Откритие дава надеж за третман на прееклампсијата

Научниците открија механизам кој го качува крвниот притисок кај прееклампсијата. Прееклампсијата е потенцијално смртоносна состојба во бременоста, која годишно во светски рамки го одзема животот на 50,000 жени и 500,000 бебиња.

После 20 години истражување, научниците од Кембриџ го разоткрија првиот чекор од процесот, кој го контролира крвниот притисок. Пронајдокот веројатно ќе има значителна примена во третманот на прееклампсијата, како и високиот крвен притисок и пронаоѓање на поефикасни лекарства.

Крвниот притисок е контролиран од хормони, наречени ангиотензини, кои предизвикуваат контракција, а со тоа стеснување на крвните садови. Контракцијата на крвните садови пак го качува крвниот притисок. Хормоните се ослободуваат од протеинот ангиотензиноген.

Се досега не беше јасно како и зошто се случува ослободувањето на ангиотензините, а со тоа и качувањето на притисокот.

Др. Aiwu Zhou, кој го направи откритието вели:

Иако нашиот главен фокус беше на прееклампсијата, истражувањето отвори нови насоки за истражувањето на високиот крвен притисок општо.
 


Резултатите покажале дека протеинот оксидира и се менува за да дозволи да се ослободи ангиотензин - кој пак ќе го покачи крвниот притисок.

Кога испитувањето било префрлено во клиника, се покажало дека кај бремените жени кои имале прееклампсија, имало зголемено количество на оксидиран протеин.

Проф. Robin Carrell од Кембриџ. кој го водел 20-годишното истражување објаснува:
 


За време на бременоста оксидативните промени можат да се јават во плацентата. Ова се токму тие промени кои откривме дека го стимулираат ослободувањето на хормонот ангиотензин, а со тоа и качувањето на крвниот притисок. Тоа се случува затоа што циркулацијата во плацентата го прилагодува снабдувањето на фетусот со кислород, во зависност од неговите потреби.
 


Лекарствата кои сега се употребуваат за третман на високиот притисок, како АЦЕ инхибиторите се фокусираат на последните стадиуми кои го контролираат притисокот. Новите пронајдоци ќе им овозможат на научниците да пронајдат нови третмани.

Високиот крвен притисок се среќава многу често во бременоста, но кај 2-7% од трудниците се развива прееклампсија, која е опасна за животот на мајката и бебето. За состојбата сеуште не е пронајден лек и често пати се индуцира предвремено породување или породување со царски рез.