Спиење кај бебето

Честитки, станавте родители. Ова е време кога многу работи во вашиот живот ќе претрпат драстични промени. Ве очекува време на прилагодување, учење, збунетост, фрустрираност, но и многу љубов. Спиењето е една од работите кај вас која ќе претрпи огромни промени.

Кога ќе се роди бебето ќе добивате многу совети од разни страни. Многу од нив ќе бидат добронамерни, но нема сите совети да бидат задолжително и добри. Затоа е многу важно самите да бидете информирани за она што треба да го очекувате и како Вие правилно да се поставите во целата ситуација.

КОЛКУ БЕБИЊАТА СПИЈАТ?

За време на првите месеци на животот, бебињата спијат секогаш кога се уморни. Вие тука не можете многу да промените. Кога бебето е уморно ќе спие, а ако пак не е уморно тешко дека ќе можете да го успиете.

Шаблонот на спиење кај новороденчињата многу се разликува од оној на возрасните. Во првата недела од животот бебето просечно спие по 14-18 часа дневно. До крајот на првиот месец ова време се скратува на 12-16 часа. За разлика од возрасните кои имаат подолг циклус на сон, спиењето кај бебето просечно трае по 2-4 часа, понекогаш и помалку.Бебињата имаат многу мал желудник, што значи дека можат да примат мала количина на храна, а млекото е лесно сварливо. Тоа во пракса значи дека Вашето бебе ќе се буди многу често за да го нахраните. Дури педијатрите препорачуваат ако бебето не се разбуди во рок од 3-4 часа, вие самите да го разбудите и да го нахраните.

ДАЛИ БЕБЕТО СПИЕ НОЌЕ?

Ова прашање ќе го слушате многу често од луѓето. Сепак треба да знаете дека новороденчињата не разликуваат ден од ноќ, барем не во почетокот. Дури од 6-та до 8-та недела почнуваат да спијат подолго ноќе, одколку дење.

Од 3-от до 6-от месец повеќето бебиња ќе се научат да спијат по “цела ноќ”, но таа цела ноќ за бебето трае 4-5 часа. Дури и кога бебето почнало да спие по 5 часа, тоа по извесно време може повторно да се промени во 2-4 часа сон. Навиката да спијат по навистина цела ноќ, кај децата се оформува помеѓу првата и втората година од животот.

КАКО ДА МУ ПОМОГНЕТЕ НА ВАШЕТО БЕБЕТО ДА РАЗВИЕ ЗДРАВИ НАВИКИ ВО СПИЕЊЕТО

Обидете се да ги научите знаците на умор кај Вашето бебе и внимавајте на нив.

До 6-тата или до 8-та седмица бебето веројатно нема да може да биде будно подолго од 2 часа. Ако не заспие набрзо откако ќе стане уморно, може да се премори и да има проблем со заспивањето.

Знаци на умор може да бидат: ако бебето ги трие очите, ушите, понекогаш може да се јават и потемни кругови околу очите, го губи интересот за луѓето и играчките околку него, се стишува, станува кенкаво, плачливо и сл. Не се грижете, за кратко време ќе ги научите знаците на Вашето бебе. Кога ќе ги приметите знаците на умор, обидете се да го успиете бебето.

Не дозволувајте бебето да биде лишувано од потребниот сон. Тоа би можело да створи лоши навики на спиење и да го направи нервозно, несреќно и плачливо.

Почнете да го учите бебето да разликува ден од ноќ. На почетокот ова ќе биде без успех, ама кога ќе наполни неколку недели ќе почне да разбира.

Можете да направите некои работи за бебето да почне да прави разлика помеѓу ден и ноќ. Во текот на денот не ја намалувајте нормалната бука во домот, кренете ги ролетните за да биде осветлено, играјте си со бебето, зборувајте му и сл. (ова во никој случај не значи да не му дозволулвате да спие колку што му е потребно). Ноќе направете потивка атмосфера, не му зборувајте толку и нека биде позатемнето. По некое време бебето ќе почне да учи да разликува ден од ноќ.

Воспоставете рутина при ставањето на бебето во кревет. На пример облечете го во пижами, испејте му песна, можете капењето да го оставате за навечер и сл. Тоа на бебето ќе му стане знак, по кој ќе знае дека е време за спиење.

Дајте му на бебето шанса самото да заспие. Кога ќе наполни 6-8 недели можете да почнете со тоа.

Бебињата обично заспиваат кога се доени од мајката. Тоа станува навика, затоа што бебето научува спиењето да го поврзува со доењето. Последицата е да не сака да заспие без доење. За да го одучите од ова, кога ќе видите дека станува поспано, тргнете го од градата и оставете го на креветот за самото да заспие. Ова веројатно нема да успее од прв пат. Ако бебето почне да плаче, вратете го на градата и кога повторно ќе почне да заспива пак оставете го на креветот. Истото важи и за нишкањето, ако го научите бебето да заспива со нишкање, тоа ќе очекува да го правите истото и кога ќе потпорасне.

Некои родители не се согласуваат со ова, сметајки дека е сосема нормално и природно бебето да заспие за време на доењето. На ова немаме никаква примедба и е сосема во ред. Вие треба да го направите изборот што сметате дека е најдобар за Вашето бебе.

НОЌНО БУДЕЊЕ ЗА ХРАНА

Повеќето педијатри препорачуваат да не го оставате новороденчето да спие подолго од 3-4 часа без да го нахраните. Во секој случај вашето бебе ќе се разбуди во текот на ноќта од глад. Со текот на времето ќе научите да ги разликувате знаците кога бебето плаче од што е гладно или кога плаче заради други работи.

Запомнете дека бебињата испуштаат звуци и кога спијат. Во сонот може да кенкаат, па дури и да плачат. Во тој случај оставете го да продолжи да спие.

Од друга страна, кога ќе приметите дека бебето се разбудило затоа што е гладно, гледајте да го нахраните што побрзо. На тој начин ќе му помогнете полесно повторно да заспие. Во спротивно ќе почне да плаче се погласно и целосно ќе се расони. Така ќе Ви биде потешко повторно да го заспиете.

КАДЕ И КАКО ДА СПИЕ БЕБЕТО

За спиење во друга соба одвоено од родителите, воопшто не станува збор.

Во некои култури е вообичаено бебето да спие во ист кревет со родителите. Тоа секако си има свои предности, но и маани.

Заради безбедносни причини сепак се препорачува бебето да спие во свое креветче. На тој начин се избегнува опасноста да биде згмечено или задушено.

Идеално би било ако креветчето биде поставено веднаш до и во висина на креветот на мајката. На тој начин бебето ќе биде близу до вас, ќе може да го контролирате во текот на ноќта, а ќе Ви биде многу полесно и за да го надоите.

При изборот на креветче гледајте да нема делови во кои би можела да се заглави главата на бебето или кои би преставувале опасност за него. Внимавајте на тоа, никогаш да не оставате нешто во креветчето, што би можело да биде опасно за бебето. Тоа значи да нема никави предмети со остри рабови или ќошиња, ниту предменти од кои бебето би можело да се задуши (играчки, врвци, лигавчиња, крпи и сл.).

Се препорачува бебето да спие на грб, никако не го оставајте само на стомак. Кога новороденчето спие на стомак, нема сила за да се крене и да ја сврти главата, па е можно да дојде до гушење. Ова особено е опасно ако бебето спие на мека подлога. Во секој случај лежењето на стомак го отежнува дишењето на бебето и не се препорачува, се до некаде шестиот месец.