Студија врз бремени жени сугерира дека пробиотиците можат да помогнат да се избегне дебелината
Во една Холандска студија се покажа дека жените имаат помали изгледи да ја имаат најопасната форма на дебелина, ако почнат со земање на пробиотици од првото тромесечие на бременоста. Пробиотиците се бактерии кои помагаат да се одржи здравата рамнотежа на бактерии во дигестивниот тракт, со тоа што го спречуваат претераното размножување на штетните бактерии. Тие се нормален дел од дигестивниот систем и играат улога и во контролирањето на инфекциите.
Истражувачите веќе долги години го проучуваат нивниот потенцијал во намалувањето на болестите на органите за преработка на храната. Во последно време почнаа да се прават испитувања дали рамнотежата на бактериите во дигестивниот систем може да има улога и во спречувањето на дебелината.
Kirsi Laitinen, нутриционист и постар професор на Универзитетот Turku - Финска, вели дека резултатите се охрабрувачки и дека жените кои земале пробиотици имале најголема полза. Една година после породувањето имале најмал процент на т.н. централна дебелина и најмал процент на масти во телото.
Поимот централна дебелина означува дебелина со поизразено таложење на масти на стомакот и се смета за најопасен вид на дебелина.
Студијата покажала дека централна дебелина се сретнала кај 25% од жените кои примале пробиотици и примиле диетални совети, во споредба со 43% од жените кои примиле само диетални совети.
Во студијата учествувале 256 жени, кои биле поделени во 3 групи. Двете групи примиле совети за исхраната со препораки на храна за оптимално покачување на килажа во бременоста и за оптимален фетален развој. На овие 2 групи им било давано да носат дома храна, богата со незаситени масни киселини, како и храна богата со растителни влакна. На едната од двете групи и билe дадени и капсули со пробиотици (Lactobacillus и Bifidobacterium). На третата група пак и биле дадени плацебо капсули и не примила советување. Капсулите ги земале се додека не запреле со ексклузивно доење, до шестиот месец на бебето.
Жените биле измерени на почеток и на крај на студијата.
Laitinen вели дека се потребни дополнителни испитувања за да се потврди потенцијалната улога на пробиотиците во борбата против дебелината. Едно од ограничувањата на оваа студија е што жените не биле измерени пред да забременат, а тоа би можело да има влијае врз тоа колку ќе се здебелат покасно.
Таа вели дека ќе продолжат да ги следат жените кои учествувале во студијата и нивните деца, за да утврдат дали давањето на пробиотици во бременоста покасно има влијание и врз здравјето на децата. Предноста на студијата е што не само што ќе се проучи потенцијалната врска помеѓу пробиотиците и дебелината, туку ќе се овозможи да се видат ефектите и врз децата. Бактериите се пренесуваат преку мајчиното млеко кај бебето, а истражувањето индицира дека раната исхрана може да влијае врз ризикот од дебелина покасно во животот. Постојат растечки докази за тоа и се отвора нов агол на борба против дебелината, преку превенција или третман.


