Церебрална парализа
Церебралната парализа е состојба предизвикана заради оштетување на мозокот, најчесто настанато пред, за време или кратко после породувањето.
Церебралната парализа не е проглресивна болест, односно состојбата не се влошува со текот на времето.
Најчесто се дијагностицира во првите 3 години од животот на детето.
Причини за појава на церебрална парализа
До церебрална парализа може да дојде од разни причини, како:
- Болест на мајката за време на бременоста, на пример некоја вирусна инфекција во првото тромесечие од бременоста.
- Предвремено породување или одлепување на плацентата.
- Лоша позиција на бебето при раѓањето, премногу долго породување, проблеми со папочната врвка.
- RH некомпатибилност помеѓу родителите итн.
Научниците ја испитуваат генетската поврзаност со мозочните абнормалности, кои можат да доведат до церебрална парализа.
Причина за појава на церебрална парализа по раѓањето може да биде
- Инфекција кај бебето, како менингитис, енцефалитис итн.
- Повреда на главата при некоја незгода, пад и сл.
Симптоми на церебрална парализа
Зависно од тоа во кој дел од мозокот се наоѓа оштетувањето и степенот на зафатеност на централниот нервен систем, симптомите можат да бидат различни:
- Проблеми со говорот.
- Неконтролирано движење.
- Проблеми со подвижноста (често пати мускулите се напнати), грчење.
- Нарушување на слухот.
- МНарушување на видот.
- Може но не мора да биде присутна и ментална ретардација. Тоа што некоја личност има потешкотии со контролата на движењата или проблеми со говорот, не значи дека има и ментална ретардација.
Некои луѓе со церебрална парализа можат да се движат без проблем, некои одат со патерици, а некои пак мораат да користат инвалидска количка. Исто така и другите симптоми на церебрална парализа можат многу да се разликуваат од случај до случај.
Типови на церебрална парализа
Постојат 3 типа на церебрална парализа:
- Спастичка - има крути и отежнати движења.
- Атетоидна - присутни се неконтролирани движења.
- Атаксична - има пореметување на чувството за рамнотежа и перцепцијата за длабочина.
Често пати се јавува и некоја комбинација од овие 3 типа.
Детектирање на церебралната парализа
Многу важно е церебралната парализа да биде навреме детектирана. Детето може да има проблем со недостаток на мускулна координација при движењата, вкочанети или напнати мускули и пренагласени рефлекси, може да ја влече ногата кога оди, може да оди на прсти, може да има или преголема стегнатост или преголема олабавеност на мускулите итн.
Терапија кај церебралната парализа
Терапијата кај церебралната парализа не може да направи детето да оздраве од неа, но може многу да помогне за да се подобрат способностите на детето. Терапијата може да вклучува:
- Физикална терапија
- Говорна терапија
- Медицински интервенции, понекогаш и хируршки интервенции за подобрување на моторните вештини
- Употреба на помагала
- Рана едукација