Високото ниво на шеќер во крвта за време на бременоста е поврзано со ризик од дијабетес тип 2 кај децата

Децата чии мајки во текот на бременоста имале зголемено ниво на шеќер во крвта имаат поголеми шанси за намалена чувствителност на инсулин, а тоа е ризичен фактор за појава на дијабетес тип 2. Paula Chandler-Laney - коавтор на студијата (постдокторант на Универзитетот Алабама во Бирмингем), вели дека се знае дека децата чии мајки имале гестациски (труднички) дијабетес или пак дијабетес тип 2, имаат поголем ризик од појава на дијабетес тип 2. Студијата покажала дека тоа се должи на изложеноста на повисоко ниво на гликоза уште додека децата се наоѓаат во утробата на мајката.


Paula Chandler-Laney со нејзините колеги проучувале 21 дете на возраст од 5-10 години и ја мереле нивната чувствителност на инсулин (хормонот кој го регулира нивото на шеќер во крвта). Исто така ги прегледале и медицинските досиеја на мајките за текот на бременоста и резултатите од тестовите на глукоза во нивната бременост.


Истражувачите откриле дека нивото на шеќер кое го имала мајката во текот на бременоста е обратно пропорционално со чувствителноста на инсулин кај децата. Односно колку мајката во бременоста имала повисоко ниво на шеќер во крвта, толку кај децата имало помала чувствителност на инсулин, а со тоа и поголеми шанси за појава на дијабетес тип 2. Ниската чувствителност на инсулин се смета за главниот фактор на ризик за појава на дијабетес тип 2.
Дебелината исто така ја намалува чувствителноста на инсулин, но кај овие деца намалената чувствителност се јавувала независно од количината на масти во нивното тело.


Децата кои се изложени на високи нивоа на шеќер во утробата на матката, покасно имаат зголемено лачење на инсулин по оброкот - што дополнително го зголемува ризикот од појава на дијабетес тип 2.


Ниту едно од испитуваните деца немало зголемено ниво на шеќер во крвта, но според Chandler-Laney во пубертетот чувствителноста на инсулин уште повеќе би се намалила. 
 

Резултатите од студијата уште еднаш ја покажаа важноста за раширување на свесноста кај лекарите и бремените жени за далекусежните последици на покаченото ниво на шеќер во бременоста врз децата,  а со тоа и важноста на редовните контроли и терапија во текот на бременоста.