Столица кај бебето

бебе

Како изгледа нормалната столица на бебето

Родителите најчесто обрнуваат многу големо внимание на тоа каква столица има нивното бебе и се обидуваат да дознаат дали е се во ред. Тоа е сосема нормално и е во ред. Од изгледот на столицата на бебето може да се дознаат многу работи за неговото здравје и исхрана.

Само имајте в предвид дека Вашето бебе е посебна индивидуа и дека неговите навики и потреби исто така се индивидувални. Тоа што е нормално за едно бебе, не значи дека е нормално и за друго. Како што расте бебето, така ќе се менува и изгледот на неговата столица, а во голема мера ќе зависи и од тоа дали го доите или го храните со вештачки формули.

Првата столица на бебето

Првата столица на новороденчето се вика мекониум. Мекониумот е темна, црно-зеленикава, леплива материја, која се создава во цревата на бебето уште додека се наоѓа во утробата на мајката.

Немојте да се вознемирувате од неговиот изглед, тоа е совршено нормална појава и позитивен знак дека цревата на бебето функционираат нормално.

Мекониумот е составен од: плодова вода, клетки од зидовите на цревата на бебето, слуз, и сето она што бебето го проголтало додека било во утробата.

Првото мајчино млеко – колострумот делува како благ лаксатив за што поскоро да се исфрли мекониумот.

Столицата на бебето во текот на првиот месец

Доколку го доите бебето, неговата столица ќе биде светла, жолтеникава, со боја на синап. Структурата може да биде зрнеста, згрутчена, но течна. Миристот мајките го опишуваат како сладкаст.

Ако бебето го храните со вештачки формули, тогаш столицата ќе биде бледо жолтеникава или жолтеникаво-кафенкаста по боја, мека, но поцврста во споредба со онаа на доените бебиња. Исто мирисот повеќе потсеќа на мирис на столица кај возрасните. За да се чувствуваат угодно бебињата кои се хранети со формули, треба да вршат голема нужда барем еднаш дневно. Во спротивно може да се јават потешкотии и запек.

Колку пати дневно е нормално бебето да врши голема нужда

Во првите неколку недели, доените бебиња, може да какаат после секое доење. Могу мајки оваа нивна навика ја мешаат со пролив. Се додека структурата е зрнеста и течна, нема проблем, ниту причина за загриженост.

Бебињата кои се хранети со вештачко млеко, исто така во првите неколку недели ќе какаат по неколку пати дневно, не сепак поретко од доените бебиња.

После првиот месец, бројот на какања во текот на еден ден се намалува.

Понекогаш може да се случи доеното бебе и неколку дека да не изврши голема нужда. Сепак не се вознемирувајте заради тоа, затоа што шансите доено бебе да добие запек се минимални. Ова се случува затоа што дигестивниот систем на бебето се уште се адаптира. Во деновите кога бебето не кака, обратете внимание на тоа дали мокри. Ако и мокрењето е намалено или пак сметате дека бебето има болки или други проблеми, јавете се кај неговиот лекар. Во спротивно не се грижете, нормално е од време на време да се појават денови без какање.

Кај бебињата, кои се хранети со вештачко млеко, бројот на какања после првиот месец исто се намалува. Но кај овие бебиња треба повеќе да се внимава, заради честата појава на запек.. Бебињата кои не се доени треба да извршат голема нужда барем еднаш дневно. Во спротивно има опасност да дојде до запек. Исто внимавајте на тоа дека столицата не смее да биде тврда.

Бебто кенка или плаче додека кака

Ако столицата е со нормален изглед, не се грижете дека нешто не е во ред. Кога Вашето бебе ќе се навикне на тоа какви сензации предизвикуваат нормалните телесните функции, ќе престане со плачењето.

Префрлање од доење на вештачка формула

Ако ја промените исхраната на бебето, нормално дека ќе има промени и во неговата столица. Ако го правите ова, немојте да го направите одеднаш. Дајте му на бебето барем 2 недели преоден период. На тој начин неговиот дигестивен систем ќе има време да се адаптира на вештачкото млеко, со што ќе се избегне запек, а вие ќе ги избегнете проблемите со отекување на градите.

Воведување на тврда храна кај бебето

Кога ќе ја воведете тврдата храна, имајте на ум дека она што ќе влезе мора и да излезе надвор. Ако бебето јадело морков, тоа ќе се забележи и по бојата на неговата столица. Исто така и претходниот мирис на столицата, ќе биде заменет со понепријатен.

Со воведување на цврстата храна, столицата ќе стане потемна, погуста и со понепријатен мирис. Но ова се сосема нормални промени.

Ако го нахраните бебето со нешто што неговиот дигестивен систем се уште не може да го преработи, ќе можете да забележите како истата храна е исфрлена непреработена. Избегнувајте ја таа храна за некое време.

Со текот на времето, како дигестивниот систем на бебето ќе созрева, така ќе се зголемува и неговата способност за преработка на различна храна.

Што не е нормална столица

Дијареја – пролив

Симптоми: многу течна столица, понекогаш зачестена и со поголем обем, изгледа како експлозивно да прснува од газето на бебето.

Доените бебиња имаат помала шанса да добијат пролив, затоа што мајчиното млеко помага да се неутрализираат бактериите кои го предизвикуваат.

Бебињата хранети со вештачко млеко се многу посклони на инфекции. Затоа задолжително вријте ги шишињата и цуцлите и добро мијте ги рацете.

Освен бактериите причина за пролив може да биде и исхрана со премногу овошје, некои медикаменти, осетливост спрема некоја храна и др.

Ако проливот не се повлече сам од себе во рок од 24 часа, побарајте лекарска помош.

Затвор - запек

Симптоми:тешкотија при вршење нужда, столицата е во вид на ситни, суви топчиња, болка во стомакот, цврсто меше, нервоза, понекогаш во изметот може да се забележи и крв (од повреди на аналниот отвор, заради тврдоста на столицата).

Доените бебиња поретко стрдаат од запек, затоа што во мајчиното млеко се наоѓаат материи кои ја омекнуваат столицата.

Ако кај Вашето бебе приметите знаци на запек, јавете се на лекар, особено ако има и крв.

Ако се работи за поголемо бебе, кое веќе е на цврста храна, може да помогнат пасирани сливи или кајсии.

Зелена столица

Од време на врмеме кај бебето може да се појави столица со зелена боја. Може да има разни причини:

Кај доени бебиња може да се работи за нерамнотежа во млекото што бебето го цица. Првото млеко е поретко, посиромашно со маснотии, а побогато со лактоза. Млекото што се лачи понатаму, е погусто и побогато со маснотии, а посиромашно со лактоза. Затоа е многу важно кога го доите бебето да го оставите да ја доцица едната града, па да го префрлите на другата. Во спротивно ќе го пие само пореткото млеко, богато со лактоза, сиромашно со др. потребни материи. Премногу лактоза може да предизвика гасови, како и зелена столица.

Доените бебиња може да се чувствителни на некој производ во исхраната на мајката. Понекогаш она што го јаде мајката, може да предизвика алергиска реакција кај бебето. Многу често се случува тоа да е млекото. За да проверите дали се работи за таков проблем, исфрлете го од употреба производот за кој се сомневате. Ако состојбата на бебето се подобри, ќе знаете дека сте го нашле изворот на проблемот. Ако не сте сигурни и ако пак јадете од истото, а симптомите кај бебето повторно се вратат, откажете се од тој производ.

Жолтица- бебињата кои имаат жолтица, често пати имаат столица со потемна или зеленкаста боја. Кога ќе исчезне жолтицата, исчезнува и зелената боја од столицата.

Вештачко млеко богато со железо. Ако последица е само бојата на столицата, а не се јавува запек или др. проблеми кај бебето, не се грижете, се е во ред.

Други причини. За некои бебиња е нормално да имаат столица со жолто-зелена боја. Ако бебето добро напредува и е среќно, нема за што да се грижите.

Црна столица

Црна столица кај бебето може да се појави ако му давате дополнително железо или од вештачки формули богати со железо. Но исто така може да биде и знак дека во столицата има крв. Ако столицата е црна, катранеста, задолжително консултирајте се со неговиот лекар.

Крв во столицата

Појавата на крв во столицата на бебето е знак за аларм. Мали траги од крв обично не се нешто сериозно, но ако столицата има изглед на темно црвено желе или е прошарана со слуз, веднаш јавете се на лекар.

Понекогаш крв може да се појави заради мали пукнатини на аналниот отвор кај бебето или пак заради осетливост на некоја храна.