Одвоеноста од мајката е стресна за бебето

Кога жената ќе се породи често пати новороденчето се повива и се остава да спие во нејзина близина во свое креветче или се одвојува во друга соба, за мајката да може да се одмори. И покрај тоа што ова е вообичаена практика, новите истражувања објавени во Biological Psychiatry обезбедија нови докази дека одвојувањето на бебињата од нивните мајки е стресно за нив.
Во болнички услови, особено кај западните култури е стандардна пракса да се одвојат мајките од нивните новороденчиња. Поделбата е исто така вообичаена за бебиња со медицински проблеми или предвремено родени бебиња, кои можат да се стават во инкубатор. Покрај тоа, американската Академија за педијатрија препорачува против заедничко спиење со детето, поради неговата поврзаност со синдромот на ненадејна смрт кај доенчињата.
Луѓето се единствените цицачи кои практикуваат овакво раздвојување на мајката и бебето, но се досега физиолошкото влијание од оваа практика врз бебето беше непознато.

Одвоеноста од мајката е голем стресор за бебето
Истражувачите ја мереле брзината на отчукување на срцето на бебиња стари два дена , во текот еден час (додека спиеле) за време на контакт кожа со кожа со мајката и кога спиеле сами во креветчето до креветот на мајката. Неонатална автономна активност била повисока за 176%, а мирниот сон бил за 86% понизок кога бебињата спиеле одвоени од мајката, во споредба со кога спиеле во контакт кожа со кожа.
Д-р John Krystal, уредник на Biological Psychiatry, овака ги коментира наодите на студијата:
Овој документ го истакнува големото влијание на одвојувањето на детето од мајката. Знаевме дека тоа е стресно, но оваа студија укажува дека се работи за голем физиолошки стресор за детето.
Ова истражување се однесува на чуден парадокс, објаснува авторот на студијата др. Barak Morgan:
Во експериментите со животни, одвојувањето од мајката е вообичаен начин за создавање на стрес, со цел да се проучуат штетните ефекти врз развојот на мозокот на новороденчето. Во исто време, одвојувањето на човековите новороденчиња е вообичаена практика, особено кога е потребна специјализирана медицинска нега (на пр инкубатор). Контактот кожа со кожа со мајката ја отстранува оваа контрадикција, и нашите резултати се прв чекор кон разбирањето зошто бебињата подобро напредуваат кога се одгледуваат во контакт кожа со кожа со мајката, во споредба со кога се ставени во инкубатор.
Потребни се понатамошни истражувања за да се разбере реакцијата на новороденчето на одвоеноста од мајката, вклучувајќи и тоа дали се работи за продолжена реакција и дали има долгорочни ефекти врз невралниот развој.
Во секој случај, контактот кожа со кожа има познати бенефити, и секако, повеќето ќе се согласат дека непотребното изложување на новороденчето на стрес е неприфатливо. Како што понатаму ќе се појавуваат нови докази, лекарите ќе бидат ставени пред предизвик да го вклучат контактот кожа со кожа во рутински третман, а во исто време обезбедувајки ги другите елементи на медицинска нега на новороденчето.


