Предвремено родените бебиња имаат долгорочна полза од кенгур негата
Кенгур нега - техника при која предвремено родените доенчиња остануват во контакт кожа со кожа, на градите на родителите, наместо да се стават во инкубатор - се покажа дека има траен позитивен ефект врз развојот на мозокот, како што открија истражувачите од Универзитетот Лавал.
Овој начин на нега иако се применува многу одамна, особено стана познат по случката со бебето кое беше вратено во живот откако мајката го стави на своите гради, сторијата можете да ја прочитате тука.
Студија покажа дека многу предвремено родени доенчиња имаат корист од оваа техника и нивниот мозок подобро функицонира во адолесценцијата, отколку мозокот на недоносените бебиња кои биле сместени во инкубатори.
Претходно истражување покажа дека бебињата родени пред 33-та недела од бременоста имаат повеќе когнитивни проблеми и проблеми во однесувањето во детството и адолесценцијата. Истражувачите Cyril Schneider и Réjean Tessier, од Одделот за рехабилитација на Факултетот за медицина и на Факултетот за психологија, и нивните колумбиски колеги Nathalie Charpak (од Кенгур фондацијата) и Juan Ruiz-Peláez сакале да утврдат дали Кенгур негата може да ги спречи овие проблеми. За таа цел тие направиле споредба на адолесценти на возраст од 15 години. Осумнаесет од нив биле сместени во инкубатори, 21 биле под кенгур нега во времетрање во просек од 29 дена и 9 биле родени при полн термин.
За да ги проценат мозочните функции на учесниците, истражувачите користеле транскранијална магнетна стимулација. Со оваа неинвазивна и безболна техника тие можеле да активираат мозочни клетки во одредени области, нпр. од примарниот моторен кортекс, кој ги контролира мускулите. Со мерење на одговорот на мускулите на стимулацијата, научниците биле во можност да ги оценат мозочните функции, како што се нивото на ексцитабилност и инхибиција, мобилна синхронизација, брзината на спроводливост на нервите и координацијата помеѓу двете мозочни хемисфери.
Податоците собрани од научниците укажуваат дека сите мозочни функции на адолесцентите од кенгур групата биле споредливи со оние од групата родени во терминот. Од друга страна, кај предвремено родените бебиња кои биле сместени во инкубатори имало значително отстапување од другите две групи, 15 години по нивното раѓање.
Благодарение на Кенгур негата, доенчињата се ползуваат од стимулација на нервниот систем - звукот на срцето на родителите и топлината на телото за време на критичниот период за развој на нервните врски помеѓу мозочните хемисфери. Ова овозможува тековен и иден развој на мозокот, сугерира невропсихијатарот Cyril Schneider.
Réjean Tessier пак забележува дека бебињата во инкубатори исто така добиваат многу стимулација, но често стимулацијата е премногу интензивна и стресна за капацитетот на мозокот на предвремено родените бебиња. Кенгур негата репродуцира природни услови, слични на средината која бебињата ја имаат во матката - во која ќе се развивале доколку не се роделе предвреме. Корисните ефекти врз мозокот се докажани барем до адолесценцијата, а можеби се протегаат и понатаму.


