Како родителите да ги зголемат шансите на своите деца за успех во школувањето
Поголема е веројатноста дека децата ќе ја напишат својата домашна работа ако тоа го гледаат како инвестиција, а не како страшило - покажа нова студија на Универзитетот во Мичиген. Резултатите се објавени во списанието Experimental Social Psychology.
Истражувачите направиле 2 испитувања помеѓу деца на средношколска возраст во областа на Детроит. Во првото испитување 266 ученици биле прашани за професиите во кои се гледаат како возрасни, односно требало да одговорат на прашања како "Замислете се како возрасни, каква работа мислите дека ќе имате? Што ќе работите за 10 години?"
Девет од десет деца одговориле дека очекуваат да завршат барем две годишно вишо училиште, но само 46% од нив сметале дека нивниот идентитет како возрасни им зависи од образованието. Оние пак што сметале дека е така инвестирале повеќе време во нивните домашни задачи и добивале повисоки оценки во текот на школската година.
Дури и помеѓу децата со исти почетни оценки, очекувањето дека кога ќе бидат возрасни ќе бидат учители, инжинери, медицински сестри и сл. можело да биде знак дека овие деца ќе инвестираат повеќе време во домашните задачи. Не изненадува тоа што понатаму со текот на времето овие деца добивале подобри оценки, од децата кои изјавиле дека очекуваат да се занимаваат со професија од областа на спортот, забавата или друга област во која нема да зависат од стекнатото образование.
Во второто испитување истражувачите работеле со група од 295 ученици и нивните наставници во училница. Истражувачите на учениците им презентирале информации или за заработувачката од професиите кои зависат од образованието или пак за заработувачката на актерите, музичарите и спортистите. Потоа студентите требало да одговорат како ќе го поминат времето таа вечер, колку време ќе потрошат за учење, а колку за други активности како спорт, музика, интернет итн. Откако истражувачите ја напуштиле училницата наставниците им дале на учениците дополнителна задача која требало да им донесе дополнителни кредити.
Резултатите покажале дека децата на кои им биле презентирани информации за заработката од професии кои се зависни од образованието 8 пати почесто ја изработиле дополнителната задача, во споредба со децата на кои им биле презентирани информации за заработувачката од другите професии.
Заклучокот од студијата е дека мала интервенција со која ќе се прикаже ефектот на важноста на образованието може да има голем удел во зголемување на веројатноста дека децата ќе поминат време во изработување на домашната задача и дека учењето ќе го сфатат како инвестиција во нивната иднина наместо страшило кое се вмешува во нивните животи.
Се покажа дека многу мали напори можат да влијаат врз академската иднина на децата. Неуспехот на децата да ја видат поврзаноста на нивниот идентитет како возрасни и нивните сегашни активности ги става во ризик од слаб успех на училиште. ин