Галатопита - пита од млеко

Благо, прелесно и економично

Време на спремање: 10-15 минути + 1 час печење


Потребни состојки:

700 мл млеко
120-150 гр шеќер
180 гр гриз (може и брашно)
55 гр путер или маргарин
2 јајца
шеќер во прав
ванилин шеќер
цимет
неколку готови кори

Подготовка:

Во тенџере се ставаат млекото, шеќерот и путерот да се стопат на потивок оган. Откога ќе се стопат се појачува температурата и се става гризот (или брашното) помешан со ванилиниот шеќер. Се мати со маталка или миксер се додека не се згусне, да не биде прегусто, ниту претечно. Се трга од огнот и се остава да се подолади, па се ставаат јајцата и се меша (да не биде многу топло, затоа што ќе се сварат јајцата).
Во подмачкан плех со путер, може и во огноотпорен стаклен сад (јас користам тркалезен, со средна големина) се ставаат неколку кори, така да краевите излезат од садот за да можат да ја гушнат питата кога ќе ги подвиткате. Ако немате кори, можете згуснатиот крем директно да го истурите во тавата. Се пече во загреана рерна, на температура од 180 степени, отприлика еден час, додека не зарумени. Откога ќе се испече, се оладува, па посипувате со шеќер во прав и цимет (не многу).
Ние ја оставаме во фрижидер. Питата е блага, кремаста и вкусна.


И благодариме на нашата читателка Бобе за споделената рецепта и фотографии.