси честа е појавата на повеќекратна бременост. Причина за тоа е што многу често се случува да созреат и да се оплодат повеќе јајце клетки. Па лесно може да дојде до зачнување на двојки, тројки итн.

Сепак пред да се почне со третман за стимулирање на овулацијата, потребно е да се исклучат како причина проблеми со: хипофизата, надбубрежната и тироидната жлезда.

 

Влијанието на стресот врз менструалниот циклус

 

Кај паровите кои се соочуваат со неплодност е зголемено нивото на стрес. Но во исто време стресот и самиот може да биде причина за неплодност и да предизвика отсуство на овулација. На тој начин уште повеќе се намалуваат шансите да дојде до бременост.

За да го намалите стресот може да помогнат разговорот и отвореноста со партнерот, редовни физички вежби, намалување на кофеинот и другите стимуланси итн. Обидете се да го пронајдете и да го правите она што ќе ве опушти вас.