Како изгледаат новороденчињата кога ќе се родат

новороденче

Раѓањето и средбата со вашето бебе сигурно ја очекувате со најголемо нетрпение. Сигурно се прашувате како ќе изгледа и можеби имате во главата слики од ТВ рекламите, но сепак бебињата кога се раѓаат не изгледаат како на фотошопираните фотографии.

Можеби имате слика на крупно, раздвижено бебе, но во реалноста многу новороденчиња се ситни.

Често пати главата на новороденчето (заради минењето низ родилниот канал) е зашилена. Тоа е нормално, за неколку дена коските ќе се вратат на место и главата ќе добие округла форма. За да може да се случи овој процес, коските на главата на бебето не се целосно сраснати. Можеби ќе ве изненади и тоа што главата на бебето е сразмерно доста поголема во одност на другиот дел од телото.

Вашето бебе може да изгледа згрчено, бидејки во стомакот нема многу место, па со месеци рацете и нозете ги држело собрани. Немојте да се грижите, ова е совршено нормално. Како што расте бебето, така ќе се исправат и екстермитетите.

Можеби ќе се изненадите кога ќе ги приметите ноктите на вашето бебе. Тие се тенки како хартија, но понекогаш знаат да бидат долги.

Кожата на бебето може да биде црвеникава, розева, па на почетокот и пурпурна. Некои бебиња се раѓаат со верникс - бела сиреста материја, која во стомакот ги штити од постојаната изложеност на плодовата вода. Некои бебиња се раѓаат многу збрчкани. Некои бебиња пак може да се родат со нежни влакненца (особено предвремено родените), кои вообичаено отпаѓаат по 1-2 недели.

Нормални се и осипи и мали бели точки. Тие вообичеано се исчистуваат во првите неколку недели по раѓањето.

Запомнете дека изгледот на бебето во наредните неколку недели ќе се менува интезивно, како што тоа ќе расте. Нозете ќе се исправат, бојата на кожата ќе се промени, а осипите ќе исчезнат.

Најважно, ќе го држите во прегратка за вас најубавото и најмилото бебе на светот!