Расположението на мајката влијае врз спиењето на бебето

Она што секој го знае за бебињата е дека тие не спијат, а не спијат ниту нивните родители. Но всушност првите 6 месеци од животот се од огромна важност за развивањето на правилен ритам на сон и будност, кои му се потребни на детето за здрава иднина.

Бебињата чии мајки страдале од депресија во некој период од животот пред бременоста или пак развиле проблеми со расположението во текот на бременоста, имаат похаотичен ритам на сон во првата половина од првата година на животот, отколку бебињата родени од недепресивни мајки. На пример бебињата чии мајки биле депресивни, подолго спиеле дење, им било потребно подолго време за да се смират и заспијат и почесто се буделе во текот на ноќта. Тоа е бебешка несоница.

Оваа состојба кај бебињата не само што ги лишува од сон родителите, туку ги зголемува шансите и бебето да страда од депресија покасно во животот.

Ова значи дека сите родители, а особено оние со депресија, треба да обрнат влијание на условите за спиење, кои му ги овозможуваат на бебето уште од неговото раѓање.

Одржувањето на редовен распоред на спиење е многу важно и за возрасните и за децата, а сега се покажа дека тоа важи и за бебињата. Колку е постабилно времето на одење во кревет, толку е поголема шансата за помирен сон во текот на ноќта.

Студијата е направена од Центарот за депресија, при Универзитетот на Мичиген. Во истражувањето биле опфатени жени, кои побарале помош од Центарот за депресија за време на бременоста, а во другата група биле мајки кои никогаш немале проблем со депресија. Мајките се согласиле да носат постојано на раката брезлетна - актиграф, кој го забележувал траењето на сонот во текот на ноќта, изложеноста на светлина и денската активност и одмор.

Жените ги носеле направите во третото тромесечие од бременоста, а откако бебето ќе се родело и ќе наполнело 2 седмици и нему му бил ставан мал актиграф, кој го носело се до осмиот месец од животот.

Податоците покажале дека бебињата на депресивните мајки немале или имале многу мало воспоставување на правилен циклус на сон, за разлика од бебињата на другите мајки. Нередовноста на сонот продолжила се додека траело испитувањето, до осмиот месец од животот на бебето.

Научниците кои го воделе проектот сметаат дека пронашле еден од факторите кои можат да придонесат за развој на депресија покасно во животот. Не дека секој кој има неправилен циклус на ноќно спиење или недовoлен сон ќе развие депресија, но ризикот да дојде до тоа е значително зголемен. Токму заради тоа е многу важно да им се помогне на бебињата и нивните родители да добијат доволно сон.

Првите месеци од животот на бебето се многу важни како вежба за неговиот сон во иднина. Телото и мозокот на бебето треба да се извежбаат за да разберат дека треба да се спие кога е темно, а да се биде буден кога е светло. Тоа е основниот ритам, кој ќе го води моделот на спиење во текот на целиот живот. Многу важно е часовникот на телото да се намести како што треба уште во почетокот на животот.

Се разбира дека децата треба да преспиваат и во текот на денот за да ја примат доволната доза на сон. Во првите 2 месеца од животот бебињата спијат по 11-18 часа дневно, во следните десет месеци спијат по 11-15 часа, а од 1-3 години по 12-14 часа. Исто така е многу нормално и ноќното будење на новороденчињата кога им е потребна храна.

Со одењето во кревет во исто време, станувањето во исто време, формирањето на ритуали за спиење, им се помага на бебињата да прават разлика помеѓу денското и ноќното спиење. Ако на бебето му облекувате различна облека за денско и ноќно спиење, тоа ќе научи да го препознава како знак.

Исто така родителите треба да му овозможат на бебето редовно денски да биде изложено на светлина за да му помогнат за формирање на правилен циклус на сон. Се разбира дека не треба да дозволите силна светлина да му свети на бебето во очи или пак директно да го изложувате на сонце.

На четири месеци бебињата веќе треба да имаат поредовен циклус на сон, повеќе да спијат во текот на ноќта и да имаат подолги периоди на непрекинат сон, особено во текот на ноќта.

Најважната работа е бебето да добива доволно сон, со прогресирање на редовноста на распоредот на спиење.

Исто така многу важно е да добиваат доволно сон и мајките. Хроничната ненаспаност води до зголемен ризик од депресија во било кој период од животот, а периодот по породувањето е особено ризичен. Пост-породилната депресија може дополнително да се влоши со нередедовен сон. Мајките по породувањето имаат зголемен ризик од депресија заради хормоналите промени во телото и потребата да се опорави телото од бременоста и породувањето. Недостатокот на сон може многу да ги влоши работите. Особено зголемен ризик има кај жени кои веќе страдале од депресија или пак имаат случаи на депресија во семејството.