Кондоми

Контрацепцијата претставува превземање на мерки за заштита од непланирана бременост. Постојат разни методи, ќе ги споменеме најраспространетите. Пред да изберете кој метод е најповолен за вас, претходно добро проучете ги позитивните и негативните страни на секој еден од нив. 

Кондом

Кондомите претставуваат механичка бариера, ја спречуваат бременоста, како и некои полово преносливи болести, со тоа што го спречуваат навлегувањето на спермата во вагината на жената. Ефикасноста на машкиот кондом се движи од 85-98%. При тоа мора да се нагласи дека за кондомите да бидат ефикасни, мора правилно да се употребуваат. Кај просечен пар кој користи кондом има 15% веројатност да дојде до бременост во првата година од користењето. Кај парови кои ги користат правилно и конзистентно, шансите да дојде до бременост во првата година се 2%. За да се зголеми ефикасноста на кондомите, некои од нив се премачкани со спермицидни материи (хемиски супстанции кои ги убиваат сперматозоидите).
Правилна употреба на кондомите:

  • Кондомите треба да се чуваат на собна темпратура. Ако се подолго изложени на топлина или пак на сончева светлина може да дојде до нивно полесно кинење или пукање.
  • Бидете внимателни да не го скинете кондомот со ноктите или некој друг остар објект.
  • Кондомот се става кога пенисот е во полна ерекција, пред да дојде до контакт со жената.
  • Може безбедно да се користат лубриканти на база на вода, но лубрикантите на база на масло ќе го ослабат латексот од кој е направен кондомот, па затоа не смеат да се употребуваат.
  • Треба да се запазува дозволениот рок на употреба на кондомите. Иако оние со поминат рок можеби ќе изгледаат во ред, сепак има веројатност дека материјалот е ослабен.
  • Пенисот треба да се извади од вагината веднаш по ејаклуцијата и при вадењето да се држи горниот дел од кондомот, за да се избегне негово слизнување.
  • Никогаш не смее да се употреби еден кондом два пати.
  • Кондомите ги има во разни големини, треба да одберете таков со соодветна големина.
  • Пред да го ставите кондомот притиснете го на врвот и осигурајте се дека нема да има воздушен џеб. Тоа би можело да доведе до пукање на кондомот за време на сексуалниот однос. Ставете го на врвот на пенисот и одвиткјте го по неговата должина.
  • Доколку по ставањето на кондомот се изгуби ерекцијата, треба да земете нов кондом, наместо да продолжите со стариот.

Позитивни страни:

  • Кога се употребува правилно нуди голема сигурност во спречување на несакана бременост и некои полово преносливи болести.
  • Не влијае во иднина врз плодноста на партнерите.
  • Кондомите се релативно ефтин начин на контрацепција.
  • Лесно може да се набават.
  • Употребата на кондоми е добар начин на контрацепција и кога се користи во комбинација со некој друг метод.

Негативни страни:

  • Треба да се внимава правилно да се стави.
  • Може да дојде до кинење на кондомот.
  • Мал број на луѓе се алергични на латекс.
  • Некои мажи не можат да ја одржат ерекцијата со кондом.