Пилула и мини пилула
Пилули
Стандардните пилули за контрацепција се состојат од комбинација на 2 хормона: естроген и прогесторон и нудат контрацепција на тој начин што ја спречуваат овулацијата (созревањето на јајце клетка кај жената) и го истанчуваат ендометриумот во матката. Околу 8% на жени остануваат бремени во првата година од користењето на овој вид на контрацепција, најчесто тоа се должи на нивната неправилна употреба. Кога пилулите се земаат правилно и редовно (секојдневно) шансите за бременост се минимални (само 3 на 1000 жени).
- Позитивни страни:
- Ја намалуваат можноста да дојде до рак на јајниците или ендометриумот на матката и цисти на јајниците.
- Ги намалуваат менструалните болки и грчеви.
- Често пати акните се повлекуваат, и се јавува намалена влакнавост на лицето.
- Често пати се намалува менструалното крварење.
Негативни страни:
- Морате да се сетите да ја земете пилулата секојдневно. Ако пропуштите само еден ден, можно е да дојде до бременост.
- Може да имате гадење или спотинг (слабо крварење помеѓу два циклуса), особено во првите неколку циклуса од почетокот на оваквата контрацепција.
- Кај некои жени може да се јават главоболки, депресија, промени во расположението, несвестица или намалено сексуално уживање.
- Во првата седмица од почетокот на земањето на пилулите потребно е да користите и друг метод на контрацепција.
- Многу ретко можат да се јават сериозни нарушувања како згрутчување на крвта.
- Можат да доведат до зголемување на еден вид на карцином на грлото на матката - аденокарцином на цервиксот.
- Не се препорачуваат за жени кои многу пушат. Комбинацијата од цигари и пилули може значително да го зголеми ризикот од стварање на згрутчувања во крвта, а со тоа и значително да се зголеми ризикот од срцев или мозочен удар.
- Ретко може да се случи по престанокот на земањето на пилулите да не добиете менструација 1-3 месеци.
Мини пилула
Мини пилулата се разликува од вообичаената пилула за контрацепција по тоа што наместо 2 содржи само еден хормон - прогестоген (сличен на прогестеронот, кој е природен женски хормон). Работи на тој принцип што го задебелува цервикалниот мукус и со тоа го отежнува движењето на спрематозоидите, го променува ендометрумот и го спречува всадувањето на ембрионот во матката. Кај некои жени земањето на мини пилулата ја спречува и овулацијата, но многу жени продолжуваат да овулираат и покрај нивното земање. Нивната ефиксност во спречување на бременост е нешто помала од онаа на стандардните пилули.
Позитивни страни:
- Имаат помалку несакани ефекти од нормалните пилули.
- Ги користат и жени кои заради опсаност од срцев или мозочен удар не смеат да користат стандардни пилули.
- Можат да ги користат и жени кои се страствени пушачи.
- Некои лекари ги препорачуваат како контрацепција и за жени кои дојат, затоа што не го намалуваат снабдувањето со млеко. Но за ова постојат контроверзи затоа што сепак во телото на бебето доаѓаат стероди, за кои не е природно да бидат дел од неговата исхрана.
Негативни страни:
- Мора да се земаат во исто време секој ден. Ако закасните со земањето на пилулата повеќе од 3 часа, постои опасност од бременост. Во таков случај почнете да користите дополнителна контрацепција, на пример кондом.
- Во првиот месец од земањето на мини пилулата треба да користите и друга контрацепција, затоа што може да дојде до бременост.
- Менструалниот циклус може да стане нередовен.
- Ако останете бремени и покрај земањето на мини пилулата, има можност да се случи вонматерична бременост. Затоа ако вашата менструација касни или чувствувате болки во стомакот, задолжително јавете кај вашиот лекар. Вонматеричната бременост може да биде опасна по живот.
- Може да се појават дамки на кожата.
- Чусвствителност на градите.
- Има мала можност да се јават цисти на јајниците, затоа не е препорачливо користења на мини пилулата кај жени кои веќе имаат циста на јајниците.
- Често пати се јавува зголемен апетит, а со тоа и зголемување на тежината. Зголеминиот апетит најчесто ќе престане со престанок на користењето на овој начин на контрацепција. Затоа не се препорачува за жени кои веќе имаат значително зголемена тежина.
- Кај некои жени се јавуваат главоболки, мачнина и депресија
- Бидејки оплодувањето на јајце клетката е сепак возможно, оневозможувањето на имплантацијата на ембрионот е неприфатливо за паровите кои се убедени дека животот започнува во моментот на зачнувањето.