Спирала
Спирала
Спиралата е мал предмет во форма на буквата Т и се става директно во матката. Има висока ефикасност во спречување на несакана бременост, според некои податоци нејзината ефикасност се движи од 96-98%. Постојат 2 вида на спирали: бакарна и така наречената Мирена. На крајот од спиралата е прикачена врвка која излегува од цервиксот на матката. После секој менструален циклус жената треба да проверува дали врвката се наоѓа на место.
Двата вида на спирали се ефикасни затоа што го попречуваат навлегувањето на сперматозоидите, а и ако дојде до оплодување оневозможуваат да дојде до прифаќање на ембрионот во матката.
Бакарната сипрала дејствува на тој начин што бакарот е токсичен за сперматозоидите и што преку промена на ендометриумот (слојот од клетки во кој би требало да се фати ембрионот) бакарот оневозможува да дојде до имплантација - всадување на ембрионот.
Мирената пак со тоа што испушта хормон - левоногестрел (форма на прогестерон) ја задебелува цервикалната слуз и тоа го отежнува навлегувањето на сперматозоидите. Во исто време ако се случи да се оплоди јајце клетката, ембрионот нема да може да се всади во матката.
Спиралата мора да биде поставена од лекар. Претходно е потребно да бидат направени низа испитувања, затоа што спиралата не одговара за секоја жена. Исто така се знае дека спиралата е поефикасна кај жени кои имаат веќе родено барем едно дете. При ставањето на спиралата жената може да чувствува грчеви во стомакот, најпогодно време за нејзино местење е времето на менструалниот циклус, затоа што тогаш грлото на матката е помеко и менструалната крв служи како подмачкувач. Кај некои жени првите циклуси по ставањето на спиралата се со потешки крварења, пропратени со грчеви и болки во стомакот.
Откако спиралата ќе биде наместена потребно е жената да оди на лекарски контроли за да се провери дали спиралата се уште стои на место. Исто така и жената треба да прави преглед после секој циклус: потребно е да го стави прстот длабоко во вагината и да провери дали врвката која треба да излегува од цервиксот на матката е на свое место, не смее да биде подолга или пократка (тоа би значело дека спиралата се изместила), ниту пак да ја нема. Исто така за време на менструацијата треба да се проверуваат влошките или тампоните да не се исфрлила спиралата заедно со менструалната крв. НИКОГАШ немојте да ја влечете врквката, тоа ќе ја измести или извади спиралата.
Знаци дека нешто не е во ред со спиралата:
- Доцнење на менструацијата.
- Болки во стомакот.
- Зголемена температура или треска.
- Зголемен вагинален исцедок.
- Неосбјаснето крварење, тешки или премноги оскудни менструации.
Ако забележите некој од овие знаци веднаш посетете го вашиот лекар.
Не смеете да употребувате спирала ако имате:
- Сексуално пренослива инфекција, како хламидија или гонореја или сте ја имале во последните неколку години.
- Ненормален наод на ПАП тестот.
- Ненормално крварење или пак сериозна анемија.
- Рак на цервиксот или матката.
- Миоми на матката.
Позитивни страни:
- Висока ефикасност во спречување на бременоста.
- Жените кои не смеат да користат хормони, можат да користат бакарна спирала.
- Мирената може да го намали менструалното крварење, а 20% од жените го губат целосно менструалниот циклус.
Негативни страни:
- Зголемен ризик од инфекција во првите 4 месеци.
- Спиралата може да биде исфрлена или изместена без жената да го знае тоа.
- Бакарната спирала може да го зголеми менструалното губење на крвта и менструалните грчеви.
- Многу ретко може да се случи да дојде до пробушување на матката.
- Бидејки оплодувањето на јајце клетката е сепак возможно, оневозможувањето на имплантацијата на ембрионот е неприфатливо за паровите кои се убедени дека животот започнува во моментот на зачнувањето.