Доење: Болни и разранети брадавици

доење на бебе

Болни или разранети брадавици се јавуваат обично на почетокот на доењето, додека мајката и бебето не пронајдат удобна положба или додека не научат како бебето правилно да цица од градата. Откако ќе научат, доењето треба да стане удобно и безболно.

Болните брадавици се толку чести, што се сметаат за нормална појава, но не е така. Нормално е да се појави болка која трае во првите неколку секунди од доењето. Не е нормална болка, која трае подолго време или во текот на целото доење. Болката и раните можат да се појават ако:

Бебето ја цица само брадавицата. Кога ќе приметите такво нешто, нежно ставете го чистиот прст на аголот на неговата уста, за да пушти и обидете се повторно. Внимавајте бебето да не ја фаќа само брадавицата, туку што повеќе од градата. За да му помогнете на бебето правилно да ја фати градата, допрете го со брадавицата помеѓу горната усна и носот, за широко да ја отвори устата. Придржувајки му ја главата ставете ја градата во неговата уста, почнувајки од долната усна, кон горната - привлекувајки го бебето кон градата. Кога ќе излезе од устата на бебето, брадавицата не треба да биде сплескана или рамна, туку треба да биде округла и издолжена или со иста форма како и пред цицањето. Ако го доите бебето правилно, цицањето треба да биде безболно, без разлика колку време бебето ќе сака да цица.

Кандида. Во тој случај брадавицата е црвена и чувствувате како да гори. Во устата на бебето, на јазикот и непцата може да приметите бели точки. Ако се сомневате дека имате кандида, консултирајте се со вашиот лекар.

Ако бебето цело време го држите на градата. Кога ќе видите дека бебето веќе не цица активно или паузите помеѓу 2 голтања стануваат се поголеми, тргнете го од градата и ставете го на другата. Ако дозволите бебето постојано да биде на вашите гради, на брадавиците може да се појават мали пликови, кои кога ќе пукнат може и да крварат. Кога тие ранички ќе се исушат, ќе исчезнат.

Ако бебето има т.н. врзан јазик. Ова е многу ретка појава. Понекогаш може да има тенка кожичка, која не му дозволува на јазикот слободно да се движи, туку го држи на дното на устата. Во тој случај јазикот не може да го покрие долното непце и мајката има чувство дека бебето ја гризе, додека го дои. Проблемот се решава многу лесно. Лекарот ја пресекува таа кожичка, а самата постапката е речиси безболна за бебето.

Понекогаш иако многу ретко, може да има и други причини за болни брадавици. Во секој случај ако болката потрае, побарајте стручна помош.


Како да си помогнете ако имате болни или разранети брадавици

 

  •     Не ги одолговлекувајте подоите и обидете се да се опуштите. На тој начин млекото ќе тече полесно. Можете прво со раката да издоите мала количина млеко, така бебето нема да влече многу силно, во очекување да стаса млекото додека не се воспостави млазот. Ова исто така може да помогне пред доењето да се издолжи брадавицата
  •     Не се обидувајте да ја ставите градата во устата на бебето. Наместо тоа чекајте прво тоа убаво да ја отвори устата и нежно привлечете го со устата кон градата.
  •     Не дозволувајте да ја цица само брадавицата.
  •     Поставете го телото на бебето да биде свртено кон вас, за да не мора да ја врти главата, за да ја фати градата и да цица.
  •     Најдете удобна положба и за вас и за бебето. Ако ви е полесно седете на стол или фотелја, додека го доите. Можете да се обидете да подметнете перница под бебето и на неа да се потпирате. Пробајте различни положби и обидете се да најдете онаа која на вам двајцата ви одговара.
  •     Потпирајте ја градата со вашата слободна рака. Ако бебето се плаши дека градата може да му излезе од устата, може да почне да ја држи прмногу цврсто.
  •     Ако имате болка во брадавиците, обидете се да ја менувате положбата во која ќе го доите бебето, на тој начин притисокот нема секогаш да биде на истото место.
  •     Никогаш не ја истегнувајте градата од устата на бебето. Наместо тоа нежно ставете го прстот на аголот од неговата уста. На тој начин бебето самото ќе ја пушти градата.
  •     Не дозволувајте бебето да почне да плаче од глад. Почнете да го доите на првите знаци на глад. Така нема влече толку силно.
  •     Почнете да го доите прво од таа града што помалку ве боли, бидејки на почетокот бебето ќе цица поагресивно.
  •     Откако ќе завршите со доењето истиснете малку млеко и со него намачкајте ги брадавиците. Млекото ќе помогне да зараснат раните.
  •     Топли и влажни облоги непосредно пред и по доењето исто така можат да ја ублажат болката.
  •     По доењето оставете брадавиците да се исушат на воздух.
  •     Избегнувајте тесни градници или тесна облека, како и синтетика.
  •     Не дозволувајте долго време да ви биде влажен градникот. Ставајте парчиња газа или влошки за доење, кои ќе ги менувате поначесто. Ако влошката се залепила за градата навлажнете ја со вода пред да ја извадите, така нема дополнително да ја повредите градата. Штом ќе се навлажнат влошките заменете го со нови. Влагата го спречува зацелувањето.
  •     После доењето, можете да ги намачкате брадавиците со чист медицински ланолин. Намачкајте ја убаво со ланолинот цела брадавица со ареолата. Ланолинот е безбеден и не мора да го миете пред да го надоите бебето. Избегнувајте да користите други креми, некои дури можат и да го забават заздравувањето со тоа што можат да исушат кожата на брадавицата или пак ќе ја спречат циркулацијата на воздухот, а некои од нив се и токсични за бебето и мора да се мијат пред да го надоите. Претераното миење исто така може да ја исуши кожата и да го попречува заздравувањето.
  •     Одмарајте, јадете здрава храна и пијте доста течности.
  •     Доколку наеднаш се јави болка во брадавиците, после неколку недели безболно доење, можеби се работи за кандида, консултирајте се со вашиот лекар.


Ако болката е толку силна, што стравувате да ја ставите градата во устата на бебето, можете да направите пауза од 12-24 часа од доењето. За тоа време користете пумпа и повторно давајте му го млекото на бебето. Внимавајте пумпата да не ја ставите веднаш на голема сила, туку почнете со најмала. Пред да ја ставите пумпата, можете да ги намачкате брадавиците со маслинов зејтин. Внимавајте да одберете вид на пумпа и големина што одговара за Вашите гради. Ако е премногу мал делот за брадавицата, можете дополнително да ја влошите ситуацијата.

Доколку Вашите брадавици не зацелуваат и се испукани и покрај правилното доење, консултирајте се со вашиот лекар. Можеби се работи за некоја инфекција, исклучете ја таа можност.