Земањето на антибиотици во бременоста го зголемува ризикот за дебелина кај децата

трудница

Студија на Колумбија Универзитетот покажа дека децата, кои биле изложени на антибиотици во второто или третото тромесечие на бременоста имаат повисок ризик за детска дебелина на возраст од 7 години. Исто така поголем ризик за дебелина имале и децата кои биле родени со царски рез.

Резултатите од студијата се објавени во Интернационалниот Журнал за Дебелина. Претходни студии покажаа дека земањето на антибиотици во рана возраст го зголемува ризикот за дебелина, а оваа студија покажа дека истото важи и ако антибиотиците се земаат во второ и трето тромесечие од бременоста.

Антибиотиците влијаат врз микро организмите во телото на мајката. Научниците се повеќе ја разбираат важноста на "добрите" бактерии кои живеат во дебелото црево за одржување на здравјето, а нерамнотежата кај овие организми предизвикува низа на заболувања. Антибиотиците не ги уништуваат само патогените микро организми, туку и оние што се неопходни за одржување на нашето здравје.

Студијата е дел од напорите за промовирање на здрав раст и развој во детството и адолесценцијата. Таа опфатила 727 мајки, од кои 436 биле следени се додека децата наполниле 7 години. Од овие 436 деца, 16% имале мајки, кои земале антибиотици во второто или третото тромесечие од бременоста. Се покажало дека тие деца имаат 84% поголем ризик за дебелина, во споредба со децата кои не биле изложени во бременоста на антибиотици.

Др. Noel Mueller, вели:

Нашите откритија за пренаталните антибиотици и дебелина кај потомството се новина и затоа ќе треба да се реплицират во други студии. Тој уште нагласува дека наодите не треба да ја обесхрабрат медицински оправданата употреба на антибиотици во бременоста, но и дека е многу важно да се увиди дека анбибиотиците во денешно време се препишуваат повеќе од потребно.

Слично како употребата на антибиотици и царскиот рез ја попречува нормалната трансмисија на бактерии од мајката на бебето, а со тоа микрофлората кај бебето ќе биде посиромашна. Др. Andrew Rundle,вели дека е потребно да се изнајдат начини за да се намали бројот на медицински непоравдани царски резови и да се направат студии како после царски рез на новороденчињата да им се овозможи промовирање на овие здрави бактерии. Веќе во тек е студија, во која после породувањето се зема примерок од вагиналната течност на мајката и се става на лицето на бебето.

Други студии покажаа дека здравата микрофлора кај бебињата е важна за развој на имунолошкиот систем.