Окситоцинот е за мајки и татковци

Хормонот окситоцин беше интензивно проучуван откако се пронајдоа докази дека придонесува за социјално поврзување помеѓу љубовниците, пријателите и колегите. Освен тоа окситоцинот игра и огромна улога при породувањето и мајчинското однесување. Но интересно е што новите истражувања открија дека окситоцинот игра голема улога и во преминот кон татковството.


Испитани се 80 парови кои за прв пат станале родители. Нивото на окситоцин кај паровите било измерено 6 седмици по раѓањето на бебето и потоа повторно кога бебињата наполниле 6 месеци. Во исто време било следено и однесувањето на родителите.

Резултатите од истражувањето биле многу интересни. Во двете мерења нивото на окситоцин кај татковците не се разликувало од тоа кај мајките. Производствотот на хормонот окситоцин кај жените се стимулира за време на раѓањето и доењето, но се покажало дека постојат механизми и аспекти на родителството преку кои се стимулира производството на окситоцин и кај татковците.  

Авторот на студијата Др. Ruth Feldman вели дека ова откритие ја нагласува важноста на тоа да се обезбеди интеракција помеѓу таткото и бебето веднаш по породувањето, за да се подтикне неуро-хормоналниот систем кој го овозможува формирањето на врските и зближувањето помеѓу луѓето.

Уште била откриена и поврзаност помеѓу нивото на окситоцин кај сопрузите и сопругите. Бидејки нивото на окситоцин кај една личност е високо стабилна големина, се извлекува заклучок дека постојат механизми - можеби социјални или хормонални фактори, кои ги регулираат нивоата на окситоцин на интерактивен начин кај паровите. Она што се случува во телото на едниот родител влијае на она што се случува во телото на другиот родител.

Студијата уште покажала дека нивото на окситоцин е поврзано со начинот на интеракција на родителот со детето, односно со родителскиот стил. Окситоцинот бил повисок кај мајки кои покажувале повеќе емотивно мајчинство, како гледање во бебето, искажување на позитивните чувства, љубов и пружање на емотивен допир. Кај татковците пак окситоцинот се зголемувал со повеќе стимулирачки контакти со бебето, охрабрување за истражување и насочување на вниманието на бебето кон предмети. Ова пак се поклопува со другите студии кои ја проучуваат важноста и специфичноста на улогата на таткото во животот на детето.

Многу интересно е што покачувањето на хормонот е поврзано со различни типови на родителско однесување кај мајките и татковците, иако окситоцинот кај паровите е во корелација, вели Др. John Krystal - уредник на списанието Биолошка психијатрија. Овие разлики можеби се должат на различното очекување од двата родитела, но сосема е можно дека се работи и за произведување на различни ефекти на окститоцинот врз машкиот и женскиот мозок.

Откритијата од студијата можат да обезбедат основа за нови студии, со кои ќе се испита можното пореметувањето на функционирањето на окситоцинот кај високо ризичното родителство.