Во повеќе од 60% од машините за миење садови има штетни габи

Топлината и влагата во машините за миење садови се особено погодни за развој на некои видови габи (како Exophiala, Rhodotorula и Candida parapsilosis), кои можат да доведат до белодробни или кожни инфекции.

Особено опасноста е голема за луѓе со ослабен имунолошки систем, како оние што имаат дијабетес, цистична фиброза, потоа за луѓе што користат антибиотици итн.

Студијата е објавена во списанието Медицинска микологија. Резултатите покажале дека 62% од машините за миење садови низ светот содржат разни типови на габи. Ако се вдишат овие габи можат да ги колонизираат белите дробови и да предизвикаат инфекции, кои е тешко да се третираат.

Гумите кои служат за запечатување на вратата на машините се особено погодни за развој на габите. Студијата покажала дека некои типови на габи, кои успеваат во солена средина се особено застапени во машните, заради средината која ја создаваат прашоците.
 

Како да ја намалите количината на габи во машината за садови

 

За да ги отстраните габите можете да користите сода бикарбона, оцет или варикина.

1. Еднаш месечно извадете ги корпите и измијте ги во жешка вода. Внатрешноста на машината пак истријте ја со раствор од 1 шолја оцет и 2 шолји жешка вода. Особено обратете внимание во пределот на гумата. На крај избришете ја внатрешноста на машината со сува крпа.

2. Ставете мал сад со оцет во корпата, а на дното истурете сода бикарбона и така пуштете ја машината да изврти еден циклус на висока температура. Пред да ја користите повторно, пуштете ја на уште еден празен циклус со вообичаениот детергент.