Полза од доењето

 

ПОЛЗА ОД ДОЕЊЕТО ЗА БЕБЕТО

 

Одлуката дали ќе го доите Вашето бебе не е одлука на животен стил, туку одлука на здравствен избор. Постојат многу причини за да го доите Вашето бебе. Доењето е нешто што нема да можете да го замените со ништо друго. Ползата од доењето е многукратна, а последиците од не доењето може да бидат долготрајни. Еве зошто е потребно доењето:

 

Мајчиното млеко ги има токму оние состојки, кои му се потребни на бебето во дадениот перод. Составот на мелкото на мајката не е постојано ист. Како расте бебето, така млекото се прилагодува на неговите потреби.

Кога бебето ќе се роди, првото млеко или колострумот (првото жолтеникаво млеко кое почнува да се лачи уште во текот на брменоста) ги содржи сите потребни материи, кои ќе му овозможат оптимален почеток во животот. Колострумот заради својата вредност, уште е наречен течно злато. Богат е не само со неопходните хранливи материи, туку и со антитела – кои ќе го заштитат Вашето бебе од многу болести и инфекции.

Вашето млеко е убедливо најдобриот избор за Вашето бебе. Кравјото млеко е добро за телињата, но не и за Вашето бебе. Вештачките формули се подобар избор од кравјото млеко, но многу се разликуваат од мајчиното млеко. Разликата е во тоа што имаат недостаток од над стотина различни видови хранливи материи и антитела во споредба со млекото од мајката. Еве некои причини зошто е добро да го доите Вашето бебе:

  • Крвјото млеко и вештачките формули се многу потешки за обработка во стомакот на бебето, отколку мајчиното млеко.
  • Мајчиното млеко го содржи точно идеалниот сооднос на масти, шеќери, протеини, витамини и др., кои му се потребни на бебето во секоја фаза на неговиот развој. Како што минува времето, млекото се менува за повторно да ги задоволува потребите на бебето во тој период.
  • Преку млекото од мајката, бебето прима антитела – клетки кои се борат против опасните бактерии и вируси. Всушност телото на мајката ствара антитела на секоја болест која ќе се појави во околината. Така бебето е постојано заштитено.
  • При доењето бебето треба да употреби повеќе напор за да го извлече млекото од градата отколку од шишето, па самото тоа придонесува за подобар развој на мускулите на вилицата.
  • Освен тоа што мајчиното млеко е најдобрата храна за Вашето дете, доењето помага и за да се развие поблизок однос помеѓу мајката и бебето. Доењето претставува продолжување на близината, што ја имале додека бебето било во утробата на мајката. Бебето ја чувствува кожата, топлината, мирисот на мајката и тоа му дава чувство на сигурност и безбедност. Во едно испитување, кога во креветчињата на бебињата (стари само една недела) ќе било ставено крпче натопено со млеко од неговата мајка, бебето секогаш се вртело на таа страна.
    Исто така е покажано дека мајките кои ги дојат своите бебиња, полесно се зближуваат нив и полесно и побрзо научуваат да ги разбираат потребите на своето бебе.
  • Утврдено е дека предвремено родените, доени бебиња, подобро напредуваат од оние кои се хранети со вештачко млеко.
  • Покажано дека децата кои се доени имаат повисок коефициент на интелигенција.

Со многубројни истражувања е дојдено до заклучок дека бебињата кои се доени, имаат намален ризик од следните заболувња:

  • Синдром на ненадејна смрт кај новороденчињата
  • Инфекција на увото
  • Стомачни вируси
  • Астма
  • Инфекција на долните респираторни патишта
  • Стафилококни инфекции.
  • Пролив
  • Воспаленија на цревата
  • Дебелина покасно во животот
  • Висок крвен притисок покасно во животот
  • Дијабетис тип 1
  • Алергии
  • Детска леукемија и др.

ПОЛЗА ОД ДОЕЊЕТО ЗА МАЈКАТА

Докажано е дека при доењето, освен бебеиња и нивните мајки имаат намален ризик од некои заболувања. Меѓу нив се:

 
  • Дијабетес тип 2
  • Рак на дојките
  • Рак на јајници
  • Постпородилна депресија
  • Остеопороза

Со доењето се ослободува и хормонот окситоцин, а тој прави матката повторно да се врати во првобината состојба. Доколку доите тоа ќе се случи побрзо.

Освен здравствената полза од доењето, во голема мера ќе ви биде олеснето и хранењето на Вашето бебе:

  • Ќе го избегнете постојаното миење и стерилизирање на шишињата и приготвување на вештачкото млеко.
  • Ќе со избегнете станувањето во текот на ноќта за да го направите сето тоа.
  • Ќе може побрзо да го задоволите гладот на бебето.
  • Ќе заштедите пари за вештачките замени на млеко.
  • Побрзо ќе ги загубите килограмите добиени во текот на бременоста. Со доењето се трошат околу 500 калории дневно.
  • За да го доите детето ќе мора да завземете удобна и опуштена положба, па тоа ќе би овозможи да си го приуштите толку потребниот одмор.
  • Доколку мајката го дои детето барем 6 месеци, статистички е докажано дека помалку ќе отсуствува од работа заради покасно боледување кај детето.