Моцарт им помага на предвремено родените бебиња да зајакнат и да добијат тежина

Начници од Медицинскиот Центар во Тел Авив два последователни дена им пуштале музика од Моцарт на предвремено родени бебиња во времетраење од 30 минути дневно. По слушањето на музиката бебињата биле помирни и трошеле помалку енергија, во споредба со бебињата од контролната група, кои не слушале музика. Кога пак трошењето на енергијата е помало на бебињата им требаат помалку калории за да растат и добиваат на тежина, што е особено важно за предвремено родените бебиња.

Истражувачите велат дека не е сосема јасно како музиката влијае врз бебињата, но е јасно дека ги смирува и ја намалува можноста да се вознемират.

Претходни испитувања покажале дека музиката го намалува стресот, го забавува чукањето на срцето и ја зголемува заситеноста со кислород на крвта. Кога заситеноста со кислород е мала тоа може да укажува на проблеми со срцето или белите дробови.

Истражувачите од Тел Авив не се обиделе да им пуштат на бебињата друга музика освен од Моцарт, така да не е јасно дали и другата музика би го имала истиот ефект. Го одбрале Моцарт, затоа што во една студија од 1993 г. се покажало дека група на студенти имале привремено подобрување на некои мозочни активности кога слушале по 10 минути дневно музика токму од Моцарт.
 
Повторувачките мелодии во музиката на Моцарт можеби влијаат врз организационите центри на кората на мозокот. За разлика од музиката на Бетовен или Бах, музиката на Моцарт е проткаена со мелодија со висока репетитивност.

Израелските научници планираат експериментот да го повторат со други видови на музика. Тие препоставуваат дека и другата музика би имала сличен ефект, но можеби музиката на Моцарт сепак ќе има поголемо влијание. Некои препоставуваат дека и рапот заради репетитивноста би имал слично влијание, но тоа останува да се види во иднина.