Улогата на таткото во животот на детето
Важноста на улогата на таткото во животот на детето
Важноста на здравата врска помеѓу таткото и детето е огромна и со ништо не може да се замени. За разлика од минатото кога исклучиво се нагласуваше важноста на развивањето на односот помеѓу мајката и детето, сега се повеќе се обрнува внимание и се испитува комплексноста на улогата на таткото во животот на детето. Резултатите од испитувањата покажуваат дека важноста на таткото е многу поголема од тоа што се мислеше. Татковството е еден комплексен феномен со огромни последици врз емотивниот и интелектуалниот развој на детето.
Врската помеѓу детето и таткото има фундаментална важност за правилниот развој на детето. Оваа врска започнува да се гради уште додека детето е бебе. Играта на таткото со бебето му помага на бебето за развивање на мозокот и интеракцијата со средината преку спонтаната игра. Како детето расте, оваа игра преминува во поучување на детето како да ги решава проблемите и веќе се ориентира кон постигнување на цели.
Татковците имаат поразличен однос со детето од мајките. Тие повеќе си играат со детето. Интеракциите на таткото со детето се повеќе физички, помалку интимни, со повеќе смисла за возбуда и хумор. За детето односот со таткото е еден сосема поинаков свет од оној со мајката. Се покажува дека овие игри со таткото придонесуваат за изградба на емотивната самоконтрола кај детето, како и воспоставувањето на социјалните врски покасно во животот.
Што прават татковците
Децата по првите неколку години од животот се најотворени за влијанието на родителите. Во овој период тие се примачи, примаат не само огромна количнина на нега, утеха и сл., туку и голема количина на стимулации. Овие стимулации се не само од огромна важност, туку се и апсолутно потребни за интелектуалниот, физичкиот и особено емотивниот раст.
W. Andrew Collins - професор на иниверзитетот во Минесота, вели дека без овие постојани стимулации кај детето може да не се развие целосно чувството на сигурност и задоволство. Исто така може да не се развие и чувството на поврзаност, а со тоа и чувството за имањето на некаква контрола врз светот околу него. Главното според Др. Collins е тоа што децата учат дека нивните акции ќе предизвикаат одредена сигурна реакција кај другите. Тоа ќе им помогне да развијат здрава самодоверба.
Во првите години од животот на детето доаѓаат до израз и разликите во родителството на мајката и таткото. Начинот на кој мајките се однесуваат со детето повеќе е нежен, смирувачки и сериозен, додека татковците имаат поинаков пристап кон децата. Точната причина за тоа зошто татковците имаат поинаков пристап не е потврдена, но татковците во принцип имаат поразигран и шеговит однос со детето, кој е стимулативен и за таткото и за детето. (Кога пак таткото е примарен старател за детето, неговото однесување е послично на тоа на мајките.) Додека пристапот на просечната мајка повеќе е заштитнички од иритабилните стимулации, просечниот татко ги наголемува и постојатно ја зголемува возбудата кај детето. Постојаните разлики го приморуваат детето да се "растега" емотивно.
Оваа динамика на емотивно растегање станува поизразена кога детето ќе влезе во втората и третата година. Играта на татковците со децата е повеќе физичка, додека мајките повеќе ја нагласуваат вербалната размена и вклучувањето на објекти - како играчки во играта со детето. Татковците речиси секогаш повеќе ќе ги возбудат децата позитивно или негативно, со страв како и со уживање, принудувајки ги да научат да ги регулираат своите чувства.
Во некоја смисла татковците ги учат децата како да се справат со светот надвор од нивната врска со мајката (како што велеше и класичната теорија). Но многу повеќе од тоа, татковците ги учат децата да развијат покомплексен збир на интерактивни вештини, кои Park ги нарекува вештини на "емотивна комуникација".
Прво, децата учат да ги читаат емоциите од лицето на таткото, тонот на гласот и другите невербални знаци и соодветно да реагираат. На пример детето во игра проценува дали таткото навистина ќе го собори, ќе го "изеде" или само се шегува? Дали навистина го повреди таткото со тоа што му бркна во око? Дали таткото е уморен или расположен за игра итн.
Второ, детето учи како јасно да ги искомуницира своите емоции. На пример со плач ќе му каже на таткото дека игра премногу грубо, дека го плаши итн. Децата учат и како да покажат кога нема доволно стимулација со тоа што делуваат незаинтересирано.
Трето, детето учи и како да ја слуша сопствената емотивна состојба. На пример ако е уморно, учи дека со плачот неговиот партнер за игра ќе си замине.
Последиците од совладувањето на емоциите се далуксежни. Преку успешно справување со стимулациите и растегањето на емотивните интеракции децата учат дека тие навистина можат да предизвикаат промена како внатрешно (на своите емоции), така и во надворешниот свет (акциите на нивниот татко). Пронајдени се врски помеѓу квалитетот на врската татко - дете и развојот на одредени вештини кај детето, на пример: способност да се справи со фрустрациите, спремност да истражи нови работи и активности и упорност во решавањето на проблемите.
Вештините на справувањето со емоциите, кои детето ги совладува преку игра со таткото, покасно се одразуваат и му помагаат во неговиот однос со браќата и сестрите, а потоа и со луѓето надвор од семејството.
Начинот на кој мајката се однесува со детето (нејзината утеха) исто така се од незаменлива вредност за детето. Тоа ќе му овозможи чувство на сигурност и самодоверба. Она што го прави успешниот татко не е само стимулирањето на детето, туку е важен квалитетот на интеракциите татко - дете. Успешниот татко ќе ја надгледува и прилагодува играта, одржувајки го она ниво на стимулации при кое детето ќе биде ангажирано, но нема да се чувствува дека е притиснато. За тоа е потребно да се посвети целосно внимание во играта и реакциите кои ги покажува детето. Испитувањата кај деца од 12-18 месеци покажале дека кога детето е во стресна ситуација има тенденција прво да ја бара мајката, но повеќе смеење и вокализирање покажува кон таткото. Исто толку интересен е фактот што речиси веднаш штом детето ќе почне да лази или оди, типично ќе почне да го бара татктото за игра или за своите други потреби.
Се разбира дека и мајките можат да ги учат децата на вештините на емотивното прилагодување и растегање, но во принцип оваа улога почесто паѓа на татковците.
Во школската возраст татковците исто така имаат огромно вилјание. Тие му помагаат на детето да научи да прифаќа одговорност, го охрабруваат да превземе нови предизвици и му помагаат во моралниот развој.
За време на адолесценцијата улогата на таткото се менува и преминува во повеќе советнички ориентирана улога. Детето се уште ќе бара потврда и охрабрување од таткото во донесувањето на одлуките.
Отсуството на таткото може да биде сериозен проблем. Децата кои живеат без татковци покажуваат помала способност да формираат здрави, емотивни односи. Има и значително зголемен ризик од употреба на дрога, алкохол и друго ризично однесување. Исто така кај овие деца се забележува проблем во социјалното однесување како резлутат на недостаток на емпатија или сочувство кон другите. Децата со лоши односи со таткото покажуваат и послаб успех во образованието.
Ефектите од татко-дете односите се протегаат и во зрелата возраст. Луѓето кои имале позитивен однос со нивните таковци имаат поголеми изгледи дека ќе формираат здрави, интимни врски и ќе имаат помалку проблеми во развивањето на истите. Оние луѓе пак кои имале понеквалитетни врски со таткото имаат повеќе проблеми при формирање на интимни врски, како и потешкотии при нивното одржување и покажуваат значително повеќе проблеми при адаптирањето на новите социјални услови.